Не даваат веќе визи за работници од Северна Кореја
Објавено во: Свет 12 Октомври, 2017
Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) нема веќе да им издаваaт визи на работниците од Северна Кореја.
Со оваа мерка тие се приклучија на земјите од Персискиот Залив кои настојуваат да го спречат Пјонгјанг да ги избегнува санкциите и да заработува во странство.
Во соопштението на Министерството за надворешни работи не се споменати стотиците севернокорејски работници ангажирани во таа земја.
Сепак е наведено дека на граѓаните од Северна Кореја ќе им биде оневозможено да отвораат нови компании во ОАЕ.
ОАЕ имаат верба во единствениот глобален фронт против нуклеарната програма на Северна Кореја.
Извештајот на ОН во 2015 година покажа дека над 50.000 државјани на Северна Кореја работат во странство и му носат заработка на Пјонгјанг меѓу 1,2 и 2,3 милијарди долари годишно.
Северна Кореја е сопственик на три корејски ресторани во ОАЕ, два во Дубаи и еден во Абу Даби, а се проценува дека Пјонгјанг ширум светот има 130 ресторани.
ОАЕ е сојузник на САД. И ОН воведоа санции за Северна Кореја. Односите меѓу САД и Северна Кореја се заострија, при што лидерите Доналд Трамп и Ким Џонг Ун си разменија и навредливи зборови.Кина исто така се плаши од напади од Северна Кореја, а страв постои и кај Јужна Кореја, но и Јапонија. Медиумите пишуваа и за можна војна меѓу САД и Северна Кореја.