28 Март, 2024
0.0524

Предизборите почна, каква кампања не очекува - валкана или...?

Објавено во: Анализа 22 Септември, 2017

Добивај вести на Viber

Македонија пред нови локални избори, закажани за 15-ти октомври. Иако, најновите накети на меѓународниот републикански институт „ИРИ“ покажуваат водство на СДСМ пред ВМРО ДПМНЕ, сепак се чини дека за избираачите клучен ќе биде профилот на кандидатите, но и програмата која ќе ја понудат. Предизборната кампања според аналитичарите се очекува да биде насочена кон локалните проблеми на граѓаните, но секако партиите нема да испуштат прилика и за меѓусебни препукувања кои третираат прашања кои не се поврзани со локални проблеми, туку со теми кои би се однесувале на мигранти, договорот за добрососедство со Бугарија, пеглање на меѓународните односи со Грција итн...

Валкана или позитивна кампања

На овие локални избори, ќе имаме комбинирана кампања од национални и локални теми.

„Мислам дека ВМРО ДПМНЕ ќе се сконцентрира на црна кампања, поврзана со мигрантите, законот за употреба на јазиците..Но, истовремено ќе се фокусираат и на успесите на нивните веќе постоечки кандидати, кој повторно ќе се кандидраат како во Скопје, Аеродром, Прилеп итн.., СДСМ пак ќе јава на бранот на успесите во надворешната политика, но и со нови програми на локално ниво, решение за проблемот со загадувањето, гасификација итн, вели Никола Спасов, од агенцијата Рејтинг.

Во Македонија валканата кампања е неизбежна, смета аналитичарот Петар Арсовски.

„Мислам дека онаму каде партиите за свои адути ги имаат веќе постоечки кандидати, ќе се фокусираат на она што веќе го имаат постигнато, од друга страна и двете партии нема да ја испуштат можноста да се оцрнуваат, така што негативна кампања секако ќе има“, додава Арсовски.  

Партиите бегаат од кандидати со визија и интегритет

Голем дел од пратениците и по некој министер се одлучија да ги напуштат тие фотељи и да заминат во трка за градоначалнички мандат. Партиите се правдаат дека во сите општини излегуваат со најсилните кандидати, па затоа ако треба се вадат и пратеници и министри. Но, сепак за аналитичарите таквата состојба е поразителна, затоа што политичките партии не сакаат луѓе со визија, со интегритет.

„Кај нас има култура за неградење кандидати, не се инвестира во луѓето. Партиите не негуваат луѓе со визии, туку повеќе или помалку апаратчици. Ние се научивме да имаме хаусмајстори за градоначалници, смета политичкиот аналитичар Сашо Ордановски. Штета е што партиите не вадат на површина луѓе со визии, кои ќе знаат како ќе изгледа градот или општината за 10, 15, 20 години“, додава Ордановски.

Зошто е атрактивна градоначалничката фотеља

Градоначалничкта фотеља отсекогаш, а особено сега буди голем интерес кај политичките елити. Внатрепартиските битки за татко на општината, пред овие локални избори беа испреплетени со многу приказни. За аналитичарите градоначалничката фотеља, особено онаа во поголемите градови е атрактивна од многу причини. Прво, има загарантиран 4 годишен мандат, градоначалникот менаџира со сопствен буџет, кој во поголемите градови се движи од 20 - 100 милиони евра, понатаму е самостоен во делувањето.

„Градоначалничката позиција е особено значајна зашто се градат многу добри врски во општеството, независно од политичката партија. Личноста на градоначалникот е многу значајна, градењето на имиџот е исто така многу важен момент“, смета Спасов.

Градоначалниците се реално во позиција да завршат работа или личен проблем на граѓанин, особено што во дел од работите се практично независни од централната власт, смета Ордановски.

Зошто овие локални избори се значајни за сите партии

Овие локални избори се клучни за сите партии од многу аспекти. Ретко кога овие локални избори толку многу да влијаат врз националната полтика. Овие избори зависи судбината на Никола Груевски, од овие избори зависи начинот на кои ќе се одвиваат работите во ДУИ, понатаму опстанокот на БЕСА која одби да партиципира во Владата.

„Кога така ја гледате ситуацијата, тогаш е јасно дека одлуката за правење коалиција на СДСМ со ДУИ е стратегиска одлука на СДСМ да го зачува својот коалициски партнер ДУИ, да има стабилна влада, особено што во пролетта се очекува решавање на значајни стратешки прашања за државата“, смета Ордановски.

Сите се согласни дека Никола Груевски на овие избори го бара спасот за да може да се легитимира како претседател на партијата. СДСМ, пак истовремено сака да ја бетонира позицијата на централно ниво и евентуално при победа на овие локални избори, тогаш тие би биле во позиција да диктираат и вршат притисок за предвремени парламентарни избори.

Борба за Скопје и предизборни коалиции

Најголемо внимание во јавноста предизвикува битката за градот Скопје. ВМРО ДПМНЕ повторно ќе атакува со Коце Трајановска, СДСМ за свој адут го има Петре Шилегов. За Скопје ќе атакува и Нафије Селмани од Движење БЕСА.Освен, градот Скопје, клучни битки СДСМ и ВМРО ДПМНЕ ќе водат и за скопските општини. Во Центар, откако Андреј Жерновски се откажа од трката по нов мандат, СДСМ на локалните избори ќе трча со Саша Богдановиќ, директорот на ЈП Паркинзи Центар. ВМРО ДПМНЕ обелодени дека во Центар ќе трча со Дејан Јовановски, поранешниот македонски кошаркарски репрезентативец. Кисела Вода, ВМРО ДПМНЕ ќе трча со Јохан Тарчуловски, поранешниот хашки затвореник, а за противкандидат ќе го има Филип Темелковски од СДСМ. Општина Карпош, младиот Стефан Богоев, од СДСМ ќе се обиде да ја валоризира предноста од последните парламентарни избори во корист на неговата партија. Богоев за противкандидат го има Стевче Јакимовски, лидерот на ГРОМ, зад чија кандидатура застана ВМРО ДПМНЕ. Во Ѓорче Петров, следува дуел на Александар Наумовски од СДСМ против поранешниот министер за транспорт и врски од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Владо Мисајловски. Во Аеродром, Златко Марин од СДСМ на мегдан со Ивица Коневски од ВМРО ДПМНЕ. Иако, неофицијално, сепак се чини дека коалиционите партнери во Владата, особено СДСМ со ДУИ, имаат неформален договор за подршка на своите кандидати. Имено, ДУИ немаат свој кандидат за Скопје, а СДСМ во Чаир, па според информациите најверојатно се работи за предизборен договор. Во Чари, ДУИ ќе трча со Висар Ганиу, кој ќе се судри со пратеникот од БЕСА, Зекирија Ибраими..

Поголемите градови

Битола, Прилеп, Охрид, Штип, Велес, Куманово, Струмица, Тетово, Гостивар, се само дел од поголемите градови каде ќе се водат интересни дуели.

Пратеникот Зоран Илиоски ќе биде кандидат за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери за Битола, соопшти партијата на својата интернет страница. По три изборни циклуси ова е првпат ВМРО-ДПМНЕ да кандидира друг битолчанец за градоначалник освен Владимир Талески. Илиоски во Битола за противкандидат ја има Наташа Петровска од СДСМ.  Во Охрид д-р Митко Тилевски од ВМРО ДПМНЕ излегува на мегдан противЈован Стојаноски од СДСМ. Интересна битка за градоначалничката фотеља ќе има и во Штип, Благоја Бочварски од Штип ќе се бори против актуелниот градоначалник Илчо Захариев, од редовите на ВМРО ДПМНЕ.  Во Прилеп, ВМРО ДПМНЕ ќа атакува со актуелниот градоначалник Марјан Ристески, а за противкандиат го има д-р Илија Јованоски од СДСМ.  Во Струмица дуел на двајца доктори Марјан Бајрактаров од ВМРО ДПМНЕ против Коста Јаневски од СДСМ. Во Велес, ВМРО ДПМНЕ ќе атакува со актуелниот градоначалник Славчо Чадиев, СДСМ со Аце Коцевски. Пратеникот Максим Димитриевски е кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, додека ВМРО ДПМНЕ за свој адут го нуди пратеникот Зоран Ѓоѓеивски.

Албански политички кампус – интересни битки за Тетово, Струга и Гостивар

Во Тетово, лидерот на БЕСА, Биљал Касами ќе и се спротивстави на  актуелната градоначалничка од ДУИ, Теута Арифи. Во Струга, лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села повторно ќе се кандидира за градоначалник, а негови противници ќе бидат Рамиз Мерко од ДУИ и Лавдрим Елмази од Движење Беса. Во Гостивар, министерот за здравство, Арбен Таравари ќе се кандидира за градоначалник. Негов противник од ДУИ ќе биде Невзат Бејта. Свои кандидати имаат и од УНИТЕТИ и НДП, нивни заеднички кандидат ќе биде Шпат Хусеини, додека за БЕСА ќе се трка кандидатот Асаф Адеми. 

Анкета ИРИ: СДСМ пред ВМРО ДПМНЕ

Најомилен политички лидер во земјава е Зоран Заев, покажува последната анкета на ИРИ. Многу е омилен за 25 одсто од граѓаните, делумно омилен за 26 одсто, делумно неомилен за 15 одсто а неомилен за 25 одсто од граѓаните. На второто место е Никола Груевски. Многу е омилен за 15 одсто, делумно омилен за 17 одсто од граѓаните, а неомилен кај 50 одсто. Политичките партии имаат сличен рејтинг како нивните лидери. СДСМ е многу омилена партија за 22 одсто, делумно омилена за 25 одсто, а ВМРО ДПМНЕ многу омилена за 14 а делумно за 19 одсто. Кај партиите на албанците, најомилена е Алијансата со вкупно 20 одсто, по неа се ДУИ со 15 одсто и БЕСА со 13. Пред локалните избори, дури 69 одсто од граѓаните сметаат дека треба да се промени локалната власт. На прашањето како би гласале ако локалните избори се одржат денеска, за кандидатите за градоначалник од СДСМ ќе гласаат 19 одсто од гласачите во земјава, за ВМРО ДПМНЕ 18 одсто, за ДУИ 7%, за Алијансата за албанците 5, за БЕСА 4%, за независен кандидат 7% додека 20 проценти не дале одговор. Слични се резултатите за предложените советнички листи.

Р.Ф


Можеби ќе ве интересира

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот