19 Април, 2024
0.0257

Политиката и моралот – реалност и контрадикторност

Објавено во: Колумни 12 Април, 2013

Добивај вести на Viber

Политиката, политичките настани и носителите на политички функции се центарот на интерес на граѓанинот во нашето граѓанско општество. Можеби е чудно во ерата на глобализација, во време на информационен и информациски бум, во период на експанзија на прогресивни идеи и технологии, политиката и политичките случувања не само што не го загубија здивот со новитетите, напротив, се повеќе се предмет на интерес и коментар на секој македонски граѓанин.

Прашањето кое се наметнува и кое бара сериозна анализа се однесува на суштината на интересот за политика, односно преформулирано би гласело Зошто македонскиот граѓанин е премногу заинтересиран за политика и зошто како насушна потреба ја чувствува жедта за коментирање, појаснување и вклучување во политичката арена. Одговорот не е едноставен и еднодимензионален, но може да се сведе на заклучокот дека земја која има економска нестабилност, енормно висок степен на невработеност и сиромаштија неминовно е да ги втурнува сопствените граѓани во политичка арена во која битката не е нималку лесна, напротив, е бескрупулозна и изобилува со активности и настани кои се далеку од општествено посакуваното и општествено прифатливото.

Политиката ги бодри партиски верните, а ги гони партиски необоените Политиката ги велича послушните и конформистите, а ги маргинализира самостојните и самосвесните, политиката ги бодри партиски верните, а ги гони партиски необоените, политиката ги сака поддржувачите и полтроните, а љубов откажува на индивидуалците и борбените. Политиката кај нас ги етаблира на пиедесталот на носители на врвни политички функции оние чии ставови апсолутно се идентични со ставовите на лидерот, оние кои не отстапуваат од партиско-политичката матрица на која и припаѓаат, луѓето чиј карактер е подведлив, чии мисли и ставови се ригидни, а чие однесување е во склад со однесувањето и држењето на првиот-лидерот. И што добиваме во еден таков политички дискурс-политички клончиња, со испрани мозочиња, со искривени кичмички и со слаби гласчиња. А дали политиката е дејност за слабаци или бара јунаци, дали таа е активност која треба да биде водена од чисти и силни  или од маскирани и извалкани лица, дали е феномен во кој преовладуваат умствено моќните или оние другите физички силните? Политичката елита сиве овие години, од осамостојувањето до денес, не е елита која ќе наметне влијание изолирано од секојдневниот популизам, не е елита која подржува силни индивидуалци и интелектуалци, далеку е од елита-предвесник на позитивни трендови и прогрес и нималку не е блиску до епитетот политичка елита-пример за чест и почест. Морално и вредносно изграден политичар е синоним за добар и едуциран граѓанин Политички БОН-ТОН, вистинитост или контрадикторност, јаве или фатаморгана, рационалност или илузија, реалност или утопија? Прашање за социолошка анализа, но  и за подлабоко општествено елаборирање. Политичкиот бон-тон на нашата политичка сцена е далеку од вистинскиот и правилниот бон-тон во политиката. Вредностите и нормите кои се етаблирани кај политичарите и кои се двигатели на нивното однесување и дејствување се морални начела во кои се вулгаризира и преиначува суштината на самата вредност и норма. На прашањето дали постои морал во политиката или дали политиката апропо епитетите кои и се препишуваат поседува морални скрупули,  без тронка страв и срам ќе кажам не, односно, моралот во политиката е мисловна именка. Аргументи за овој мој став има доста, но ќе наведам неколку: Вредностите како што се чест, чесност, принципиелност, одговорност, вистинитост, трпеливост, доблесност се вредности кои не се на врвот на моралната скала кај политичарите, некаде се затскриени и маргинализирани. Дејанијата поврзани со тие вредности не соодветствуваат со политичката активност и секојдневната политичка клима и токму затоа на површина испливуваат некои други норми, кои се светлосни години далеку од правилните, вистинските и општествено потребните. Во политичките платформи и програми зборовите морална должност, морална одговорност и морална санкција не постојат, со право можеби, за да никој и не се повикува на нив кога ќе бидат прекршени. Е затоа политиката и моралот се дистинкцирани поими, не сврзани, изделени и разделени, затоа се косат во реалноста, но и избегнуваат во мисловноста. За да се врати политиката на вистински пат и да биде водена од вистински луѓе потребно е моралниот дискурс да е носечки во политичкиот хабитус, бидејќи само така ќе имаме политичари со интелектуален, сознаен и вредносен капацитет кои вистински и правилно ќе се носат во костец со сите проблеми кои го тиштат македонскиот граѓанин. Морално и вредносно изграден политичар е синоним за добар и едуциран граѓанин. Проф. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија, Филозофски факултет Скопје

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок