23 Април, 2024
0.0269

Патриотизмот, врвна вредност или скромен белег?

Објавено во: Колумни 19 Април, 2013

Добивај вести на Viber

Една стара мудрост вели: патриотизмот не се кажува, тој се покажува и докажува. На оваа сентенца се навраќам години наназад и секогаш доаѓам до идентичен заклучок дека премногу зборови и мудрувања,а премалку активности и дела ја обележуваат нашата општествена сцена кога говориме за патриоти и патриотски дејанија. Можеби сурови ќе звучи, но не е далеку од реалноста, ставот дека удирањето во гради и постојаното повторување и себеперцепирање како големи дејци за сопствената кауза е наша омилена дисциплина и реторика. Во контекст на патриотизмот се поставуваат  и наметнуваат одредени прашања кои бараат одговор на следново:колку е реално голема и значајна нашата улога и задача во прокламација и ширење на сопствените достигнувања, индивидуални и општетсвени; Дали си даваме малку повеќе значење убедувајќи се себе си и другите колку сме ние добри и лојални граѓани; Дали го перцепираме етноцентризмот исклучиво во негативна конотација и дали позитивниот начин на негово поимање не прави поголеми поддржувачи на истородното и отфрлувачи на различното и поинаквото?

Патриотот не го отфрла и омаловажува културно, етнички и религиски другиот Патриотизмот како вредност треба и посакувано е да биде на врвот на вредносната хиерархиска скала на секоја индивидуа, без оглед на нејзината културна, етничка или конфесионална припадност. Патриотизмот, сфатен како суштествен општествен дискурс, подразбира преземање на активности и дејанија кои ќе значат напредок на секоја индивидуа и просперитет на општеството во целина. Патриотизмот значи да се сака но и да се чини нешто за сопствената држава, бидејќи зборовите без дела не ја чинат целината и немаат големо значење. Да љубиш и да ја сакаш сопствената држава значи и да си спремен и за поголема жртва за неа, во името на повисоките и патриотски цели.  Патриотизмот, сам по себе, вклучува позитивни мисли и размисли, но и емоции кои кај луѓето го будат и развиваат чувството за припадност и за постојност. Патриотизмот е нешто што треба да се всади кај секој човек, да се развива, да се гаи и негува, но и мудро и паметно да се насочува, посебно кога станува збор за деликатни и комплексни општествени сегменти. Патриотот не го отфрла и омаловажува културно, етнички и религиски другиот, не се срди, не заблазнува, не повредува и не навредува. Тој искрено, со ум и разум расудува, со и душа срце сака, со воља делува. Квази патриотите со текот на времето ќе исчезнат, како диносаурусите Искрен и лажен патриотизам-каде постои и дали го препознаваме. Сите специфики, горе наведени, се карактеристики за искрениот и вистински човекољубец и патриот. Епитети кои одат рака под рака со него се алтруизмот, космополитизмот, толеранцијата, искреноста, чесноста. Но вака перцепираниот патриот ни наметнува еден куп размисли кои се движат во следнава насока-колкумина кај нас, посебно оние кои се китат и се ставаат на пиедесталот на врвни патриотски дејци можат да се пофалат дека ги красат горенаведените епитети и дали сликата на искрен и верен патриот е само илузија и утопија? Не би сакала да верувам во тезата на одредени личности дека кај нас се размножуваат квази-патриоти и дека оние вистинските се раритетни, но одредени случувања и размисли на одредени елити ми ја урнисуваат и мене сликата и поимањето на вистинскиот родољубец. Но сепак ќе останам во духот на позитивизмот и оптимизмот дека сепак повеќето се вистински патриоти, чесни дејци кои се борат за вистинската кауза, кои на ум ја имаат секогаш вистината и правдината и дека ништо нема да ги попречи во истакнување на исклучиво правилни и посакувани дела. Квази патиротите со текот на времето ќе исчезнат, како диносаурусите и нивниот двоен морал и нивното полтронство ќе бидат препознаени и осудени. До тогаш да останеме во надеж дека вистинските родољуби не се националисти и фанатици, туку вистински дејци кои говорат и прават нешто за прогрес и просперитет на сопствената држава, дома и надвор од неа. Само со сеопфатна активност, само со добри дела и вистински вредности можеме да покажеме и докажеме колку ја сакаме и цениме нашата татковина. Да живееме, твориме и се радуваме во демократски втемелена и изградена држава, да опстојуваме на сопствените ставови и да го развиваме патриотизмот како нешто суштинско и свето бидејќи само така сопствената среќа ке биде среќа и бериќет и за нашата ни мила држава. Проф. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет Скопје

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок