19 Април, 2024
0.0242

Одмор на Градска плажа

Објавено во: Колумни 07 Август, 2013

Добивај вести на Viber

          Бреј, што смеење удривме во 2010 година кога се отвори првата градска плажа покрај градскиот парк во Скопје. Градска плажа, па уште во Скопје?! Апсолутно невозможно. Дежурните мајтапчии кои за сите работи знаат се, побрзаа да ја наречат плажата „Коцекабана“. Демек, градоначалникот бил во Париз, видел дека таму има градска плажа, па одлучил и во Скопје да изгради една. Работите отидоа дотаму што некои му препорачаа на градоначалникот по секоја цена да ја избегнува Венеција, инаку по Вардар ќе почнеле да пловат гондоли.

          Тоа што го замислија градските татковци, тоа и го реализираа. Се донесе морска песок, се отворија кафулиња, се изградија тушеви, дури се направи и игралиште за одбојка на песок. Ама оди разбери се со оние кои наместо црвени крвни зрнца, во својата крв го имаат нихилизмот како основна супстанца. Значи, на градската плажа можеше да се испие кафе или да се игра одбојка, ама сончање и туширање – ни под разно. Некој ако помислеше на такво нешто, а камо ли да го реализираше тоа, веднаш ќе се најдеше на „врвот на топ листата“ од страна на горе споменатите мајтапчии. Нашиот мазохизам ја достигна својата кулминација кога во 2012 година се отвори уште една градска плажа покрај Камениот мост. Што е многу, многу е! Кај сме ние за градска плажа? Веројатно ни беше подобро кога основна забава на Камениот мост беа група измамници кои го криеја топчето под едно од трите кутивчиња за ќибрит и ги извлекуваа парите од наивните граѓани. Значи, некој да те види како се коцкаш на Камен мост или тоа го набљудуваш од страна, тоа може. Ама да одлучиш да се одмориш на градската плажа покрај Вардар, тоа никако! Не само што ќе дојдат сеирџии и ќе ти се смеат, туку и ќе те сликаат за на телевизија или во весник. Па после оди правдај се дека твоето ментално здравје е сеуште во границите на она што се нарекува нормално. Зошто така, драги скопјани? И до кога? Дали се чувствуваме подобро кога се враќаме од Грција без регистарски таблички и со натписи на автомобилите кои нашиот национален идентитет го множат со нула? Или е подобро кога оставаме мало богатство на туристичките агенции за да не однесат по белиот свет, а кога ќе стасаме таму се уверуваме дека хотелот е далеку од она што сме го виделе на проспектите, багажот се изгубил по пат, а превозот за назад ќе дојде три дена подоцна од терминот што бил планиран? Претпоставувам дека поголем дел од оние што мислат дека градските плажи во Скопје претставуваат невозможна мисија имаат интернет во своите домови или на работните места. За момент нека се исклучат од социјалните мрежи и нека отворат некој од пребарувачите на интернет. Ако го внесат поимот „градска плажа“ ќе можат да се уверат дека градски плажи имаат и Париз и Берлин и Брисел. Градови кои не лежат на море, но чии граѓани го имаат задоволството да уживаат на градските плажи. Градската плажа во Париз е изградена во летото 2002 година. Тогашниот градоначалник на Париз наложи на една од главните улици да се истоварат неколку илјади тони песок. На тој начин, повеќе од три километри од брегот на Сена се претворија во градска плажа која секое лето се обновува и која е многу популарна помеѓу жителите на Париз и милионите туристи кои го посетуваат градот на светлината. Истата 2002 година истоварен е песок и во Берлин, покрај реката Шпри. Како и на секоја плажа, веднаш беа изградени барови опкружени со лежалки. Овој тренд набрзо се прошири низ целиот град. И во Брисел постои урбана плажа. Посетителите на оваа плажа имаат можност да уживаат во игрите на вода, добрата музика и активностите за најмладите. Што мислите, Французите не можат да си дозволат да одат на океан или море? Па, тие ја имаат прочуената Азурна обала. Ако и тоа им е малку, можат во секој момент да седнат во авион и да заминат било каде во светот. Што мислите, Германците и Белгијците не можат да си дозволат посета на некоја од егзотичните дестинации? Ако посакаат, дел од нив можат и да купат некој од егзотичните острови. Зошто тогаш градските плажи се масовно посетени во европските метрополи? Затоа што тоа е дел од културата на европските народи. Затоа што таму е сосема нормално да се помине викендот на градската плажа. Сосема е нормално да се купи сендвич или парче пица и паузата од работното време да се помине на некоја од клупите во паркот. Сосема е нормално родителите да седнат на тревата во паркот и да уживаат, додека нивните деца трчаат наоколу. А кај нас? Е кај нас е сосема нормално да се седне во кафеана, да се „бистри политика“ и да се ронат солзи за времето кога пушачите можеа слободно да се задушуваат во чадот од сопствените цигари. Ете затоа градските плажи во Скопје зјаат празни. Наместо европски, повеќето од нас имаат „кафеански менталитет“. Се додека плукањето е наш национален спорт, одморот на градските плажи ќе претставува фикција. Нешто што е недофатливо, иако плажите се само на чекор од нас. Да завршиме со уште нешто што во моментов изгледа како фикција. Искрено се надевам дека градоначалникот или некој од неговите соработници наскоро ќе ја посетат Венеција. Па нека воведат и гондоли што ќе пловат по Вардар. Барем ќе можам од дома до работа и назад да одам со гондола. За инает на душегрижниците кои не гледаат подалеку од носот и кои читајќи ги овие редови и мене ме ставаат на „врвот на топ листата“.   д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок