29 Март, 2024
0.0246

Последна работилница од проектот „ШАБЛОНИ“?!

Објавено во: Стил 01 Јули, 2013

Добивај вести на Viber

Препознавајќи ја потребата за еден нов, препознатлив дизајн од Македонија, „Јавна Соба“ во улога на дизајн менаџмент компанија, започна со реализација на последната и сигурно најзначајна работилница од проектот “ШАБЛОНИ”.

Станува збор за долгоочекуваната работилница за современ македонски мебел на која учествуваат 12 дизајнери, кои во соработка со производните компании за мебел „Фејдом“ и „Дамико“, ќе се изработат прототипови на мебел.

Работилницата која трае од 1 до 9 јули во просториите на „Јавна Соба“ ја водат Филимена Радоњанин и Питер ван дер Веин, двајца дизајнери со огромно практично искуство позади себе.

“Со години веќе домашните производни компании бараат иновативни решенија кои ќе ги усвојат во својот асортиман и истите ќе бидат главен атрибут за освојување на нови пазари. За дизајнерите пак од Македонија, ова е уникатна можност преку своите дизајни да влијаат на обликување на мебел индустријата кај нас.– изјави Александар Велиновски, директор на „Јавна Соба“.

За времетраење на „Неделата на дизајн во Скопје“ („Skopje Design Week“) од 1 - 6 октомври, меѓународното жири ќе одбере 3 најдобри парчиња кои понатаму ќе бидат промовирани на интернационалните саеми за мебел и дизајн фестивали во регионот. Сериското производство на првонаградените прототипови во соработка со домашните производителина мебел, ќе започнат веднаш по завршувањето на Неделата на дизајн во Скопје.

Работилницата за дизајн на современ македонски мебел е третиот и последен сегмент од проектот ШАБЛОНИ кој е партнерски организиран со Амбасадата на Кралството Холандија како и Министерството за Култура на Република Македонија.

Македонија е меѓу последните земји во Европа по број на иновации. Затоа овој тип на проекти би требало да станат секојдневна пракса, сè со цел домашниот креативен потенцијал да биде средство за промоција и финансиски бенефит.