20 Април, 2024
0.0235

Последна партија покер на лидерот, може ли да се извлече со блеф?

Објавено во: Колумни 16 Мај, 2016

Добивај вести на Viber

Се додека лидерот на владеачката партија со меѓународниот фактор зборува за „наметната политичка криза“ и за посветеноста на неговата партија во надминување на истата, ние ќе бидеме далеку од вистинската разврска на кризата. Замислете, симболот на криминалот во државата, за кој веќе и неговите не  спорат, туку баратаат со контра одговор дека не е до толку или и овие другите се лопови, што воопшто не го амнестира од ниедно дело, дискутира за потребата од посветеност на сите субјекти,  за нивна активна партиципација и искрен пристап. Да не беше трагично ќе беше смешно. Не  ми е познат концептот на работа на германскиот специјален претставник Јоханес Хајндл, но доколку и при следната посета, со Груевски разговара како со партнер од кој ќе чека да прифати конструктивно решение со цел надминување на политичката криза, тешко на Хајндл, на опозицијата, а најтешко на граѓаните кои од меѓународниот фактор очекуваат решение. Не е возможно да се бара конструктивност од човекот кој со криминално владеење ја доведе земјата до најголема криза од нејзиното осамостојување и во исто време на тој човек да му се даде правото  да  се претставува како борец за излез од кризата и тој да бара таква посветеност од другите политички субјекти. Притоа,  не му смета што на јавна сцена  неговите во државните органи и институции со сите сили и средства настојуваат да се сопре демократското разрешување на кризата. Повеќе пати го препрочитав соопштението од средбата на Хајндл и Груевски кое беше испртатено од штабот на лидерот и никаде не сретнав ниту збор за барањата на јавноста за одлагање на закажаните избори (поради неостварени услови за одржување на слободни, фер и демократски избори), за отповикување на незаконските одлуки за негова аболиција и на неговите соработници од врхушката на власт, за  престанување со опструкции на работата на Специјалното јавно обвинителство... За Груевски овие проблеми не постојат. Очигледно е дека  уште никој не му кажал оти „изборот од народот“ не го ослободува од одговорноста за сторени кривични дела. Дури ни изборот од народот не дава право да се  владее наспроти Уставот и законите. Верувањето во тоа само уште повеќе го турка во криминализирање  на неговите постапки и однесувања, води кон усијување на тензиите во општеството и конфронтација со   земјите со кои сакаме да се интегрираме (бидејќи ништо што е со нив договорено не се остварува). А тие јасно ставија до знаење дека за изборите нема услови кои би ги легитимирале како кредибилни, аболицијата треба да се поништи, а на Специјалното јавно обвинителство да му се создадат нормални услови за работење. И со едно читање на  „инспиративното“ штабско соопштение, може да заклучите дека лидерот не е силен како што се претставува, но и дека, сепак, сериозно се подготвува за   одење на избори, во трка сам со себе. Сметката е провидна. Аболиран, со „бриљантна победа“ на избори сам со себе, со претседател што ќе му довери мандат да формира влада и парламент што ќе ја избере,  Груевски,   ја започнува својата последна игра покер со очигледен блеф, но, со верување дека останатите политички субјекти ќе се исплашат од неговата дрскост и фалби  во поглед на неговата сила, и ќе се предадат, односно ќе се откажат од условите за фер и демократски избори.  Дури нуди дека по три месеци ќе одржи и нови избори. Значи, за него закажаните се во тек и не се спорни. Ситуацијата е сериозна и треба да се направи се’ што можно за да се  осуети опцијата „сам на избори“. За да не биде доцна. Бидејќи, по изборите, колку тие и да се нелегитимни, најавуваните санкции ќе бидат задоцнети, а штетите од нив најмногу ќе ги почувствуаат граѓаните, затоа што за тие за кои се наменети се веќе добро обезбедени. Останува надежта дека, по аболицијата на врхушката, партнерите во последната покер партија на Груевски (опозиционерите и странските претставници)  знаат со кого имаат работа и нема да ги фрлат картите за тој да се извлече со блеф. Мораат да играат до крај, додека тој не се предаде, пред да го реализира блефот. Тоа и за нив е единствената алтернатива. Или ќе се изборат за демократска иднина на Македонија или татковината ќе биде земја во која криминалците ја водат политиката. Веќе е излишно да ги повторувам  бројките кои речиси секојдневно се презентираат, а кои ги покажуваат резултатите од децениското владеење на Груевски. Да споменам само дека Македонија е меѓу неколкуте најсиромашни земја во Европа, земја со највисок степен на невработеност, со најниски плати и пензии, земја со висока корумпираност и катастофален демократски дефицит. И покрај вдвојувањето на долговите земјата едвај успеа да го надмине годишниот раст на БДП од 3%. Отплатите на долговите веќе го „зафаќаат“ порастот на БДП и затоа никој (освен капиталот) не го чувствува порастот. Издиша балонот „Инвестирајте во Македонија“. Недостигот на нов доход власта го надокнадуваше со популистички политики кои ги остваруваше со значајни прераспределби во земјата, кои на крајот се сведуваа на префрлање „од шупло во празно“. Важно беше само тоа, во изборна година, да се задоволат таргетираните групи од осиромашеното население. За да се одржи на власт, Груевски посегна и по иднината на нововработените. Не само со задолжувањата кои не дадоа развојни ефекти, а им се оставаат во аманет за враќање, туку наметна и услови во кои нововработените почнуваат со работа со минимални уплати за пензиско и инвалидско осигурување, а некои и без тоа. Што ќе биде кога ќе дојде време за пензионирање нека се мислат тие. Важно е да се работи!? Во услови на длабока политичка криза и големи неизвесности во нејзината разврска се затресе и „зацементираниот финансиски систем“. И тоа од гласини. Се плашам што ќе биде ако Груевски  навистина го повлече она што се насетува како негов следен потег (почнување на изборна трка сам со себе), а странците ги остварат нивните изнудени потези за воведување на разни санкции, поради тоа што, со некредибилни избори, власта би ја напуштила определбата за изградба на систем на владеење на правото. По се’ што направи и се’уште прави,  веројатно е дека Груевски е подготвен да го одигра   ирационалниот потег, доколку навреме не му се застане на патот. За жал, неговата општа состојба го води кон решение - после мене потоп, иако интересот на земјата е да се избегне потопот. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок