Павлопулос: Името може да се реши само кога нема да зрачи иредентизам
Објавено во: Балкан 08 Февруари, 2018
Грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос вели дека името може да се реши само кога нема да зрачи иредентизам, бидејќи иредентизмот е спротивен на меѓународното право и на европското законодавство.
Тој уште еднаш го повторува неговиот став за Македонија, дека потребни се уставни промени, за според него отстранување на иредентистичките позиции, а потоа решение на проблемот и евро-атлантска интеграција.
„За да постои решение на прашањето за името, оваа земја, која за жал во нејзиниот Устав има поставено прашања поврзани со името и други иредентистички прашања, треба да ги донесе сите промени во правниот поредок, особено во Уставот, за да може да се најде решение на името, без иредентизам и да оди кон процесот за интеграција во НАТО и ЕУ. Ги чекаме овие промени, кои, го потенцирам тоа, се предуслов за да постои каква било перспектива за интеграција во НАТО и Европската унија“- вели Павлопулос.
Тој во воведниот дијалог на средбата со неговиот грузиски колега, говореше за т.н. национални прашања и упати пораки до Македонија, Турција, и Албанија.
Ова е пракса за Павлопулос при секоја посета со претставници од други земји.