25 Април, 2024
0.0285

Празниот тестамент на Груевски

Објавено во: Колумни 22 Мај, 2017

Добивај вести на Viber

Новата Влада наголемо се крчка,  а Груевски продолжува да го тера својот филм. Целта му била да прати порака до партиското членство дека се‘ е под контрола, а демек, ова што во меѓувреме се случува не го засега. Иако темни облаци го имаат надвјасано, навидум „безгрижно“ најавува отварање на нови фабрики, врши контролирање на веќе започнати проекти, и нормално  ја замајува јавноста со полувистини. Ништо што досега не е видено, со таа разлика што сега со државата ќе раководи влада со поразлично парламентарно мнозинство, кое силно ќе ги мониторира сите одлуки на претходната власт и нормално на лидерот.

А, најавите и очекувањата воопшто не се розови по лидерот и токму затоа концептот на однесување му е по малку трагикомичен.  Да се правиш на „тошо“  и покрај сериозните тензии во општеството поради кризата и јавните сомневања и оптужби за бројни нерегуларности во вршењето на власта е  во најмала рака  дилетантски. Во контекст на дилитантизмот е и последната негова изјава дека ДПМНЕ на новата власт и‘ оставаат 180 милиони евра, додека во 2006, СДСМ им оставиле празна каса.

Податокот како гола бројка постои, но нема никакво квалитативно значење за состојбата во буџетот. Тие 180 милиони се дел од 3,3 милијарди евра буџетски средства утврдени за годинава. Веќе денеска се веројатно помаку за 92 милиони кои треба и почнаа да им се исплаќаат како заостанати субвенции на земјоделците, се разбира, доколку не се наплатиле некои нови приходи за да се зголеми тој износ. Затоа,  критиката дека кога тој доаѓал на власт СДСМ му оставил празна каса е бессмислица, насочена кон манипулација. Дури е тешко и да се утврди кој го направи дефицитот од 28 милиони евра во 2006 година (0,5% од БДП) бидејќи промената на власта се изврши во средината на годината. Па дури и да е на СДСМ, дефицитот е смешен износ во однос на дефицитот од 302 милиони евра што ДПМНЕ ги има предвидено за годинава. 

Оние што ја гледаат голата бројка, надвор од контекстот на вкупните буџетски средства, дури можат и да помислат дека власта во заминување остава „тестамент“ на кој можат да се радуваат наследниците. Повеќе пати сме констатирале дека нема место за радување. Во „тестаментот“ на Груевски има само долгови, а зад нив урнисана економија . Никој не знае дали изграденото соодветствува на износот на долговите, односно за колку се поголеми долговите од „богатството“. Тоа што се знае не е за радување. „Наследниците“ се исправени пред задача, со зголемување на економичноста и продуктивноста во работењето, да ја пробиваат должничката замка во која е западната земјата. Постојаното зголемување на јавниот долг, без соодветен пораст на БДП, доведе до тоа за годишните отплати на државниот долг да не е доволен износот од растот од 3% на БДП. Тоа значи дека доколку не се динамизира растот на БДП, со предвидувањата на пораст од само 3% вработените и населението нема да почувствуваат никаков пораст на стандардот. 

Во овој контекст, „огромните 180 милиони евра“ се чисто замајување на јавноста. Новата власт силите треба да ги насочи кон согледување на реалните состојби во економијата. Да ги идентификува дубиозите и да ги открие резервите. Мора да расчисти со сомневањата за вистинитоста на досега пласираните информации за растот, за јавниот долг, за неизмирените обврски на државата спрема доверителите и кон корисниците на определени права (дури сега се исплаќаат субвенции за 2014, 2015 и 2016 година). Тоа е потребно за да се оцени финансиската кондиција на буџетот. Од тоа зависи  со какво темпо ќе се реализираат изборните ветувања. Мора да се избегне опасноста да се прошируваат „дупките“ создавани со цел да се реализираат и нездравите популистички потфати на владата во заминување. Криминогено искористуваниот популизам треба да се преточи во систем на одржлива социјала. Веројатно ќе биде потребно да се изврши и ребаланс на буџетот, бидејќи не треба се заборави дека земјата нема простор за задолжувања доколку средствата не се наменети за продуктивни вложувања. А само за такви не треба ограничувања. 

Власта треба брзо да ја дефинира позицијата на државата во однос на бизнисот. Да ја определи својата позиција, а претприемачите дефинитивно да ги ослободи од стравовите од рекет, уцени и политички притисоци, така што ќе обезбеди надлежните органи стручно, чесно и ефикасно да интервенираат во корен да се сосечат такви обиди од страна на било кого. Тоа е основа за нивно ослободување да покренуваат бизниси. Во овој контекст треба што побрзо да се изнајдат средства и за измирување на нивните побарувања од државата и јавните претпријатија или барем да се понудат гаранции до кога должниците ќе ги исполнат заостанатите обврски. Бизнисот мора да знае со какви средства ќе располага во наредниот период за да може да ги планира своите активности. Од нив може да почне динамизирањето на економскиот раст, а тој е лекот за избегнување на должничка криза.

Посебни тимови треба да работаат и на подолгорочна развојна стартегија и  на системските услови за нејзино остварување. Не може да се обезбеди одржлив развој доколку не се изгради модел на урамнотежени односи на улогата на државата и на приватниот бизнис. Тие се комплементарни актери во економијата. Затоа и улогите мора да им бидат усогласени, во насока да не се загрозуваат. Тоа е клучна претпоставка да се избегне замката на популизмот, кој, во изминатата деценија, спроведуван од Груевски во неговата волунтаристичка форма, ја доведе земјата на денешното дереџе.  

д-р Крсте Шајноски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД