28 Март, 2024
0.0248

Признанието како потенцијална опасност

Објавено во: Колумни 15 Октомври, 2012

Добивај вести на Viber

Во Извештајот на Европската комисија  за напредокот на Македонија во интегративните процеси можат да се најдат  аргументи со кои со право се укажува  дека земјата и во сферата на економијата, остварила успех на патот кон нејзино приклучување во Европската унија. Но, доколку внимателно се чита , може да се прочитаат и  укажувања кои го релативизираат признанието и кои доколку не се сфатат сериозно и променат  можат да ги доведат во прашање позитивните остварувања. Очигледно е дека станува збор за реално прикажување на економската состојба во земјата како основа за донесување на одлука за отпочнување на преговорите  за пристапување на Македонија кон Унијата. Значи, има основа за изразување на задоволство од признанието, меѓутоа неопходно е трезвено промислување на забелешките и критиките на неповолните трендови. На пример, не треба да не залажуваат констатациите за успешната макроекономска стабилност. Како факт тоа е така, Македонија има макроекономска стабилност и ваквото остварување не е за потценување , бидејќи е резултат на огромни жртви. Но каде е проблемот? Никако несмееме да ја третираме  макроекономската стабилност како цел сама за себе . Таа мора да  биде ставена исклучиво во функција на развојот. Се друго подразбира обезедување на стабилност, која посебно долгорочно може да произведе и произведува повеќе проблеми отколку што носи бенефити во една економија. Или ако сакате, не е квалитет доколку протежирате макроекономска стабилност, не една, не две, не три туку цели 20 години. Не е успех доколку имате ниска стапка на инфлација, а немата економски раст. Значи констатацијата на Брисел за успешната макроекономска стабилност којa ја менаџираат актулните власти, а за воља на вистината и оние претходните не беа ништо поразлични  е точна, но истата произведува голем број негативни импликации, посебно доколку се согласивме дека спроведувањето на монетарната политика не треба да ни е единствена и крајна цел. Имено целта на економијата како наука, не е да имаме ниско ниво на инфлација, ниско ниво на буџетски дефицит, високо ниво на девизни резерви.   Економијата треба да најде решение како да го зголеми животниот стандард на населението. И сега, дали со монетарната стабилност од цели две децении македонскиот  народ живее подобро? Не. Значи не е среќата во макроекономската стабилност. Имено таа е само една коцка од мозаикот кој треба да ја формира главната слика. Се додека економијата не почне да произведува економски раст, парцијалните успеси на пооделните политки ќе бидат или ирелевантни или ќе предизвикуваат проблеми на патот до економскиот раст. Деценија ипол земјата спроведува монетарна политика на фиксна врска со еврото иако не е членка на еврозоната. Ги трпи последиците, а не ги ужива бенефитите, меѓу другото, пониски каматни стапки и поголем прилив на странски инвестиции.  Со  одбраната на курсот на денарот во евра  се изнудуваа повисоки каматни стапки, што секако неповолно се одразуваше на интересот за инвестирање. Како последица на тоа се и високото ниво на невработеност и ниските стапки на раст. Очигледно е дека задржувањето само на негативните или само на позитивните аргументи за  состојбите во македонската економија е недоволно за реално согледување на досегашните остварувања. Проблем е што успешните остварувања не резултираат со ефекти за динамизирање на растот на ниво позначајно да почне да се намалува разликата во степенот на развиеност на земјата во однос на земјите во Унијата. Добро е што просечниот БДП по жител за една година се зголеми за еден процентен поен (од 35 на 36%) од проесекот на Унијата. Меѓутоа, треба да се има предвид дека тоа се случува во време кога повеќето земји воУнијата се во рецесија, се борат со должничката криза и вршат структурни промени.  Додека тие се преструктурираат, ние, со доследно остварување на постојната стратегија на развој, повеќе итаме во криза отколку кон пресврт во развојот. Имено,високите долгови (во однос на можностите за нивно сервисирање), направени особено заради непродуктивно трошење или неефикасно инвестирање, набргу уште повеќе можат да го загрозат и така нискиот економски раст. Јасно е дека донесувањето на одлука за отпочнување на преговорите ќе го зголеми ентузијазмот во напорите за приклучување кон ЕУ, меѓутоа, евентуалното четврто одлагање не смее да биде разочарување. Македонја како мала и, нужно, отворена економија не треба да чека  датуми, туку треба да продолжи со реформите за поинтензивно вклучување во меѓународната поделба на трудот.  Нема сомнение дека со непречен пат кон приклучувањето во ЕУ напорите би биле помалку тешки. Меѓутоа, тие не смеат да се заобиколуваат дури и ако се случи најнеповолното сценарио. Во ЕУ или надвор од неа, земјата  треба да обезбеди услови за развој во кои ќе се намaлува невработеноста, ќе се забрза растот на БДП, ќе се зголемува стандардот на населението, ќе се запрат неповолните трендови во економските односи со странство (висок надворешно-трговски дефицит и дефицит на тековната сметка, брз пораст на долговите, особено на јавниот долг, поради порастот на буџетскиот дефицит). Зошто во ЕУ да не влеземе со долгови кои можеме да ги сервисираме? Впрочем и таму, во ЕУ,  а и надвор од неа нема „бесплатни ручеци“. Цехот мора да се плати, па каде ние и да биле. д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?