19 Април, 2024
0.0332

Последното танго на Обама и Путин!

Објавено во: Свет, Колумни 18 Ноември, 2016

Добивај вести на Viber

На залезот од претседателствувањето американскиот претседател Барак Обама е на европска турнеја. Ја посети Грција, а денес ќе замине од Германија во Перу на заседание на Азијатско тихоокенската економска соработка. Таму веќе се сретнаа министерите за надворешни работи на САД и Русија Џон Кери и Сергеј Лавров. Веројатно во Перу за последен пат Обама ќе се сретне со неговиот руски колега Владимир Путин. Официјални најави нема, но можно е во кулоарите да седнат да поразговараат за она што го направија, и за она што не го направија во текот на осумгодишното раководење на Обама со САД.

Односите меѓу двете држави се на најниско ниво во изминатите дваесетина години. Недовербата на едни кон други си го прави своето. За танго се потребни двајца, но и за кавга доволни се двајца. Од јануари Путин ќе започне нов танц. Овој пат со Доналд Трамп, новоизбраниот американски претседател. Ќе грешат ли во чекори на паркетот? Кој ќе го одредува тактот на музиката? Со Обама се покажа дека танцувањето не оди без проблеми, за конечно танчерите да се откажат од заедничката игра. А можеа да ја играат. Веројатно на Путин му пречеше висината на Обама. А овој пак не можеше да го држи во силната прегратка својот руски партнер. Да видиме како ќе оди играта со Трамп, кој не е ништо понизок од Обама.

И во очекување на последната средба на Обама и Путин, американскиот претседател направи патување до Европа. Во Атина им даде надеж на Грците дека ќе се заложи за намалување на големата болка на Грција - долговите. Некои кај нас најавуваа дека ќе побарал од Грците да ни дозволат да влеземе во НАТО под референцата според која не водат во ОН. Официјално за тоа не станало збор. И подобро, ако не станало. Видовме како беше во Букурешт во 2008 година, кога Буш на заминување од функцијата се залагаше за отворање на вратите на НАТО за Македонија. Затоа и Обама на заминување не може да направи ништо повеќе.

Многу поважна е посетата на Обама на Германија. Тамо освен со својата домаќинка канцеларката Ангела Меркел тој доцна синоќа се сретна и со првите луѓе на Велика Британија, Франција, Шпанија и Италија. Што може да им каже Обама на соговорниците, различно од она што го кажа на пресот по официјалната средба со Меркел. Според него, ЕУ е едно од најголемите политички достигнувања во светот.Се разбира со предупредување дека тоа достигнување не треба да биде земено како готово, и треба да биде надградувано и заштитено од луѓето. Претседателот на САД потсети дека, поделбите во Европа во 20 век треба да ги потсетуваат луѓето колку е важно тие да работат заедно.

Нормално во ваква прилика, неодминлива тема е и Русија. И, оп, изненадување – Русија е „воена супер сила“, рече американскиот претседател. Обама во  март 2014 година за време на посетата на Европа изјави дека мешањето во украинскиот конфликт сведочи за слабоста на Москва, а не за нејзината сила и дека Русија е регионална држава. „Мојот принципелен приод кон Русија не се менуваше од самиот почеток на работата на сегашната функција“ рече вчера Обама и додаде:„Русија е важна држава. Таа е воена супер сила. Русија е влијателна, како во регионот, така и во целиот свет. И за да се решат редица важни глобални проблеми во наш интерес е да соработуваме со Русија. Ние сите треба да се надеваме дека Русија ќе биде успешна, дека економијата на земјата ќе цути, дека Русија ќе има добри односи со соседите и дека таа конструктивно ќе соработува во разни сфери, како промената на климата“

Не останаа неспоменати и американските вредности. „ Јас секогаш се залагав за конструктивен приод кон Русија. Но истовремено секогаш остануваа значајни разлики во тоа како ние го гледаме светот, и како светот го гледа Русија. Вредностите за кои ние зборуваме се демократијата, слободата на зборот, владеење на законот, почитување на меѓународните норми

Почитување на правата на други земји да ја решаваат нивната судбина, чување на суверенитетот и територијалната целосност. Пред овие работи ние не можеме да ги затвориме очите. Во поглед на Украина и Сирија ние имаме многу противречности“, изјави Обама.

Обама го посоветува и Доналд Трамп. Го повика да соработува со Кремљ во сферите кои претставуваат заемен интерес, но истовремено, секој пат силно да го искаже своето несогласување кога Москва ќе прави чекори кои противречат на американските принциупи. „Јас не сум уверен дека избраниот претседател до крај ќе го следи нашиот курс, но многу се надевам дека тој нема да избере едноставен приод кон во духот на „реалната политика“, кога со Русија би можеле да бидат склучени зделки без да се гледа на тоа дека тие им нанесуваат на луѓето страдања, ги нарушуваат меѓународните норми или ги повредуваат малите земји“, рече Обама. Конечно, за утеха на евроскептиците кон Трамп, по повод  неговите изјави во поглед на НАТО, Обама додаде дека стекнал впечаток дека неговиот политички наследник ја разбира политичката опасност поврзана со зближувањето со Москва, а исто така дека Трамп ветил дека ќе го сочува неизменето партнерството на САД со НАТО.

Но едно се зборовите, а друго се делата. Марија Захарова, портпарол на руското министерство за надворешни работи  вели дека навистина има некакви нови нијанси во изјавите на Обама, но прашањето не е во тоа што Русија поаѓа од тоа дали е голема држава или не е голема држава, прашањето е дека таа е подготвена да соработува. „Ние цело време бевме подготвени тоа да го правиме, без оглед на сите изјави што доаѓаа од Белиот дом. За жал се’ остануваше на зборови“, прокоментира Захарова. 

 Неколку часови претходно на редовнот брифинг во руското МНР Захарова ја обвини администрацијата на Обама  во желбата да напакости на заминување. Таа ги спомена проширените санкции од понеделникот воведени кон Русија кои, според неа, предизвикуваат сожалување. Тоа, вели таа, е поврзано со „целосната одлепеност“ на Белиот дом од реалноста и „инстиктивната желба и стремеж на администрацијата на Барак Обама, која е во заминување, на крајот да напакости“. Таа не исклучува дека администрацијата која заминува ќе се успокои со воведените санкции. „Има опасност атмосферата на односите со Белиот дом постојано да се влошува до последниот ден, но ние се надеваме дека на смена на разрушувачите, на терминаторите на руско-американските односи во Вашингтон ќе дојдат луѓе кои ќе се однесуваат повнимателно кон обостраната соработка во секоја смисла“ изјави Захарова.

Во создавањето на некакво „лошо“ наследство на Трамп, како да се вклучуваат и сенаторите. Повикувајќи се на Ројтерс, руските медиуми пренесоа дека водечки сенатори и од републиканците и од демократите подготвуваат некаков „сеопфатен“ документ-закон како одговор на сите „противправни“ дејства на Русија на Украина, во Сирија, а исто така и сајбер нападите.  „Русија е сериозен проблем за Америка. Тие не се наши партнери. „Русија е хулиганка“, изјавил за Ројтерс сенаторот Бен Карбин.

Од Перу се јави и Сергеј Лавров со изјава за еден руски ТВ канал. „Барак Обама го советувал Трамп да го разликува предизборниот чад од реалната практична работа. Имам чувство дека самиот претседател Обама се наоѓа во емотивна ситуација и се помалку размислува за тоа како да се решаваат конкретните проблеми. Сметам дека сепак ќе надвладее здравиот разум“, изјави Лавров. „А што се однесува до принципот на односите, кои ќе се воспостават меѓу нас и САД после 20 јануари, главна улога, секако,  ќе ја игра Доналд Трамп“, рече Лавров. А во меѓувреме Москва соопшти дека почнува да контактира со луѓето, кои веројатно ќе му помагаат на новиот претседател, за Сирија.

Обама заминува за Перу, а дали неговите соговорници од Европа се успокоија од „уплавот“ наречен Трамп? Како го сватија аманетот за Русија? Дали Ангела Меркел, која во меѓувреме најави дека ќе се бори за уште еден мандат како канцеларка, откако го „лансираше“ Франц Валтер Штајнмајер кон претседателската фотеља,  ќе мора да ја преземе диригентската палка во Европа? Дали дефинитивно се договорија со Обама за продолжување на санкциите кон Русија, се додека оваа не се „опамети“? А каков ќе биде одговорот на Русија кон сето ова? Се ќе биде појасно по 20 јануари. Дотогаш останува да видиме како ќе го одиграат последното танго Путин и Обама?

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

ДИРЕКТНИТЕ НАПАДИ МЕЃУ ИЗРАЕЛ И ИРАН ЗАВРШИЈА: Техеран нема да одговори

ДИРЕКТНИТЕ НАПАДИ МЕЃУ ИЗРАЕЛ И ИРАН ЗАВРШИЈА: Техеран нема да одговори

ЕРМEНИЈА ЌЕ ВРАТИ ТЕРИТОРИЈА: Четири села ќе отстапи на Азербејџан

ЕРМEНИЈА ЌЕ ВРАТИ ТЕРИТОРИЈА: Четири села ќе отстапи на Азербејџан

МЕДВЕДЕВ: Оние кои го поддржуваат Киев сакаат да го ликвидираат Зеленски

МЕДВЕДЕВ: Оние кои го поддржуваат Киев сакаат да го ликвидираат Зеленски

ИНЦИДЕНТ ВО ПАРИЗ: Маж се закануваше дека ќе се разнесе во иранскиот конзулат

ИНЦИДЕНТ ВО ПАРИЗ: Маж се закануваше дека ќе се разнесе во иранскиот конзулат

ПРЕЖИВУВАЊЕТО НА УКРАИНА Е ВАЖНО ЗА САД: Tрамп го смени ставот?

ПРЕЖИВУВАЊЕТО НА УКРАИНА Е ВАЖНО ЗА САД: Tрамп го смени ставот?

ВО СЛУЧАЈ НА ВОЗДУШНА ВОЈНА: Клучни информации за способностите на Иран и Израел

ВО СЛУЧАЈ НА ВОЗДУШНА ВОЈНА: Клучни информации за способностите на Иран и Израел

ЕСКАЛАЦИЈАТА И ТЕНЗИИТЕ НА БЛИСКИОТ ИСТОК ЈА КАЧИЈА ЦЕНАТА НА НАФТАТА: Еве како да тргувате со црно злато

ЕСКАЛАЦИЈАТА И ТЕНЗИИТЕ НА БЛИСКИОТ ИСТОК ЈА КАЧИЈА ЦЕНАТА НА НАФТАТА: Еве како да тргувате со црно злато

САД со вето го блокираше полноправното членство на Палестина во ОН

САД со вето го блокираше полноправното членство на Палестина во ОН

„НУКЛЕАРНИТЕ ПОСТОЈКИ НЕ СМЕААТ ДА БИДАТ ЦЕЛ НА ВОЕНИ КОНФЛИКТИ“: предупредување од Меѓународната агенција

„НУКЛЕАРНИТЕ ПОСТОЈКИ НЕ СМЕААТ ДА БИДАТ ЦЕЛ НА ВОЕНИ КОНФЛИКТИ“: предупредување од Меѓународната агенција