20 Април, 2024
0.0784

Партиски натпревар: Кој нуди повеќе субвенции и подобри мерки за земјоделството?

Објавено во: Агробизнис 22 Ноември, 2016

Добивај вести на Viber

Субвенциите за развојот на земјоделството и овој изборен циклус се во фокусот на програмите на двете најголеми политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Сумата за субвенции која овие две партии ја ветуваат за следните четири години е приближно иста. ВМРО-ДПМНЕ најавува 600 милиони евра за директна поддршка за земјоделството, а СДСМ ветува 160 милиони евра годишно за субвенции или за четири години 640 милиони евра. Но има разлика во таргетите на партиите за развој на земјоделството.

СДСМ: Нов модел на распределба на субвенции

СДСМ најавува нов модел за распределба на субвенциите преку распредлба на парите во периодот кога на земјоделците им се најпотребни и подноставување на процедурите за добивање на субвенции.

„Во согласност со целта за исплата на субвенциите, тие ќе бидат поддршка за земјоделецот во периодот кога тој има најголеми вложувања во процесот на производството – поледелците овие средства ќе ги добиваат пред сеидбата (специфично за секоја култура); градинарите ќе ги добиваат во април-мај, пред расадувањето; лозарите и овоштарите ќе ги добиваат во текот на месец март, на почетокот на производствената сезона; сточарите во јуни-јули, кога добиточната храна може да се обезбеди по најниска цена“, стои во програмата на СДСМ.

При тоа се ветува дека за секој нов хектар земјоделска површина, субвенциите ќе ги зголемат за 20% над основната субвенција и за секое ново грло добиток со кое ќе се зголеми основното стадо, субвенциите ќе за  30% над основната субвенција.

СДСМ најавува пакет социјални мерки за земјоделците, во кои се посочуваат ослободување на земјоделците од персонален данок, еднаков третман при пензионирање за земјоделците, зелена нафта, задржување на младите во руралните средини, поддршка за руралните жени.

„Нашите цели се целосно насочување на аграрната политика кон создавање производи со додадена вредност и создавање модерно, развиено и конкурентно земјоделство, насочување на земјоделските субвенции кон профитабилни и пазарно ориентирани земјоделски стопанства, транспарентност на буџетските средства за националната програма за земјоделство и рурален развој, консолидација и окрупнување на земјоделското земјиште по стопанство, хоризонтална интеграција на субјектите во земјоделско-прехранбениот сектор и формирање на кооперативи“, се посочува во прогрмата.

ВМРО ДПМНЕ: Ветените субвенции од ВМРО-ДПМНЕ значат исплатени субвенции за земјоделците

ВМРО ДПМНЕ во прогрмата посочува дека годишно субвенциите ќе изнесуваат 150 милиони евра и ќе бидат насочени кон извозно-конкурентните производи. Партијата ветува дека најмалку една третина годишниот износ на средства ќе се насочуваат кон поддршка на инвестициите во наводнувањето, селската инфраструктура и инвестиции за модернизација на стопанствата и преработувачките капацитети. Пртијата ветува дека субвенциите ќе се добиваат согласно со однапред дефинираниот Календар за субвенции, а времето на исплата на субвенциите ќе биде усогласено според потребите на земјоделците за финансирање на земјоделските активности во зависност од карактерис- тиките на земјоделското производство.

„На овој начин ќе се создадат услови за поголемо домашно производство и извоз. Постапките за добивање на субвенциите се целосно олеснети. Почнувајќи од 2016 година се овозможи електронско онлајн аплицирање за субвенциите кое ќе продолжи и во следниот период.Ќе продолжиме да инвестираме по најмалку 35 милиони евра секоја година за набавка на нова опрема и механизација, во наводнувањето и подобрување на условите за живот во населените рурални места“, се наведува во прогрмата на ВМРО ДПМНЕ.

При тоа и во оваа изборна програма се посочуваат мерките за 50-50,односно земјоделците да плаќаат половина од износот на инвестицијата за купување нови трактори, друга механизација, опрема, основно стадо, подигање на насади, поставување систем капка по капка. ВМРО ДПМНЕ ветува инвестици во хидроситемите со кои како што посочуваат ќе се зголемат наводнуваните површини. При тоа се најавуваат мерки за финансирање на систем капка по капка и изградба на нови системи.

„Нашата цел е на долг рок, до 2025 година, да ги зголемиме наводнуваните површини за нови 24.350 хектари. Заради тоа, со дури 80% ќе го финансираме инсталирањето на системите „капка по капка“ во следниот период. Амбициозните проекти за реконструирање на постојните и изградба на нови системи за наводнување на нови површини ќе бидат реализирани преку ин вестирање на најмалку 140 милиони евра за период 2017–2020 година“, се посочува во програмата.   

Какви мерки ветуваат партиите

Двете програми се речиси дијаметрално различни во однос на правецот по кој планираат  партиите да го развиваат земјоделството. Така СДСМ во својата програма најавува ревизија на доделното земјоделско земјиште, реонизација на производството, окрупнување на земјоделското производство.

„ Ќе спроведеме ревизија на веќе доделеното државно земјоделско земјиште и категоризација на земјиштето според квалитетот, од што ќе зависи големината и времетраењето на концесијата. Сега дел од земјоделското земјиште е во раце на поединци на кои им е доделено со концесија и добиваат субвенции за него, но не го обработуваат. Погрешната распределба при доделување на земјоделското земјиште ќе ја отстраниме со законска регулатива за контрола врз производството. Затоа, ќе ги забрзаме процедурите во катастарската евиденција по основ на сопственост на земјиштето“, најавуваат од СДСМ.

Во програмата на ВМРО ДПМНЕ може да се забележи дека дел од мерките беа посочувани и во претходните изборни циклуси, како што е мерката 50-50, гарантниот фонд за полесен пристап до земјоделски кредити, хидроситем Злетовица и Лисиче. Една од новите мерки во програмата е аплицирање за субвенции без доставување на откупни белешки и месечна исплата на субвенциите за производи дадени кај откупувачите.

„Со изработка на посебен софтвер ќе се обезбеди редовна евиденција на извршениот откуп на сите земјоделски производи кои се предаваат во преработувачките капацитети. Откупувачите ќе бидат должни редовно да ги доставуваат податоците за откупените количини во регистарот во Министерството за земјоделство, врз основа на што ќе се овозможи поедноставена постапка за аплицирање за субвенциите без доставување на откупни белешки. На ваквиот начин исплатата на субвенциите за производите кои се предаваат во преработувачките капацитети ќе се одвива редовно на месечно ниво“ ветуваат од ВМРО ДПМНЕ.

ВМРО ДПМНЕ ветува најмалку 20 проценти повисоки субвенции и привилегирани стапки на задолжително социјално осигурување за стопанствата на кои земјоделството им е претежна дејност.  СДСМ ветува задолжително договарање на цената на земјоделските производи  преку посредство меѓу производителите и откупувачите, зголемување и модернизација на производството преку зголемување на поддршка за одредени култури и други мерки.

За полесен пристап на земјоделците до кредити, ВМРО ДПМНЕ ветува гарантен фонд во износ од 26 милиони долари. СДСМ најавува формирање на интервентен фонд наменет за земјоделксо-прехрамбениот сектор во износ од шест милиони евра кој ќе се користи доколку се појави проблем при пласманот на производите. И двете партии ветуваат мерки за подобра искористеност на парите од европските ИПАРД фондови. СДСМ најавува олеснување на адмнистративните процедури.

„Како помош во инвестирањето и користење на средствата од ИПАРД програмите при подигање на нови производни капацитети и за финансиска помош на земјо- делството ќе издвојуваме средства во висина од 50% од каматите за кредитите подигнати од комерцијалните банки наменети за планираната инвестиција. Ќе ја приближиме отежнатата постапка за одобрување на финансиски средства од европските фондови до секој земјоделец и ќе ги поедноставиме административните процедури за пријавување“, стои во програмата.

И ВМРО ДПМНЕ најавува олеснување на процедурите за аплицирање.

„Аплицирањето за инвестициите ИПАРД ќе се олесни преку изработка на типски проекти за различни најпопуларни инвестиции кои ќе бидат бесплатно достапни за земјоделците. Поддршка на земјоделците во подготовка на проектите ќе се обезбеди преку обучени 80 агрономи од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството. Секретаријатот за европски прашања, во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и во- достопанство и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ќе започнат со ИПАРД-караван, кој ќе има за цел да ги запознае и да ги обучи засегнатите граѓани“, стои во програмата.

Серија проекти ВМРО ДПМНЕ најавува во делот на водоводната инфраструктура, иако дел од нив се повторуваат како што се втора фаза од ХС Злетовица, Лисиче, Јужноварадарска долина. При тоа се посочуваат низа реабилитации и инвестиции во водни акумулации и канали за наводнување, како и чистење на каналите за наводнување и одводнување. 

СДСМ најавува дека годишно ќе се издвојуваат по 10 милиони евра за санација на постоечките и изградба на нови системи за наводнување, измена на законската регулатива и формирање на надлежна институција за планско користење на водите.

И двете паритии во програмите ветуваат мерки за развој на руралните средини, за саден материјал, откуп на производи и друго. ВМРО ДПМНЕ најавува формирање на Агро ТИРЗ-ови.

„За привлекување на големи инвестиции во маркетинг-логистичките центри за откуп и дистрибуција на свеж зеленчук и овошје, на големите компании од оваа област кои имаат обезбедени контакти со развиени продажни мрежи ќе им се понудат поволни услови за инвестирање и поддршка обезбедена од страна на државата кои се слични на оние што се даваат на инвеститорите во технолошко-индустриските развојни зони, односно даночни ослободувања за период од 5 години од персоналниот данок на доход, како и ослободување од ДДВ на прометот на добра кои се превезуваат и испраќаат од земјата во зоните. Инфраструктурата во зоните, како пристапот до вода, канализациона мрежа и пат, ќе ги обезбеди државата“, се посочува во програмата.

СДСМ ветува изградба на складишни и дистрибутивни ценри, и изградба на нови производствени капацитети.

„Ќе овозможиме еднакви услови за странски и домашни инвеститори. Ќе поттикну- ваме изградба на преработувачки капацитети преку доделување на локации на урбанизирано државно земјиште во поголемите производни региони (Струмица, Валандово, Гевгелија, Битола, Прилеп, Росоман, Берово, Ресен, Охрид, Тетово, Валандово и во други региони), и доделување на поволни кредити и средства од ИПАРД програмата за нивна изградба и набавка на современа технологија.  Ќе доделуваме буџетска финансиска поддршка за извозно ориентирани прет- пријатија. Таа ќе се однесува на покривање на 20% од висината на транспортните трошоци за извоз на земјоделски производи и преработки“, стои во програмата.

Т.С


Можеби ќе ве интересира

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари