29 Март, 2024
0.0313

Пеплосан правен поредок

Објавено во: Колумни 24 Мај, 2016

Добивај вести на Viber

Една од темелните доблести кои сака да ги реализира секоја заедница, секое општество е правдата, праведноста т.е. справедливоста. Не бадијала еден од првите политички трактати во западната мисла – „Држава“ од Платон - е посветен на оваа доблест. Како во една заедница, во едно општество да се реализира идеалот на справедливоста – тоа е клучното прашање си го поставил уште Платон, а на кое правните теоретичари се обидуваат да одговорат до ден-денес. И баш затоа во денешнава колумна сакам, драги мои, да фрлам светло на овој однос помеѓу законот и правдата. Затоа што, не знам дали забележавте, ама во истиот ден кога Собранието си изгласа  закон со кој аболицијата ќе се повлече за тие што ќе го побараат тоа од претседателот (селективна правда), судот во Скопје го одложи рочиштето за Здравко Савески и Владимир Куноски од Левица и со тоа тие остануваат во домашен притвор. И до ден-денеска се таму. А веќе следниот ден уште двајца демонстранти кои учествувале во демолирање на канцеларијата на претседателот добија шестмесечна и 12-месечна условна казна затвор. Пред тоа, пак уште еден студент кој го призна делото доби условна затворска казна од 3 месеци. На Здравко и Владимир прво им беше одреден мерка притвор 8, а потоа и 30 дена. При тоа, Обвинителството врши силни притисоци врз судството да им се определи мерка ефективен притвор, небаре се фамилијата што изнесоа милијарди од оваа држава. Секако, не размислуваат за поблага мерка, какви што им стојат на располагање (како на пример, забрана за присуство на протести), ами бараат построга мерка, кога на располагање имаат поблаги, а кои во исто толкав степен ќе им ја завршат работата заради која се ставени во домашен протвор – повторување на делото! Не ви зборува ли тоа доволно за менталитетот на властодржците!? При сето ова, процесот со правни и технички „заврзлами“, се одложува со што постои можност притворот да им се продолжи уште за 30 дена, со што тие би биле во куќен притвор вкупно 60 дена! Куќен притвор секако е поблага мерка од ефективен притвор, но само за миг претпоставете како е да се седи дома цели 30 или не дај Боже, 60 дена!? Луд ќе излудите! Е сега, во релација пак со настанот кој всушност и доведе до овој куќен притвор на Здравко и Владимир, се гледа токму тој однос помеѓу правото и правдата. А тој настан е колективната „помиловка“ на 56 лица од страна на дотичниот! Уште пред да почне било каква постапка, без воопшто и да има обвинение, надвор од секој закон, право и правда, уште пред да знаеме за што се обвинети,уште пред да ја дознаеме вистината воопшто... а вистината ослободува, зарем не!?И затоа тоа ослободување, всушност се претвори во  „ослободување“ на таа акумулирана енергија, што доведе до демолирање на неговата канцеларија. Секако, ќе речете дека за актот на насилното демолирање нема никакво оправдување, дека ниту еден чин претходно не може да се третира како причина и оправдание на оваа „незаконска“ последица. И тоа на чисто нормативно ниво може и да е така – тие извршиле акт на насилство и прекршиле закон („учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ Чл.385 ст. 1 од Кривичен законик). Но во ваков девастиран правен поредок не можете да инсистирате на чисто нормативно толкување на правото како систем од норми санкционирани од државата – оти овде државата е „под окупација“. Во вакви „гранични ситуации“ (Јасперс), се отвораат прашањата за битието на правото и законот. Битието на правото е правдата. А правото во овој систем не е одраз на правдата, не го изразува идеалот на справедливост! И само во вакви гранични ситуации и во вакво светло мора да се разгледува „вината“ на Здравко и Владимир. Затоа, само за миг ве молам, драги мои, да го видиме овој настан од аспект на тој однос: закон-правда, т.е. да размислиме троа над таа категорија „праведност“, „правда“ .т.е. „справедливост“.Во оваа држава правниот систем е пеплосан, претворен во средство на владеачката мафија за нивна лична заштита. Та тој дури не е ниту „идеологија за заштита на владеачката класа“ (Маркс), ами најбезобразно озаконување на мафијата. Во ваква ситуација мора да се направи „пробив“, прекршување на ваквиот квази-правен поредок. Не можеме во вакви „вонредни околности“ да се држиме слепо законот и правото кои всушност и не постојат. Во ваков граничен случај мора да се повикаме на супремацијата на „надзаконското право“! Праведноста е метајуристички принцип и тој треба да е одраз на: 1. човековата слобода: правото е израз на слободата и ù служи на слободата; 2. правдата и еднаквоста: праведно и еднакво постапување со еднакви; 3. сигурност за поединецот и поредок во општеството... Што од ова изразува нашиот поредок? Слободата? Еднаквост - при која двајца се притворени за столна ламба, а 56 ослободени за киднапирана држава? Или од ова произлегува сигурност за поединецот или пак се обезбедува поредокот? Мора да се шалите! Оваа држава е во нестабилна состојба затоа што не е исполнет елементарниот услов за тоа – еднаквост пред законот. Само од чувството на еднаквост се обезбедува општиот мир, не само заради принудата на државата (Роулс). Ако имате 56 „неказниви“, а вие на сиот глас врекате да се казнат оние што искршиле една ламба, тоа не само што е лицемерно, туку е неправедно! Тоа не е правда! Тоа е само демонстрација на псевдо-систем, кој казнувајќи едни сака да демонстрира важност дека еве демек сеуште функционира. Не функционира! Правниот поредок е мртов! Мерките што ги превзема „Протестирам“ преку „Шарената револуција“ не се рушење на законите и поредокот, во правно-формална смисла, ами рушење на редот и поредокот на мафијата која го киднапира системот за своите потреби! Здравко, Владимир и останатите кои страдаат по притвори и со изречени казнени мерки се само маска, залажување дека системот функционира и испорачува правда. Ова е вонредна состојба, граничен случај и не можете во такви констелации да се „изживувате“ и да барате закон и правда за нив. Тоа е како во состојба на војна да ги казнувате и осудувате војниците што уништиле, да речеме, приватен имот при напад на непријателски позиции! Ете отприлика ваква би била таа споредба во вонредни околности да ги казнувате со редовни мерки Здравко и Владимир! Тие не само што не се сторители на дело, напротив, тие се „алатката“ на овој историски процес на metanoia – преумување, ресетирање, а со тоа и враќање на поредокот. А преку тоа и враќање на правото и конечно правдата и справедливоста. Само така може да се испорача стабилност во ова парче земја. Оти навистина без правдата како идеал, мирот е невозможен! Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?