29 Март, 2024
0.0257

Погледнете кој се најсреќни луѓе на светот

Објавено во: Стил 07 Август, 2013

Добивај вести на Viber

Данците се најсреќни луѓе. Заклучок е од приказната која ја донесува британскиот јавен сервис Би-Би-Си за животот во Данска. Како причина за таа среќа на Данците, се наведува фактот дека тие, за разлика од останатите, не копнеат по пари, општествен статус и не обрнуваат внимание на големината и изгледот на куќата во која живеат.

- Оваа земја со многу мала популација живее еден лагоден и идиличен живот. Данците, на пример, во просек работат помалку од останатите во Европа, но исто така заработуваат помалку од некои европски земји како што е Велика Британија. Воедно, Данска е земја во која жените го заземаат поголемиот простор на пазарот на трудот од остатокот во Европа, но исто така тоа е земја во која не се работи доцна во вечерните часови – наведе Би-Би-Си.

Кога ќе се земат предвид наведените особини, Би-Би-Си се прашува како тоа Данска успева и како Данците не покажуваат поголеми амбиции и желба за успех во изградба на своите кариери?

Познатиот професор од данскиот Универзитет во Аархус, Кристијан Бјорнсков објаснува дека Данците – се среќни и задоволни луѓе бидејќи не сакаат да ги покажуваат своите успеси и не ги интересира нечиј социјален статус при склучувањето на пријателства и општествените односи.

- Данците се амбициозни. Но, не сакаат на секого да ги покажуваат своите амбиции. Тие сакаат да остварат успех, но тоа не го изнесуваат во јавноста. Исто така, кај нив можете да имате социјални врски со луѓе кои имаат социјален статус тотално поинаков од вашиот. Така кај нив нормална појава е да голф со својот домар или дадилка, како и тоа да играат тенис со некој кој има целосно поинаков живот. Тоа значи дека прифаќаат различни начини на живот. Кај нив не постојат начини на живот кои се табу тема. Не постои исправен и погрешен живот, така во Данска можете да изберете живот кој ви одговара на вас – тврди овој професор по економија кој се занимава со истражувања на поврзаноста на задоволството во животот и материјалниот статус во општеството.

Инаку, според резултатите на последниот индекс на животното задоволство, Данска е прва, а следат Финска, Швајцарија, Норвешка и Шведска.

Би-Би-Си донесува приказна за животот на Британецот Фил и неговата сопруга од Данска Тања Госнеј, кои живеат во Копенхаген.

Фил кој веќе пет години живее и работи во Данска, смета дека во таа земја се е многу поразлично, а посебно го забележал фактот дека во Велика Британија многу подолго се работи отколку во Данска.

Потенцира дека Данците се среќни и задоволни бидејќи државата многу се грижи за нив, дека грижата за децата во Данска е многу поевтина и поквалитетно организирана од останатите земји во Европа.

- Исто така и параметрите за успех во Данска се многу поразлични бидејќи се става помал фокус на парите, статусот и не се обрнува преголемо внимание на тоа во каква куќа живеете – тврди Фил.

Би-Би-Си напоменува дека семејството како општествена институција е многу стабилно и има здрави основи и наведува дека речиси сите жени во Данска работат додека нивните деца не претставуваат пречка за градење на кариерата, бидејќи државата се грижи за децата.

Исто така, како и во повеќето европски земји, работното време кај Данците трае од 08.00 до 16.00 часот и Данците на крајот на работното време задолжително одат дома за да поминат квалитетно време со семејството.

Би-Би-Си наведува дека Данците плаќаат и превисоки даноци. Така граѓаните кои сакаат да остварат големи успеси во животот и кои сакаат да бидат над просекот, подвргнати се на поголеми даноци од остатокот од општеството.

- Животот на просечен Данец во Велика Британија би бил неуспешен и чуден бидејќи во таа островска земја сите грабаат кон успех и кариера – пишува Би-Би-Си.