19 Април, 2024
0.0256

„Патот кон 11 декември – Нахрани кучињата, не пипкај копчињата“

Објавено во: Колумни 31 Август, 2016

Добивај вести на Viber

Со признавањето на ваквите „минимум услови“ за избори, нема дилема дека исходот е опстојување на партискиот поредок што не втурна во криза.

Подготвеноста за промена на поредокот што генерира кризи, пак, е поврзана со опстојување на датум до кога навистина ќе се создадат целосни услови за демократски избори, а не со форсирање на „11 декември“.

Тоа е и репер за потенцијалот за промена на власта. Дури потоа доаѓа и прашањето која е формулата за таквата промена, оти на изборите 1+1 не секогаш е 2.

Во предвечерјето на лидерската средба на пржинските партнери на 31 август, оркестрирано се гради впечатокот дека 11 декември е идниот „оптимален“ изборен датум. Затоа, сега е потребно да се нотираат неколку непопуларни предупредувања за опасноста дека од 12 декември влегуваме во нова криза.

Нека запре предвремената опозициска „еуфорија“

Имајќи предвид дека низ „пржинската институционализација“ на кризата „бомбите“ на Заев де факто влегоа во капсула (на СЈО), може да се очекува дека сега Груевски ќе се фокусира на ова обвинителство. А, по потреба и ќе го блокира, во фаза на распуштен парламент или ќе побара и ќе добие концесии за истото да не го стори. Однесувањето на Уставниот суд во септември/октомври може да предизвика нова ,,нуклеарка” од типот на ,,аболицијата” на Ѓорге Иванов.

Исто како што самото СЈО носи одговорност за својата работа. А ќе се „докаже“ доколку предметите не опфатат само пар „покрупни“ имиња и куп колатерали и доколку тие не се ограничени само на припадници од власта или само на припадници од партиите каде доминантно членуваат и гласаат етнички Македонци.

Зафрканциите со „ад-хок“ телото за следење на медиумите и „методологијата“ за медиумскиот мониторинг за време на изборите се показател колку упорно Груевски и Тодоров играат на заморување на противникот. Заев и Шеќеринска можат да ги мантраат слабостите на ад-хок медиумското тело и методологијата за медиа-мониторинг до недоглед, но факт е дека таа е донесена легално, според „Пржино“ потпишано од нив, исто како што е нелегитимна, според здравиот разум.

Пржино 1, 2 и 3 покажаа дека преговарањето само заради некаков договор е поштетно и од непостигнувањето договор. Колку и да сум ги „згрозувал“ странските дипломати, секогаш сум инсистирал дека како и секаде на Балканот, и во Македонија е подобро да нема договор отколку да се постигне лош договор.

Ако проблемот на Избирачкиот список беа два-триесет илјади гласачи (мнозинството Албанци), тоа ќе беше јасно кажано уште на почетокот. Не, проблем се десет и повеќе пати по толку. Но, тоа веќе не е тема со административна одлука на Пржино 3 и на Ахмети, чуварот на партискиот поредок кај Албанците.

„Аман веќе од партиите“ можеше да каже секој освен Заев. Можеби дури и тој, само доколку неговиот и потписот на Шеќеринска не беше на пржинската хартија. Оваа негова изјава, по повод блокадата на ад-хок договарањето, покажува дека и тој е свесен оти прогласувајќи се за „архиепископ сеопозициски“ – непотребно презеде преголема одговорност и тежина, и влезе во стапицата решавањето на кризата да се сведе само на меѓупартиска пресметка на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Можеби за да превенира појава на паралелна, граѓанско-атрактивна политика и партии што ги доживува(ше) како загрозување на приматот.

Инсистирам на зборот „непотребно“. Прво, затоа што никој не можеше да го спречи ферментирањето на граѓанската свест по 2014. Второ, затоа што никој не му спори дека тој е претседател на најголемата опозициска партија. И трето, затоа што „бомбите“ сами по себе не се политика, но беа можност за промена на политиката. Или резимирано, затоа што ја пропушти можноста 2015 и 2016 да бидат години на промена на партискиот поредок и – власта.

Продолжението на неговата „државна коалиција“ со Груевски и Ахмети (и Тачи) во новата техничка влада, дополнително ќе му го ограничи просторот и нему и на Шеќеринска. Едно поради преголемите очекувања од таквата Влада и големите потреби, а премалите можности на СДСМ во неа. И друго, бидејќи со тоа што се дел од Владата, наместо да го менуваат - стануваат чувари на поредокот. И со тоа пречка (на вон-пржинската опозиција) во борбата против партискиот поредок - извор на кризите, заснован на пристапот „нахрани кучињата, не пипкај копчињата“.

„Концепт на концепти“ наместо партиска догма

Со горенаведеното во вид, разбирлива е дебатата во опозицијата за концептот за изборен настап. За жал, (само)промовираните гласноговорници и „веб-гуруа“ на Заев-Шеќеринска и „Бихаќка“ и натаму се залагаат за неселективно опозициско групирање, „дво-фронтовска“ изборна битка и предизборна понуда заснована на надградени политики на ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и по клучните прашања. Притоа, водени од познатите партиски догми, сметаат единствено на согласноста на опозициски настроените граѓани дека продолжувањето на власта на Груевски е штетна за државата и граѓаните.

Да, и тоа е концепт – ветувачки во 2011, но не и во 2016. Затоа, го предлагам пристапот на што пореални согледувања на состојбите, за навреме и правилно да се пресметаат ризиците, замките и противникот, со параметрите од објективни анализи и анкети пред себе. А тие, за жал, се далеку од еуфорични.

За правилен избор на концептот, покрај идентификуваните опозициски поддржувачи не смее да се испуштат од вид уште две категории граѓани. Едни се поддржувачите на политиките на Груевски и коалицијата ВМРО-ДПМНЕ+ (од убедување, интерес или и двете заедно), кои тука не се предмет на опсервација.

Другите, особено битни, се граѓаните кои не ги поддржуваат ниту политиките на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ+, ниту на Заев и СДСМ+ (од претходно искуство или едноставно, поради недоверба). Споменатите „гуруа“, свесни дека „Бихаќка“ не допира до овие гласачи, со потсмев и одбивност ги нарекуваат „неутралци“. Притоа, од немоќ премолчуваат дека овие гласачи се еднакво бројни, ако не и побројни и од определените и од оние што решиле дека нема да гласаат. А тие „неутралци“ се третината од граѓаните кои инсистираат на промена на поредокот и затоа не се препознаваат ниту во ВМРО-ДПМНЕ+, ниту во СДСМ+, ДУИ, ДПА...

Затоа, обидот да се гради изборен успех само со „своите“ гласачи, однапред е осуден на неуспех. Наместо тоа, согласен сум со новинарите и аналитичарите кои не го исклучуваат формирањето уште на најмалку еден субјект, блок, фронт и сл. – политички групации кои се опозициски, но не и дел од СДСМ+. Кога Либералната партија на 15 септември 2015 година се определи за самостоен настап, добар дел од горенаведените трендови не беа општо видливи. Денес, работите се појасни.

Постизборна соработка како кредибилен концепт

Оттука, концептот „постизборна соработка на партнери“ е подоблесен и политички покредибилен од догматскиот принцип „СДСМ+“ како единствен концепт. Овој вториот некои аналитичари срамежливо го втемелија на две основни точки: дека „СДСМ треба да биде подготвен да отстапи пратенички места“ и „да вети промена на изборниот модел“ во недефинирана иднина. Еве само 5 причини зошто ваквиот „пристап за окрупнување“ не охрабрува:

Прво, пратеник не е вработување туку функција. Описот на таа функција не е стискање копче, туку застапување политички решенија верификувани на избори.

Второ, практикувањето политика на една невмровска влада не може да е засновано на копирање на зависноста на пратениците и коалиционите партнери од раководството на владејачката партија, како што тоа е случајот сега.

Трето, изборниот модел и неговата промена не е „лижавче за деца“ туку прашање на итна потреба (пред изборите), од која „Бихаќка“ веќе отстапи (лани) во Пржино.

Четврто, концептот на „тесни резултати“ за постизборна заедничка влада на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се неприфатливи и за Либералната партија и за мнозинството македонски граѓани. Кулоарските калкулации на некои опозициони кругови за „тесен резултат“ или „минимален пораз“се сигнал дека со вакви изборни услови, изборите на 11 декември, се само нудење „топовско месо“.

И петто, СДСМ предолго „отстапувала“ места, додека „шлепачи“ и „манекени“ заземале места на чесни и посветени членови на таа партија. За продолжување на ваквата пракса, веќе си имаат доволно безгласни „коалициони партнери“.

Наместо догмата „СДСМ+“, затоа, еве на увид поинаков концепт „на концепти“. За промена, секој од нас да си ја одработиме политичката мисија што сме ја декларирале, па врз основа на принципи, програмско усогласување и взаемна контрола, вклучително контрола на јавноста, по изборите да градиме одговорна влада - наместо да се посакува протнување во „широка“ вмро-дуиевска влада.

Едноставно, Либералната партија својот успех не го гледа во неуспехот на социјал-демократите, или на некоја друга опозициска партија, туку во промената на поредокот паралелно со промената на власта.

А за тоа, концептот „Нахрани кучињата, не чепкај копчињата“ не е доволен.

Ивон Величковски, Претседател на ЛП

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок