18 Април, 2024
0.0243

Партијата не е државата

Објавено во: Колумни 09 Декември, 2017

Добивај вести на Viber

Имам впечаток дека после локалните избори на членството на СДСМ некако не само што му олекна, ами и прилично се охрабри. Да не кажам се осоколи, ги наостри забите и се спремаше да каса, да се пресметува, да се одмаздува. Се радуваа, ликуваа, врескаа – „нашето време дојде!“ Да се разбереме, јас сум поборник за остварување на правдата – секому според заслуженото. Ако функционерите на претходната власт грешеле – да потсетам оти гледам заборавете - вклучително и оние „безгрешните“ од ДУИ – би требало да завршат пред лицето на правдата: од најниските, па сè до највисоките ешалони на власта. Особено оние највисоките – за да се демонстрира дека никој не е недопирлив пред законите и уставот. И тоа така треба да биде.

Но, она што мислам дека не им е јасно на членовите на СДСМ, а што мислам пак, дека на двајца-тројца во врвот на партијата им е јасно или пак полека им го разјаснуваат, е дека не бива баши-бозук! Не бива бе другари тоа така како што сте го замислиле. Партијата и државата не се исто. Вие сте партија на власт, ама не сте држава другари! Значи, законите, правилата, правилниците има да важат за вас и точка. Вие сте партија на власт, не сте држава, не сте институции. Тие институции функционирале пред вас и ќе функционираат и после вас. А што мислевте вие – ќе дојдеме на власт сега и има да менуваме директори, управници, шефови по волја – оти сме власт!? Има да бркаме од работа, има да вработуваме од „нашите“, има да се одмаздуваме на нивните!? Нече мочи ове ночи другови. Мислам дека тоа на двајца-тројца од врвот во вашата ви партија почнаа да им го разјаснуваат, поточно им го шепнаа од Европата и од менторите ни!

Едноставно оваа Македонија повеќе не смее да биде чмар. А за да не биде тоа, мора да престане тој партиски баши-бозук, мора државата, институциите, законите и правилата да важат за сите и да се почитуваат. И точно оттука е и револтот и незадоволството помеѓу членовите на СДСМ. Во помалите градови тоа се чувствува, се насетува. Им врие по партиските штабови. Просто како да им го слушаш крикот по улиците: „ајде, што чекаме, зошто сме млитави, неактивни, зошто споро менуваме директори, управители, началници, шефови, зошто не вработуваме наши, зошто не полниме администрација, школи, градинки..!? па за ова ли чекавме 11 години!? па они правеа така, па зошто ние сме толку `мутави`“ и слични, веќе 28 години познати, партиски рефрени.

И затоа како членови се чувствуваат и по малку изневерени и секако изнервирани. Но, затоа тука им се тие од врвот да им објаснат дека тоа повеќе нема така да иде. А, ако и на тие двајца-тројца што мислам дека им станува веќе јасно, не сакаат да објаснат, еве ние дежурните виновници од медиумите ќе им го објасниме – не иде тоа така пријатели! Пустата Европа нема повеќе тоа да го толерира, а ќе не дисциплинира преку чичко Сем. Баш како што нè искара чичко Сем за ДИК-от! Е, баш така ќе нè караат, ќе не потсетуваат како идиоти (оти тоа сме си – партиски, чипирани идиоти), што можеме, што не можеме, што смееме и што не смееме. Тоа е драги пријатели, ни се бендисува, не ни се бендисува, ама тоа е – одамна не сме си автономни, оти не сме си способни за тоа, па сега мора вака за уши да нè тегнат ко идиоти, оти баш како такви се покажавме низ сите овие 28 години: неспособни, некадарни, неморални идиоти. Нам ни пречи слободата, оти не знаеме да ја употребиме, ами ја злоупотребуваме. Ние имаме вазалска, ропска свест, ние сме спремни да ја положиме слободата пред нозете на нашиот господар, само да не понесеме одговорност што произлегува од таа слобода! Е затоа, ќе нè тегнат за уши. И ако, нека нè тегнат! Нека нè предупредуваат!

Затоа, еве, ако не ви кажуваат вашите шефови, да ве просветлиме ние дежурните виновници од јавниот простор: добата на баши-бозук мора да помине. Да, да, 90-тите конечно мора да завршат во оваа држава. Можеби сè уште и ќе пикнете по некој партиски војник во институциите, можеби и ќе има по некој „ваш“ да ви заврши работа, можеби и ќе имате уште по некоја привилегија, ќе ви отворат и по некоја врата „вашите“ и сл. Но, но, но...добро внимавајте - тоа ќе станува сè потешко и потешко. Оти ќе иде доба кога сите треба да си станеме „наши.“ Затоа и ќе иде доба, драги мои пријатели од СДСМ, кога ќе бегате од „функции“. Да, да верувајте, ќе бегате оти ќе ве тераат да работите! Ви се верува ли!? Ќе дојде тоа доба, скоро ќе дојде, верувајте, кога да се биде управител, директор, шеф...ќе биде тешко, напорно, одговорно, ќе биде тоа време кога ќе бегате од таа обврска, наместо да ја посакувате, верувајте ми. Ќе дојде дури и доба кога ќе се бараат компетенции, а не само членска книшка - е такво „тешко доба“ ќе дојде, да не ви се верува. Ќе дојде доба дури и кога „државно“ ќе биде „тешко“ да се работи. И ќе биде доба кога ќе се бара доживотно учење и доживотен напор, и кога успехот ќе се залужува, дури и во државно...И доба иде, драги сдсмовски пријатели кога нема да се менуваат управители, шефови и директори, по партиски клуч кога ќе ви писне...И уште многу тешкотии ќе нè навјасаат, верувајте. Оти така ни диригираат овие непрокопсаните европјани и шефот чичко Сем.

Значи не оти тие во врвот ви се умни и го знаеја тоа, не, ами оти така им свират и за уши ги тегнат. И допрва ќе ги тегнат. Оти повеќе шанси немаме, другари мои сдсмовски! Или ќе нè биде, или ич нека не нè биде. До таму е работата стигната. Да си знаете, да не би после дека не сме ви кажале! Оти така мора! Мора да ја јакнете државата, не партијата. Државата треба да станува сè повидлива, а партијата сè поневидлива. Оти државата не е партија, партијата може и да не ја биде, но државата – мора!

Д-р Tрајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок