29 Март, 2024
0.1436

Оилко трупа профити, Макпетрол книжи загуби!

Објавено во: Анализа 19 Ноември, 2012

Добивај вести на Viber

Финансиските резултати на Оилко се многу интересни затоа што кога тие ќе се споредат со резултатите на Макпетрол, излегува дека на новооснованата компанија и оди многу добро, додека Макпетрол книжи загуби. Интересен е и фактот дека и во двете компании се појавуваат исти менаџери и исти акционери. Нејасно е зошто во првиот случај работат профитабилно, а во вториот со загуба?! Катерина Попоска Командитното друштво Оилко, кое од 2007 година дистрибуира нафта и нафтени деривати за Макпетрол, во првите девет месеци од годинава оствари добивка од 100.910 евра. Но, иако ова друштво првите три квартали работи во позитива, тоа е дури 84%, односно 546.000 евра помалку во споредба со истиот период лани. Од дистрибуцијата на нафта и нафтени деривати доминантно за Макпетрол, Оилко инкасираше 5,2 милиони евра, од кои речиси 76.000 евра се од трансакциите во странство. Речиси идентични приходи Оилко прикажа и за првите девет месеци лани. Според податоците од Комисијата за хартии од вредност (КХВ) за амортизација и оштетување на средствата Оилко во периодот јануари-септември годинава потроши 1,8 милиони евра, наспороти 1,6 милиони за истиот период лани. Но, финансиските резултати на Оилко се многу интересни затоа што кога тие ќе се споредат со резултатите на Макпетрол, излегува дека на новооснованата компанија и оди многу добро, додека Макпетрол книжи загуби Интересен е и фактот дека и во двете компании се појавуваат исти менаџери и исти акционери. Нејасно е зошто во првиот случај работат профитабилно, а во вториот со загуба?! Основач и најголем акционер на Оилко е Mакпетрол со удел од 30%. Оилко пак, е најголем поединечен акционер во Макпетрол, со учество од 19,94% во капиталот. Генералниот директор на Макпетрол, Андреја Јосифовски, поседува 15% од акциите во Оилко, со што е најголем поединечен акционер во компанијата. Со тоа, Јосифовски управува и со Макпетрол и со Оилко, фирма која транспортира нафта за Макпетрол. Но, интересен е фактот што Јосифовски успева Оилко да ја направи профитабилна компанија, а Макпетрол за првите девет месеци е во загуба од 460.000 евра, додека лани речиси 50.000 евра. Во 2010 година Макпетрол имаше загуба од 3,7 милиони евра, а во 2009 година од дури 4,5 милиони евра. Според податоците од КХВ, Макпетрол книжи и помали приходи од продажба за првите три квартали, од 293 милиони евра лани, на 290 милиони евра годинава. Според анализата на трошоците, во првите девет месеци од годината Макпетрол прикажува дека за вработените потрошил  близу 11 милиони евра, наспроти потрошените 12 милиони евра за истиот период во 2011 година. Податоците од Македонска берза покажуваат дека Макпетрол работел профитабилно до пред формирањето на Оилко од страна на Јосифовски и уште 20 други менаџери од Макпетрол. Според структурата на трошоците, податоците на Комисијата за хартии од вредност не даваат одговор колку 120-те вработени го чинеа Оилко во првите девет месеци од годинава. Во официјалното соопштение на Оилко до КХВ пишува дека добивката е резултат на “спроведувањето на зацртаните планови за работење како и натамошниот развој на Друштвото во рамките на дејноста на транспортот. Ваквиот тренд се очекува да продолжи и во наредниот период со што ќе се создаде основа за надополнување и проширување на работењето на Друштвото како во земјата така и во странство“. Оилко веќе пет години транспортира горива, а е формирана за потребите на Макпетрол. Компанијата има сопствена автобаза во село Миладиновци, во близина на Скопје. Има 59 автоцистерни, со кои транспортира светли деривати (бензин и дизел-горива), темни деривати (мазут и битумен) и течен нафтен гас. Зошто Макпетрол не работи профитабилно, а држи 50% од пазарот на малопродажба на горива во земјава?! Зачудува фактот што компанија која ја има најголемата мрежа, од дури 120 бензински пумпи во Македонија да прави толку големи загуби особено кога цената на бензините речиси и да руши рекорди?! Ако се земе предвид дека во малопродажбата на нафтени деривати Макпетрол учествува со 50% (10% од пазарот отпаѓа на Лукоил, а 40% на помалите трговци со нафтени деривати), работењето со загуба во последните три години е зачудувачки. За споредба, во истиот период двата други поголеми играчи во нафтениот бизнис, Окта и Лукоил, работеа со зголемен профит, кој се брои во над еден милион евра. Во последните три години Макпетрол добива и голем дел од државните тендери за снабдување со нафта и нафтени деривати на многу државни и јавни институции (податоци достапни од страницата на Бирото за јавни набавки). Оттука, се наметнуваат дилемите за лошото финансиско работење на Макпетрол?! Лошите финансиски резултати од компанијата ги правдаат со “падот на прометот на нафтените деривати за 3 индексни поени и на падот на прометот на природниот гас и тоа за 46 индексни поени во однос на истиот период од претходната година. Загубата која Друштвото ја искажа во првото полугодие од 2012 година во висина од 123,09 милиони денари на крајот од третиот квартал е сведена на загуба во висина од 28,57 милиони што е резултат на зголемениот промет на нафтени деривати во третиот квартал за 15 индексни поени во однос на претходниот квартал“.      

Можеби ќе ве интересира

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот