25 Април, 2024
0.0262

Привршува бербата на ајварката: дел од бербата во странство, дел дома, кој не го испочитува договорот?

Објавено во: Агробизнис 10 Октомври, 2016

Добивај вести на Viber

Бербата на црвената пиперка позната како ајварка привршува, но и годинава договорното производство не се почитуваше. Земјоделците велат виновни се откупувачите, а од преработувачкта индустрија вината пак ја лоцираат кај земјоделците. Производителите на црвена пиперка велат дека откупувачите не ја исполниле договорената цена, поради што тие дел од производството го дале на странски трговци.

„Јас имам осум декри со пиперка, но оваа година помина лошо. Првично беше договорено дека екстра класа црвена пиперка ќе се откупува по 22 денари, а прва и втора класа комбинирано по 17 денари. Но, црвената пиперка се откупуваше по 12,11 или 10 денари за килограм, цена со која не можат да се покријат производствените трошоци. Сега се бере уште пиперката на отворено и под фолија, бербата ќе трае до крајот на годинава ќе се бере таа од двојни фолии која е наменета за извоз. Дел од количините ги откупуваа трговци од Бугарија и Србија. Имавме договор кој беше постигнат на средба со министерот за земјоделство и преработувачите, но не се почитуваше“, вели Ванчо Митев, од Сојуз на земјоделци, регионален центар Струмица.

Годинешното производство на црвена пиперка е со добар квалитет и количество.Според математиките на земјоделците, откупната цена на црвената пиперка треба да биде 20-22 денари за килограм.Со оваа цена велат ќе можат да ги покријат производствените трошоци.

„Јас произведов 25 тона црвена пиперка. Откупната цена почна добро 22 денари за екстра класа и 17 денари за прва и втора, но потоа почна да се намалува и стогн на 10-12 денари. Имавме договор, но потоа излезе дека тој договор бил невалиден оти немало потпис од министерот за земјоделство. Според тој договор што го имавме со министерот и преработувачите, екстра класа требаше да се откупува по 24 денари за килограм“, вели Коце Божиков, производител на црвена пиперка од струмичко Дабиле.

Од преработувачката индустрија велат дека има доволно квалитетна суровина, но при тоа посочуваат дека земјоделците и годинава често практикувале да го дадат својот род на странските трговци, без при тоа да се придржуваат на она што е договорено со преработувачките капацитети. Тоа како што велат агробизнисмените создава проблем при испорачување на договорената нарачка со странските партнери. 

„Договорите со земјоделците функционираат  како и сите работи во Македонија, со секоја чест на исклучоци, но генерално едонострано. Доколку на пазарот од извесни причини (побарувачка  од странство или зголемена домашна побарувачка  се јави вишок, земјоделците често знаат да го насочат своето производство на тие пазари со откажување на она што со нас се договориле. Во тој случај ние остануваме без суровина. Општествената заедница во овој случај останува глува и ние едноставно остануваме и без суровина, и без оштета, и  плус странците поради неисполнување на договорите не теретат со пенали. Рејтингот на Македонија неповратно паѓа. Во обратен случај не е така, туку тогаш ние мораме да ги испочитуваме договорите бидејќи целата држава со редица закони нас дебело не санкционира. И со тоа се губи основната замисла на договорите“, вели Виктор Петков, директор на компанијата „Випро“.

Македонија резервно депо за странците

Проблемот со откупот односно непочитувњето на договорите се провлекува речиси секоја година, а Македонија веќе одамна стана резервно место за набавки на странските трговци. Според агробизнисмените причината е во тоа што проблемите секоја година се решаваат со инстант мерки, а дежурни виновци се преработувачите на зеленчук.

„Како и со години наназад,  ние сме резервно депо за набавки на странските пазари од нашето пошироко опкружување. Ако од некои причини во своите држави имаат недостиок од некој производ, странските преработувачи едноставно доаѓаат во Македонија и непречено си земаат се што сакаат, а нашата оштествена заедница се радува по истото, а ако се пожалиме нас не прогласуваат за “ајдуци кои ги пљачкаат земјоделците“.  И  странските трговци се тие што им “помагаат“ на нашите земјоделци со тоа што ја откупуваат суровината и веднаш им плаќаат. Инаку Македонија  е минорна и доколку се јави таква “дупка“ во снабдување на некој производ во нашето опкрузување, Македонија е мала веднаш да ја испразнат и ние да останеме без суровина.Тогаш ќе мора да платиме огромни пенали за неиспорака, да не зборам за имиџ на Македонија како извозник за овие производи“.

Високи царини за увоз на суровина

Агробизнисмените реагираат дека како извозно ориентирана гранка наместо да се стимулирани, тие се дестимулирани со низа царински оптоварувања.

„ Увозот на суровина од странство за потребите на домашните фабрики е комплицирана процедура.Доколку некој се нафати ќе се соочи со редица проблеми. Ако треба да се увезе, царината е на ниво на 50%, така што речиси е забрана и секако загуба за фабриката. И фабриките со таква царина неможат да бидат конкурентни на меѓународните пазари, плус ќе ги изгубат веднаш бидејќи нашите конкуренти Бугарија, Грција имаат 0 % царина за суровина. Другите земји од ЦЕФТА  “нормални- вообичаени“  околу 20 %“ вели Петков.

Според проценките на агробизнисмените сегашната вредност на извозот на преработките од зеленчук и овошје од 50 милиони евра, може да се зголеми на 250 милиони евра. Но, за да се постигне оваа цел се потребни низа мерки кои ќе помогнат и за целосна искористеност на производствените капацитети. Дел од мерките за зголемување на извозот, според агробизнисмените треба да бидат во насока на подготовка на методологија или систем на заштита на домашната суровина но првенствено да се задоволат домашните капацитети, правно регулирање на договорите,  примарно производство- трговци – преработувачи со посебен закон каде сите еднакво ќе бидат заштитетни, регулирање на оптимална понуда –побарувачка со систем на флексибилни интервентни увози-извози, субвенции, намалување на царината за увоз суровина на  околу 18 % или ослободување од царина за увоз на суровини. 

Т.С

Можеби ќе ве интересира

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари