25 Април, 2024
0.0279

Претпоследниот удар врз Трамп, но не со љубов од Русија

Објавено во: Колумни 13 Јануари, 2017

Добивај вести на Viber

Додека американскиот претседател во заминување Барак Обама го држеше својот проштален говор, во американската јавност одекна зборот „компромат“. Наводно Русите имале собрано компромитирачки материјали за новоизбраниот американски претседател, Доналд Трамп, кои некако дошле до американските разузнавачки служби, а оттаму, веројатно, и до BuzzFeed, интернет медиум од Њујорк, и настана голема врева. Толку голема што Доналд Трамп мораше да свика под итно прес-конференција. Значењето на компроматот е големо. Во смисла дека е сензација. Ако тој навистина постои и содржината е вистинита, тогаш тој донекаде може да биде слабост за Трамп, но само во САД. Неко ивелат Русите би можеле да го уценуваат. А каква уцена би  можело да биде сега, кога тој е објавен во јавноста? Како и да е приврзаниците на Трамп зборуваат за политички мотивиран напад, а Трамп твитна „Што, зарем ние живееме во нацистичка Германија?“ Исто така дека тоа е глупост и фалсификат.

Само ден по таа конференција во многу медиуми почнаа да излегуваат текстови во кои се тврдеше дека нивни новинари тој „компромат“ го виделе многу порано, но бидејќи не можеле да ја потврдат вистинитоста на неговата содржина не се ни обиделе да го објават. Buzz Feed, пак, и покрај тоа што некои делови од материјалот предизвикувале повеќе прашања се одлучил да го објави, повикувајќи се на јавниот интерес.Пол Вуд, дописникот на ВВС од Њујорк, по овој повод напиша дека тој знаел за материјалот и го видел една недела пред изборите во САД. Но ВВС не решила да ја објави  таа информација од едноставна причина – без да ја види видео снимката, која наводно постои, а на која Трамп е снимен со група проститутки во хотел во Москва, не може да се утврди вистинитоста на сензационалниот материјал.

Во BuzzFeed мислеле поинаку. Сега ги очекува тужба од Трамп, а ги осуди и дел од новинарската заедница. CNN, повикувајќи се на податоци, наводно добиени од официјални лица, исто така објави дека на минатонеделниот брифинг во Њујорк раководителите на американското разузнавање го запознале Трамп дека имаат некакви сведоштва за постоење информации кај руските специјални служби, поврзани лично со него и од финансиски карактер, кои го дискредитираат идниот американски претседател. На прес конференцијата, нормално, неизбежни беа и прашањата за објавеното во CNN  и од интернет медиумот.

Новинарот на CNN упорно се обидуваше да добие збор, но во репликата,Трамп му рече дека не му дава збор, бидејќи неговата компанија „шири лажни вести“, што беше дочекано со аплаузи од присутните на прес-конференцијата. Очигледно идниот американски претседател нема многу да ги гали медиумите. На пресот се обиде некои од нив да ги постави на, според многумина, вистинското место. Како ќе се развиваат неговите односи со медиумите во иднина ќе биде појасно по стапувањето на должноста. Сето ова отвора прашања и за состојбата со медиумите во САД.

На пресот многу прашања се однесуваа на внатрешната политика на Доналд Трамп, но бидејќи тој беше свикан најмногу заради компроматот голем дел од прашањата се однесуваа на односите со Русија. И што рече тој? „ Ако на Путин му се допаѓа Доналд Трамп, сметам дека тоа не значи никаква обврска, од тоа ние ќе немаме штета, туку полза, бидејќи со Русија сега имаме ужасни односи. Русија може да им помогне на САД во борбата со Исламската држава, што, патем, сега е главен проблем. Имам предвид дека, ако погледнете, сегашната администрација ја создаде ИД...Ако на Путин му се допаѓа Доналд Трамп, знаете што значи тоа? Тоа е плус, а не минус. Е, сега не знам дали со Владимир Путин ќе воспоставиме добри односи. Се надевам дека да. Но има определена веројатност дека нема да биде така. А, ако не биде така, што мислите, дека Хилари би зазела пожестока позиција во однос на Путин отколку јас?“

Оптимизмот на Трамп во поглед на идните односи со Русија не го напушта уште од деновите пред претседателската кампања. Тоа му го забележуваат многумина, а најмногу сегашната администрација и антируски настроените сенатори и конгресмени. Впрочем неодамна, беа воведени санкции против поединци и организации во Русија по две основи. Едни за наводното хакирање, а други според т.н. „Закон Магнитски“, кој сега е проширен и ќе важи не само за Русија, туку и за други држави, ако се оцени дека во нив се кршат човекови права и сл. Малку е дискутабилно носењето вакви одлуки во период на транзиција на власта, но очигледно некој смета дека на Трамп треба да му се врзат, малку или повеќе, рацете во поглед на Русија. Тоа ќе биде последниот удар врз Трамп, пред неговото вселување во Белата куќа.

Во прилог на ова оди и фактот што сенаторите во САД, републиканци и демократи, имаат намера да бидат уште пожестоки во поглед на санкциите кон Русија. Тие веќе предложија забрана за инвестиции во добивањето нафта и природен гас, потоа на операции за купување или продажба на рускиот суверен долг и учество во приватизација на руски државни активи. Санкциите би се однесувале не само за американски компании, туку и за физички лица и компании од трети земји! Трамп за ова беше прашан и на пресот, но не даде конкретен одговор. Некои сметаат дека станува збор за кампања со удари врз Трамп, но и врз неговите соборци, посебно Рекс Тилерсон, предложен од Трамп за нов државен секретар, а до неодамна и прв човек на Exxon Mobil. Човек кој е одликуван од страна на Владимир Путин за развој на соработката меѓу Русија и САД.

Деновиве во тек се сослушувања на „сите луѓе на претседателот“ во сенатските комисии. Противниците на зближувањето со Русија се многу остри во прашањата кон идните државни секретари, министри или директори на специјалните служби кога е во прашање Русија. Дали заради самиот чин на сослушување или пак навистина така мислат, многу од кандидатите се ригорозни во својот поглед на идните американско-руски односи. Додека во Европа и НАТО многу земји се најдоа погодени од одност на Трамп кон иднината на Алијансата, кандидатот за државен секретар за одбрана Џејмс Матис има поблаг приод кон тоа прашање. Тој пред Комисијата изјави дека „Поддршката на  НАТО ќе има фундаментално значење да се одговори на предизвиците (од Русија) и нам ни треба интегрирана стратегија, која ќе ја зацврсти Алијансата и ќе гарантира дека американското министерство за одбрана е подготвено да ги одбие и традиционалните и ненадејните закани“. Кандидатот за директор на ЦИА Мајк Помпео, пак, на сослушувањата во специјалниот комитет за разузнавање изјави дека „Русија ништо не прави за борбата со терористичката организација ИД.“ Од друга страна Трамп „се крсти“ во соработка со Русија околу ИД.Тилерсон на сослушувањата изјави дека Русија стои за хакерските напади, дека незаконски го анексирала Крим, а доколку се обноват воените дејства во Донбас тогаш на Украина би требало да и се даде летално одбранбено оружје.

Одговорите на Русија на се’ова што деновиве, па и порано се случува во САД, според Димитри Песков, прес-секретарот на рускиот претседател, се дека Русија не стои за хакерските напади, дека не стои ниту зад компроматот за Трамп, тоа е глупост, и дека „претседателот Путин со своите дејства и изјави е јасен и недвосмислен демонстрирајќи подготвеност да ги почитува нашите партнери.“ Но, притоа појаснува Песков „Тоа почитување мора да биде заемно, но не и еднострано“. Значи се’ се врти околу она што го гради Путин веќе дваесетина години. Тој бара почитување од своите партнери. Но не само како поединец, туку почит и кон Русија, како светска сила, како рамноправен партнер.

А компроматот? И да постои, него треба да го заборавиме. Не може претседателот на најголемата сила во светот да биде уценуван. И со што? Со дружење со проститутки во некој хотел во Москва! И разузнавачиве веќе не се тоа што беа некогаш.

Инаку, во Русија се почитуваат таквите мажи. Своевремено, кога беше во ек „аферата Левински“, во Москва беа собрани десетици илјади писма и испратени во Вашингтон во знак на поддршка на Бил Клинтон!

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД