19 Април, 2024
0.0279

Прехранбениот сектор силно ја чувствува кризата!

Објавено во: Агробизнис, Анализа 18 Ноември, 2012

Добивај вести на Viber

Финансиските извештаи на најголемите производители на храна во првите девет месеци од годината покажуваат дека тие работат се уште во отежнати услови. Или книжат загуби или оствариле добивка, но значително помала во споредба со лани. Како резултат на намалената побарувачка, дел од компаниите ги намалија залихите на готови производи, но сепак високите цени на енергенсите и намалената побарувачка на домашниот пазар придонесоа за значително намалување на обемот на производството што пак води кон намалени приходи. Жито Вардар работи со  загуба и намалени приходи Жито Вардар од Велес, најголемиот производител на леб, сточна храна, свинско месо, живина и јајца, во периодот од јануари до септември годинава оствари загуба од 128 илјади евра. Иако компанијата ги зголеми залихите на готови производи и ги намали трошоците за вработени, не успеа да ги зголеми приходите кои за овој период изнесуваат 14,4 милиони евра или 6% помалку од лани. Позитивно е што компанијата успеа да го зголеми извозот за 48% и тој изнесува 1,8 милиони евра, но, евидентен е пад на приходите од продажба на домашниот пазар од 9%. Загуба покажа и еден од поголемите производители на пекарски производи и леб, Жито Лукс Скопје, која во првите девет месеци од годинава пресмета загуба од 354.000 евра. Иако компанијата ги зголеми приходите од продажба и на домашниот и на странските пазари за 3,8%, лошите резултати ги поврзува со поскапените енергенси и пониски останати оперативни приходи. „Драстично се зголемени цените на главните производни импути. Цената на гасот е повисока за 40,81% споредбено со минатогодишниот период, горивото е зголемено за 8,12%, додека цената на пченицата забележа значителен пораст по овогодинешната жетва“, објаснуваат од Жито Лукс. Со добивка во првите три квартали од годинава работеа единствено ЗК Пелагонија, најголемиот домашен производител на жито, млеко и добиток и Витаминка од Прилеп, една од најголемите кондиторски фирми во земјава. Битолскиот комбинат оствари добивка од 2,4 милиони евра која во споредба со лани е помала за 58,59%. Во истиот период се остварени и оперативни приходи од 13,4 милиони евра, за 7,8% помали од лани, но има значајно зголемување на приходите во делот на субвенциите и премиите кои изнесуваат  800 илјади евра и се за 76% повеќе од лани. Од продажба, комбинатот оствари 12 милиони евра и тоа целосно на домашен пазар. Залихите на готови производи изнесуваат 736 илјади евра и во споредба со лани се помали за 73%. „Променливоста на залихите е изразена во делот на производството во тек, од причини што во поледелското производство во различни години во различно време почнува и завршува жетвата на есенските и пролетните култури а различен е и степенот на довршеност на производството во периодот опфатен во финансиските извештаи и во делот на залихите на готовите производи“, објаснуваат од ЗК Пелагонија. Прехранбената компанија Витаминка ја зголеми добивката за 101% во првите девет месеци од годинава во споредба со лани и таа изнесува  еден милион евра. Од компанијата објаснуваат дека растот се должи на зголемените оперативни приходи за 3,5% во споредба со истиот период лани. Продажбата на домашниот пазар е зголемена за 1,7%, додека на странските пазари има опаѓање за 5% во споредба со истиот период лани. Зголемениот извоз ја спаси Тиквеш Винарската визба Тиквеш покажа приходи од продажба од 12,4 милиони евра и добивка од само 2.699 евра која е намалена за 97% во споредба со истиот период лани. Приходите од продажба на странски пазари се зголемени за 33%, односно за 1,5 милиони евра, додека продажбата на домашен терен порасна за само 5%, односно за 292 илјади евра повеќе во споредба со истиот период лани. „Нето добивката за финансиската година бележи намалување поради поинтензивни маркетинг активности во третиот квартал од 2012 година“, објаснуваат од Тиквеш. Соња Ј. Наумовска

Можеби ќе ве интересира

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари