Последиците од „пресметката“ Геровски-Палевски
Објавено во: Македонија 19 Септември, 2017
Вчерашната „пресметка“ меѓу новинарот Бранко Геровски и екс политичарот Љупчо Палевски покажа колку јавноста го има спуштено гардот и не може да се одбрани од сензационализам и пред се фаќање сеир. Најпрво тука се бројните очекувања дека ќе има вистинска физичка пресметка пред очите на сите, дека ќе има хаос и примитивизам.
Второ, тоа што многу разочарува е што целиот „двобој“ иако беше однапред закажан и имаше јасни изјави претходно дека ќе има некаков вид на пресметка не дојде до обид на полицијата да ја расчисти ситуација и да се обиде да ги раздвои посочените учесници.
Понатаму, ваквата лакрдија само ја потврди и поделеноста на медиумите, но и нивната идеологија, гледаме дека екс владините портали веста ја пренесоа триумфалистички како Палевски со истурањето боја да постигнал национален подвиг па можеби ќе си добие и споменик од некоја идна влада. Вторите пак, ги повторија истите флоскули на себесожалување, на ширење страв и параноја, користејќи термини како багра, демек ете тие биле примитивните од другата страна.
Некогаш работите треба да се разгледаат и реално и присебно, да не се политизираат непотребно иако целиот тој сооднос Геровски-Пендаров-Палевски е дел од една неубава политика, од едно улично или кафанско новинарство кое зазема сепак, многу високо место меѓу публиката која се „пали“ на штософи.
Јавната сфера во Македонија одамна е исфлекана, па уште неколку дамки можеби и нема толку многу да се забележат.