ПРВИТЕ ПОТЕЗИ НА ИДНАТА ВЛАДА: Се укинува екстерното, таксата за МРТВ, се враќа евтината тарифа!
Објавено во: Економија 08 Мај, 2017
Кои ќе бидат првите чекори на новата Влада. Имаше многу ветувања, а неколку од нив ќе бидат реализирани веднаш, односно во првите три месеци од почетокот на работата.
Приоритет ќе биде укинување на екстерното тестирање, нешто што претходната Влада го најави како реформа на системот, но голем дел од граѓаните беа против. Дури тие беа зачеток на студентските и средношколските протести од пред три години.
- Многу родители, многу наставници, многу деца чекаат да го укинеме екстерното тестирање, заради тоа што тоа е на крајот на мај или на почетокот на јуни, за да бидат начисто, оти и психолошки делува, верувам, и на целиот образовен процес при финишот на учебната година, вели идниот мандатар Зоран Заев во интервју за РСЕ.
Во првите неколку месеци се очекува да се укине и радиодифузната такса, а тоа ќе значи дека финансирањето на МРТВ ќе оди преку буџетот.
Едно од ветувањата беше и враќањето на евтината тарифа за струјата. Од СДСМ велат дека веднаш ќе влезат во процедура за враќање на евтината тарифа.
Меѓу првите работи ќе биде, секако, и зголемувањето на минималната плата, вели лидерот на СДСМ.
Во нивната програма е зацртано минималната плата да биде 16.000 денари до крајот на мандатот или 12.000 денари во првата година.