Полицијата има многу податоци за „помагачите“ на Грујевски и Бошкоски, потврди Спасовски
Објавено во: Македонија 26 Октомври, 2017
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вели дека имаат многу податоци за луѓето коишто им помогнале во бегството на поранешните вработени во УБК, Горан Грујевски и Никола Бошкоски, но и дека информациите не се за споделување со јавноста.
Спасовски изјави дека заедно работат со Обвинителството.
Одговарајќи на новинарско прашање дали постои можност поранешните началници во УБК да се „пазарат“ со грчките службите околу споделување на информации за она што го работеле во изминатите години, Спасовски рече дека нема „ниедна информација што досега не е споделена со јавноста“, односно дека јавноста преку т.н. „бомби“ имала можност да ги слушне разговорите за нивната работа.
Грујевски и Бошкоски беа уапсени во Солун на 18 октомври со лажни бугарски пасоши. Тие се обвинети во предметите на СЈО. Во „Таргет“, „Тврдина“ и „Тврдина 2“ се товарат за нелегално прислушување и за уништување на системите за прислушување. Постапката за екстрадиција ја води Министерството за правда.