Плоштадот на ВМРО-ДПМНЕ потроши уште 3 милиони денари од градскиот буџет
Објавено во: Македонија 16 Август, 2017
Град Скопје потпиша анекс на договорот за изградба на плоштадот ВМРО кој се наоѓа пред седиштето на партијата ВМРО-ДПМНЕ во Центар, попознато како „бела палата“. Анексот на договорот е во износ од 50.000 евра и е потпишан во постапка со договарање без објавување на оглас.
Во објавениот договор не е наведено за какви непредвидени работи е ангажирана кавадаречката фирма „Урбан инвест“, која воедно беше и изведувач на самиот плоштад.
Со ова трошоците за уредување на плоштадот пораснаа на 1,4 милиони евра, или со ДДВ на вкупно 1.757.868 евра.
Основниот проект за плоштадот „ВМРО“ го изготви фирмата „Факом“ од Скопје. На јавниот простор беа поставени канделабри во стил увезен од западноевропските метрополи, но надополнети со амблеми на ВМРО. Фонтаната и спомен обележјето пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ беа изработени од скулптурката Елена Дуковска.