ПЛАТИ ВО ЕВРОПА: Големи разлики од земја до земја
Објавено во: Економија 11 Февруари, 2017
Големината на минималната плата во ЕУ варира во многу широки граници - од 235 евра во Бугарија и 322 евра во Романија, до 1 999 евра во Луксембург.
Ова се наведува во извештајот на европската агенција Eurofound. Истражувањето е направено во врска со коментарот на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, кој рече дека секоја земја во ЕУ треба да воведе минимална плата, која е значаен инструмент во борбата против социјалната нееднаквост. Само во шест земји од заедницата, а меѓу нив се Австрија, Италија, Данска и Финска, нема дефинитивно минимална плата за вработените. Податоците покажуваат дека минималната плата е околу 1 500 евра во Франција и Белгија, а во Германија и Велика Британија се пресметува на час, нешто малку под 9 евра. Земјите од јужна Европа не можат да си дозволат толку високи плати, но сепак минималната плата е повисока отколку во „новите членки" од Источна Европа, наведува агенцијата. Во Грција на пример минималната плата е 586 евра, во Португалија е 557 евра, а во Шпанија - речиси 708 евра.
Во секоја од земјите, со исклучок на Грција, има раст на минималната плата во однос на 2016 година. Најзабележително е зголемувањето во Романија - 38%. За последните седум години во Романија, исто така се забележува најголем раст на минималната плата - со 142%, а во Бугарија зголемувањето е со 92%. На спротивна страна е Грција. Таа е единствената држава во ЕУ, каде минималната плата се намалува од 2010 година - 20%.