По двете пресуди ново рочиште за „Шамарите во Центар“
Објавено во: Македонија 07 Декември, 2017
Во Кривичниот суд денес ќе се одржи ново рочиште за случајот „Насилство во Центар“ познат и по нарачаните шамари од страна на Груевски што се слушна во „бомбите“ кои судот ги прифати како докази.
Досега во овој случај двајца обвинети ја признаа вината и во продолжена одвоена постапка беа осудени условно откако изразија жалење за стореното дело. Предметот и натаму меѓудругите се води и против првосоомничениот Никола Груевски.
На претходните рочишта вина за настаните пред општина Центар во јуни 2013, признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски.
Обвинети се уште 12 лица, меѓу кои лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова.
Тие се обвинети од СЈО за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година. Апелацискиот суд ја прифати жалбата на СЈО и одлучи дека во доказната постапка може да се користат снимките од прислушуваните разговори.