24 Април, 2024
0.0277

Опасната игра на Русија и Асад

Објавено во: Анализа, Свет 13 Февруари, 2016

Добивај вести на Viber

Ако треба, стратегијата на сојузниците ќе го промени целосно изгледот на Сирија, а вистинскиот победник ќе се покаже екстремизмот

На конференцијата за безбедност во Минхен во петокот беше договорен прекин на воените дејствија во Сирија, и тоа непосредно по презентацијата на новиот извештај, според кој 11,5% од сириските граѓани загинале или биле повредени како резултат на конфликтот. И двата настани се совпаѓаат со исклучително зајакнување на хуманитарната катастрофа во Сирија, како и со десетиците илјади граѓани кои бегаат од тековните воздухопловни удари на Русија над Алепо, коментира „The Guardian“.

Важно е да се напомене дека, сепак, договорот за прекин на воените дејствија не ја обврзува Русија со запирање на нејзината воздухопловна кампања, бидејќи земјата продолжува да инсистира на тоа дека таа е против „терористите“, што според договорот е дозволено. Проблемот сепак е всушност дека 80% од ударите на Русија се против сириските бунтовници, а не против групи како ИДИЛ, и доведуваат до масовни жртви.

Непобитен факт е дека сирискиот конфликт е всушност една од најкрвавите војни во поновата историја на Блискиот Исток. Но освен дека е исклучително важно меѓународната заедница да не стане бесчувствителна кон човечката цена на конфликтот, тогаш таа треба сериозно да размисли и за тоа како војната менува го ликот на Сирија и што значи тоа за светот.

Ако конфликтот продолжи на ист начин - а е исклучително несигурно дека договорот од Минхен може да биде применет, Сирија ќе се насочи кон иднина на екстремизам и долгорочни немири, кои ќе го најдат својот одраз на светско ниво.

Сите во Сирија се погодени од конфликтот. Загубата на човечки животи и егзистенција придонесува за се поголемото незадоволство на Сиријците - против режимот на Башар Асад, кој брутално ги убива сопствените граѓани, против меѓународната заедница, која индиректно му овозможува на конфликтот да продолжи преку стерилна дипломатија против странските актери чии интереси го напојуваат конфликтот, но пред сите - еден спроти друг.

Додека целта на руските воздушни напади над Алепо и други области на Сирија продолжуваат главно да се сириските бунтовници, а не ИДИЛ, станува очигледно дека тие имаат за цел да ги ослабат бунтовниците, па Русија да ја утврди агендата за прекин на конфликтот и повторно да се наметне како глобална суперсила. Не само дека ИДИЛ користи од руското уништување на неговиот главен противник на земјата - сириските бунтовници, но заработува и од постојаното растечко незадоволство меѓу населението.

Асад веќе го зајакна секташкиот карактер на конфликтот, кога се сојузи со Иран и Хезболах. Оваа стратегија се покажа целосно од корист на Исламска држава и нејзиниот наратив за виктимизација на сунитите. Руските напади врз главните сунитски области дополнително го засилија тоа.

Во меѓувреме умерено настроените во Сирија се во ризик да исчезнат. Оскудната поддршка на Западот за умерените сириски бунтовници не е доволна за да им овозможи да се противат на воздухопловните удари на Русија. За разлика од ИД која сиископала тунели против воздушните бомбардирања, сириските бунтовници немаат слична инфраструктура. Неодамна САД сериозно го намалија финансирањето и поддршката за фракциите на Слободната сириска армија.

Сопнати во стапицата меѓу режимот и неговите сојузници од една страна и Исламска држава од друга и без соодветни средства да се спротивстави на руската воздушна кампања, многу борци ефикасно ќе бидат принудени да склучат удобно сојузи со ИД и други слични екстремистички групи.

Ако тоа се случи, тогаш стратегијата на сирискиот режим и Русија ќе победи, бидејќи во Сирија ќе останат две главни групи: режимот и екстремистите. Тогаш Русија и режимот ќе можат да апелираат до меѓународната заедница и на база на борба против тероризмот.

Дотогаш сепак никаква странска поддршка нема да биде доволна за да ги отстрани екстремистите од Сирија. Како искуството во Ирак се покажа само преку соработка со локалното сунитско население можат да бидат ослабени екстремистичките џихад групи како ИДИЛ. Рамади може да се соаси од рацете на ИД само откако ирачкото сунитско население ќе се вклучи во борбата заедно со армијата. Ако поголемиот дел од сунитската заедница во Сирија чувствува незадоволство против владејачкиот режим, ИД ќе продолжи да постои.

Стратегијата на Русија и Асад во Сирија е кратковидна Слабеењето на сириските бунтовници денес и жртвувањето на граѓани во името на политичката власт го сади семето на идната нестабилност. Русија и Асад го менуваат ликот на Сирија од страна, главно населен со умерени муслимани, во земја со секташки окрузи и длабоко утврдено незадоволство. Најголемиот победник во оваа опасна игра е екстремизмот. Не само хуманитарната катастрофа во Сирија денес бара итно внимание. Важно е и што ќе значи тоа за иднината на Сирија и глобалната стабилност.

(Обработка од Гардијан)