Пожарите на Закинтос биле намерни за да се расчисти областа за изградба на хотели
Објавено во: Балкан 30 Август, 2017
Шумските пожари на популарниот остров Закинтос биле намерно предизвикани од потпалувачи. Ова го изјавил грчкиот министер за цивилна заштита, Никос Тоскас, пишува Екатимерини.
Говорејќи на локално радио, Тоскас посочил дека потпалувачите можеби се обидуваат да создадат простор за "хотели на места каде што има моментално шуми".
Тоскас соопштил дека во исто време на островот се регистрирани 22 пожари и дека ова лето нивниот вкупен број е 84. Повеќето од најновите пожари се ставени под контрола во вторникот, но околу 200 пожарникари остануваат на терен. Тоскас истакнал дека многу од нив се во северниот дел на островот, каде што има "многу шпекулации и високо ризично ниво".
Министерот додаде дека пилотите со хеликоптери кои се користат за гаснење на пожарот, виделе луѓе кои се обидуваат да предизвикаат пожар
„Се разбира, постојат случаи кога пожарите се случајни, но во повеќето случаи се чини биле подметнати- се укажува на тоа“, уверува Тоскас.
„Вонредната ситуација на островот ќе остане во сила 3 месеци“, рече градоначалникот на Закинтос, Павлос Колокостас.