Орбан ќе ја тужи ЕУ поради задолжителните миграциони квоти
Објавено во: Балкан 28 Октомври, 2016
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека неговата земја ќе ја тужи Европската комисија и ќе се противи против предложените задолжителни квоти за распределба на мигранти, ако Брисел не ги тргне од дневен ред.
Виктор Орбан изјави дека неговата влада ќе ги користи резултатите во неодамнешниот референдум во земјата, во кој поголемиот дел од Унгарците гласаа против квотите за да ги оспори одлуките на Брисел. Одѕивот тогаш сепак не беше доволен за да ги направи резултатите обврзувачки.
Орбан изјави дека ако ЕК не се откаже од идејата за квоти, „тогаш ќе се спротивставиме и ќе ја судиме Комисијата“. „Има сериозна правна дебата дали странско население може да биде наметнато на луѓето од земјите-членки на ЕУ против нивна волја. Ова ќе е голема битка и затоа ние треба да го измениме Уставот“, изјавил Орбан.
Според премиерот на Унгарија одлуката за прифаќање на мигрантите е прашање на национален суверенитет.