21 Август, 2017
0.1275

Охрид со судбина на кохабитација - Што ќе договорат Заев и Бакрачески

Објавено во: Колумни 19 Јули, 2017

Охрид е несомнено македонскиот туристички бисер кој има огромни потенцијали за економски раст, но често бројните предлози за нови проекти биле закочени поради несогласувањата на локалната и централната власт. Да потсетиме дека мандатот на градоначалникот Петревски од СДСМ не помина најдобро додека Груевски од ВМРО-ДПМНЕ беше претседател на Владата. 

Во 2013-та Зоран Заев како тогашен лидер на опозицијата побара од владата конечно по 10 години да ја одблокира сметката на општина Охрид која на локалните избори премина во рацете на Бакрачески. Главниот аргумент беше дека општината вложила во колекторскиот систем за заштита на Охридското езеро и власта може да го презеде долгот од 10 милиони евра во интерес на сите.

Меѓу забележителните клинчови на Петрески и Груевски е двојното пуштање во употреба на локалниот пат од Лескоец  до Скребатно за кој и општината и владата тврдеа дека се заслужни за реконструкцијата и проширувањето. Исто така за време на поплавите во 2010-та Петрески и Груевски меѓусебно се обвинуваа дека беагаат од средба на која треба да разговараат за решенија на проблемите на граѓаните на Пештани.

Сега Охрид преживува слична судбина, односно градоначалник барем до октомври е Бакрачевски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кој ќе мора да ја „истурка“ летната сезона која е во полн ек со новото владино раководство на Зоран Заев од СДСМ. 

Овој необичен вид на „кохабитација“ првите резултати треба да ги даде во четврток кога Бакрачески и Заев ќе се сретнат во Скопје за да разговараат за проблемите на градот Охрид и што може да се направи. Состанокот е инициран од премиерот кој претходно имал приватна средба со градоначалникот што во политичка смисла секако е гест на добра волја. Сепак, прашање е што може да се направи во овој краток рок додека трае сезоната и дали може итно да се решат одредени итни проблеми на охриѓани.

Токму колекторскиот систем ќе биде едно од главните прашања кои Заев и Бакрачески ќе треба да најдат начин да го решат, а се пренесуваат информации дека во план е формирање на ново претпријатие кое ќе ја презеде обврската за негово управување со цел да се намали огромниот финансиски товар на Охрид и Струга кои треба да плаќаат милионски суми за струја.

Да не заборавиме дека двете најголеми партии по завршувањето на летните одмори ќе започнат и жестока кампања за локалните избори. Во Охрид се очекува да биде доста неизвесносно, историски гледано СДСМ бележеле многу локални победи, но и ВМРО-ДПМНЕ успеа да направи огромен пресврт и да ја освои општинската власт. Бакрачески не е сигурно дали ќе се кандидира за нов мандат бидејќи е хируруг и многу повеќе „пожелен“ во медицината каде може да даде најголем придонес, но засега нема многу кандидати кои се истакнуваат за нареден градоначалник на Балканскиот Ерусалим.

Конструктивен тон за соработка и реализација на проекти Петрески и Груевски имаа само во 2009-та непосредно по локалните избори кога покажуваа меѓусебна политичка култура, но потоа често влегуваа во конфликти. 

Односот меѓу Заев и Бакрачески или некој иден градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ судејќи според досегашната историја на двете партии не дава надежи дека ќе даде голем напредок, но затоа сме тука да ги критикуваме и двете страни и да им посочиме дека редно време е да се преземат сите неопходни чекори за унапредување на Охрид. 

Автор: Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

Македонија не е Србија!

Македонија не е Србија!

Омразата и злобата во овие времиња - невремиња

Омразата и злобата во овие времиња - невремиња

Санкциите и бизнис логиката на Трамп

Санкциите и бизнис логиката на Трамп