24 Јуни, 2017
0.1537

Протекционизмот на Трамп не е решение за САД

Објавено во: Економија, Колумни 23 Јануари, 2017

Тезата на Трамп дека САД потрошија илјадници милијарди долари во странство, додека американската инфраструктура се наоѓа во многу лоша состојба, а милиони американски работници останаа заборавени додека други земји се збогатија, е насочена кон оправдување на намерата  за преземање на определени протекционистички мерки.  Ако во предизборието протежирањето на протекционистичките мерки се разбираше само како голо предизборно ветување, по назначувањето на новата функција, нивното повторување треба да се земе  сериозно, иако не е изводливо на начин на кој е најавувано.

Протекционизмот не е решение за проблемите на САД  и како политика нема да се ефектуира ниту брзо ниту во најавениот облик. И не заради тоа што нема интересенти што би биле задоволни од таквиот курс, туку проблем се последиците кои ќе бидат предизвикани врз американската економија, особено врз развојот на меѓународните економски односи.

Најавеното зголемување на царините на стоките од најголемите конкуренти ќе доведе до поскапување на цените на увозните производи, а тоа  директно ќе го платат граѓаните на САД. Голема е веројатноста  дека и земјите чиј извоз се поскапува ќе воведат слични мерки на американските производи во нивните земји, со што ќе се дестимулираат да извезуваат. Да не смоменуваме дека со тоа ќе се нарушат правилата на тргување во светот утврдени од Светската трговска организација. И наместо да се продолжи во насока на натамошна либерализација на меѓународната трговија, ќе се отвори процес на затворање на националните економии, со катастрофални последици за растот на националните економии и на глобалното стопанство.

Трамп  добро ја дијагностицира „болеста“ на американското стопанство, меѓутоа, посегнува по погрешен лек. Недоволната конкурентност не се лечи со затворање на пазарот. Особено е лошо кога тоа го прави  земјата лидер на либерализацијата и глобализацијата, не водејќи сметка дека нивната примена има и позитивни и негативни ефекти. Не е фер доколку се смета само со бенефитите, а за неповолните ефекти да се преземаат контра мерки. Да не забораваме дека релативното слабеење на конкурентноста на американската индустрија е последица на процесите на глобализацијата, од кои побогатиот дел од Америка оствари огромни прифити, а посиромашните работници ги загубија поранешните позиции на пазарот на трудот. Некои ги загубија работните места, на повеќето им се намалија платите, а нееднаквоста меѓу посиромашните и богатите значително се зголеми во периодот до Големата рецесија. За тоа не се виновни конкурентите на САД. Таквите текови се резултат од делувањето на пазарот, со сите негови сегменти, пазар на стоки и услуги, пазар на капитал и пазар на работна сила.

Пазарот секогаш  работи во полза на поконкурентните економии, меѓутоа, неговото непречено делување е корисно за сите. Без разлика на развиеноста економиите мора  да се стремат да ја зголемуваат својата конкурентска способност. Нема пазар без конкуренција. Меѓутоа, пазарот функционира осакатено, доколку на било кој сегмент се ограничува слободата.

Мора да се признание дека САД подолг период има проблеми со конкурентската способност (секако од внатрешни причини) во однос на поголемите економии, кои досега, времено, ги решаваше со примена на „мека сила“ (доброволни или договорни отстапки) кон конкурентите. Но, очигледно така не може да ги решава на долг рок.  САД мора што поскоро да се зафатат со потемелни реформи на постојниот меѓународен економски поредок. Точно е дека во него уживаат определени привилегии (и заради тоа не се подготвени за промени), меѓутоа, нивното користење веќе станува и контрапродуктивно.

Лекот што во моменот го нуди Трамп воопшто не е без негативни влијанија и токму поради тоа истиот ќе мора да го модифицира. Имено  со забрзувањето на протекционизмот во меѓународната трговија, голема е веројатноста од отворање на трговска војна на САД со суфицитните економии како што се Кина и Германија. За да администрацијата на Трамп го избегне ваквиот несакан развој на настаните ќе мора, пред се’, да ги „испегла“ разликите во односот кон слободната трговија со трговските конкуренти, а притоа да обезбеди некакви отстапки. За одделни производи тоа го правеле и порано. Слични „пеглања“  САД направија за да ги избегнат валутните војни, пред неколку децении, кога изнудија и значајни ревалвации на националните валути на Германија и Јапонија. Во изминатите неколку години тоа го направија и со кинескиот јуан.

Со евентуално ваква разврска, заканата со воведување на протекционистички мерки ќе се сведе на тактика со цел од главните конкуренти да се изнудат определени отстапки во трговските односи, а тоа да не се третира како слабост на САД. Божем другите остваруваат некакви неоправдани предности, а САД само настојува да ги спречи.

Факт е дека досегашните тектонски промени во односот на силите меѓу големите економски играчи ги изнудија и најавените изолационистички и протекционистички  мерки на САД.  Ако тие се ефектуираат, светот може да се најде во ситуација, по заканите со валутна и трговска војна, да му притреба и реална војна,за што се’почесто се зборува. Тоа значи,наместо да се создаде нов поредок во кој естаблишментот на секоја економија ќе ја сноси одговорноста за состојбите во неа, развиените економии се подготвени ако треба да изберат и воена опција како „решение“ за надминување на  противречностите меѓу трудот и капиталот во нивните земји.  Да се надеваме дека зад најавениот протекционизам не стои, по Брегзитот, создавање на нов распоред на големите сили, преку креирање на нови пријателства и конфронтации .

д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

И Путин конечно одобри-„ Турски тек“ може да тргне!

И Путин конечно одобри-„ Турски тек“ може да тргне!

ОВОЈ ЗАЧИН ГО ИМА СЕ ПОМАЛКУ: Цената му скокна од 30 на 500 евра за килограм

ОВОЈ ЗАЧИН ГО ИМА СЕ ПОМАЛКУ: Цената му скокна од 30 на 500 евра за килограм

АРАПСКИТЕ ЗЕМЈИ МУ ДАДОА РОК НА КАТАР: Од што земјата мора да се откаже?

АРАПСКИТЕ ЗЕМЈИ МУ ДАДОА РОК НА КАТАР: Од што земјата мора да се откаже?

Во која државна фирма лани бруто платата скокна за 46 отсто?!!!

Во која државна фирма лани бруто платата скокна за 46 отсто?!!!

ПЛАТИ: Еве кој заработува најмногу, а кој најмалку во Македонија

ПЛАТИ: Еве кој заработува најмногу, а кој најмалку во Македонија

Поради сериозни индиции за тендерски пропусти Владата бара ЕЛЕМ да го поништи тендерот за ископ на јаловина

Поради сериозни индиции за тендерски пропусти Владата бара ЕЛЕМ да го поништи тендерот за ископ на јаловина

СЕРИОЗНИ ПРОБЛЕМИ: Работниците без плати, Македонија без автопати!

СЕРИОЗНИ ПРОБЛЕМИ: Работниците без плати, Македонија без автопати!

Фирмите да издаваат фискални - УЈП ќе контролира и казнува

Фирмите да издаваат фискални - УЈП ќе контролира и казнува

Тевдовски најави ребаланс на буџетот - каде ќе има кратења?

Тевдовски најави ребаланс на буџетот - каде ќе има кратења?