Подготвена е првичната техничко-економска документација на гасоводот ТАП
Објавено во: Свет 27 Март, 2013
Заврши разработката на првичната техничко-економска документација за Трансјадранскиот гасовод ТАП за пренос на природен гас од Каспискиот регион преку територијата на Грција, Албанија и Италија до други европски земји, соопштуваат грчките медиуми.
Изградбата на гасоводот, што се смета за конкурентен на идниот руски гасовод Јужен поток, е планирано да почне во 2014 година.
Гасоводот ТАП е со должина од 478 километри и минува преку северногрчкиот град Комотини, ја пресекува Албанија, и по дното на Јадранско море стигнува до пристаништето Бриндизи, во јужна Италија.
Во проектот учествуваат швајцарската енергетска компанија Axpo AG (со 42,5 отсто), норвешката Statoil ( со 42,5 отсто) и германската EON Ruhrgas.Претпоставената пропусна моќ на гасоводот изнесува 10 милијарди кубни метри гас, со можност да се зголеми до 20 милијарди.
Весникот „Нафтемборики“ пишува дека техничко-економската документација на 31 март ќе му биде претставена на раководството на проектната компанија на гасоводот ТАП, претставувана од конзорциумот Шах Дениз, која, пак до јуни ќе треба да се произнесе за способноста за транспортирање на гасот до Европа.
Изградбата на гасоводот, по кој ќе се пренесува гасот од наоѓалиштето Шах Дениз 2 во Азербејџан, треба да почне следната година и да заврши во 2018 година.