26 Април, 2024
0.0307

Површноста на популизмот

Објавено во: Колумни 19 Јули, 2016

Добивај вести на Viber

Популизмот не е само „систем“, начин на владеење, попрво тој систем е последница, резултат на менталитет, на специфична „кич-психологија“. Таквата кич-психологија нужно раѓа „кич-производи“ (како што аргументирано образложува Лудвиг Гиц во Феноменологија на кичот). Не може прецизно да се дефинира што е кич и да се разлачи од она што не е кич, но сепак, неколку карактеристики можат да ни дадат насока. Кичот секогаш е со исилена доза на сентименталност, дури и патетика, во основа артифициелност, а секако површност. Тој е инстант! Кичот не бара рефлексија, особено не само-рефлексија. Нему му е доволна само појавноста – да блешти и светка. Затоа кичот е привлечен за недоволно култивираното сетило, за нееманципираниот дух, оттука и за масите во целина. Колку кичот е „повеќе“ кич, толку пак повеќе сака да се наметне. Сите да го видат. И упорен е, упорен и досаден ко пијаница кој ви ја расправа љубовната мака во селска кафана, додека вашата култивирана пристојност не ви дозволува да му се измолкнете од канџите на неговиот смрдлив здив, нурнат во вашата пријателски развлечена насмевка. Така и со кичот – премногу сте фини и воспитани да му ја влепите една додека ви се нурнува во фаца. Умот, култивираноста и пристојноста често одат рака под рака, наспроти кичот кој оди рака под рака со вулгарноста и наметливоста.

Популизмот може се разгледува и анализира на различни начини, но мислам дека може токму и од оваа естетичка перспектива. Имено, преку неа можеме да ја видиме психологијата што стои зад популизмот, кој од овој естетички аспект можеме да го наречеме „политички кич“. Ако од естетската сфера ова го продлабочиме на антрополошко рамниште, можеме да ги анализираме феномените на популистичкото владеење на ДПМНЕ-то во овие десет години, но и на сите слични „популизми“.

Значи, импликациите би биле по следниот редослед и логика: имате „кич – главатар“: да, тој што возеше велосипед на кеј – очигледо позајмен само за таа прилика да го слика Сител, оти во кормилото и седиштето му беше три броја помал – и слушаше музика, како што вели: „според темпото на возење - брзо темпо брза музика - некое техно, споро темпо, спора музика“!? (веројатно FurEliseОд Бетовен); тој „кич-главатар“ околу себе избира „кич – соработници“: да, тие што климаат со глава додека нему му текнува да го огради езерото со „парапет“ од бетон, а овие згора бараат и начин како да го реализираат тоа; на крај тие „кич-сораборници/извршители“, ја извршуваат кич естетиката, отелотворувајќи ја во „кич-политика“, креирајќи „кич-реалност“; конечно, таа реалност го гали сентиментот на „кич-луѓето“, но и на „кич-човекот“ во секој од нас. Кругот е затворен, кичот остварен.

Затоа секаде, во сè имате саде фасади! Впрочем оттука и нивната опседнатост, да не кажам фиксацијата за фасадите и фасадирањето. И тука не станува збор само за фасадирањето на скоро секој објект во центарот на Скопје, преку фамозниот СК14-проект. Да, вклучително и тој проект, кој во случајот е само најекземпларен за нивната фасадна фиксација, но, ако се продлабочиме, ќе ја видиме истата фиксација скоро во сè. Па така ќе видите „фасадна-економија“ каде според бројките сме први во Европа (добро, во последно време Србите опасно нè стигнуваат, ама сеуште сме на врвот), а дома најмизерни. Секако, „фасадно-здравство“: со најмногу „вложувања“ во него до сега, а повторно со најголем морталитет на новороденчиња во Европа. Како и „фасадно-образование“: екстерното ќе не спаси, сè друго беше таман, само оно фалеше. И може во недоглед да се реди, но доволно е да се видат „фасадните ефекти“ од една ваква кич-политика. Токму затоа ние никогаш, во ништо не се зафаќаме со суштината.

Токму затоа, на пример, во Дојран ќе видите палми, патеки, цвеќиња...ама канализација, колектори и пречистителни станици не! Ќе видите вложени милиони во некакво си „етно-село“, додека вистинските „етно“ села се распаѓаат. Ќе видите можеби и нов асфалт во вашата општина, ама до првиот дожд кој ќе го однесе. Ќе видите многу, навистина, искрено. Кичот сака да го видите. Уметноста се крие, бара задлабоченост, долгорочна „медитација“, оттука и нејзината долготрајност. Затоа кај оваа кич-политика ќе гледате многу, но ништо нема да видите.

Ваквиот кич-менталитет просто нема храброст за длабоко промислување и долгорочно планирање. Рековме, кичот е инстант, тој нема ниту желба, но ниту капацитет за длабоко и долгорочно промислување, нему му треба да „блешти и светка“ до следните избори, до следните гласови. Ако во меѓувреме се отруете од езерото, викнете поп... за што и да е, скраја да е!

Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД