25 Април, 2024
0.1753

„Пука“ кревкото примирје меѓу Германија и ЕЦБ

Претседателот на ЕЦБ утре во Бундестагот ќе биде подложен на притисок од страна на пратениците

Објавено во: Анализа 27 Септември, 2016

Добивај вести на Viber

Претседателот на ЕЦБ, Марио Драги ќе го посети Берлин оваа недела со пораката дека владите во еврозоната треба да преземат акција за стимулирање на економијата. Повиците за поголеми владини трошоци сепак едвај ќе имаат разбирање од германската влада, а статистичките податоци покажуваат дека веќе повеќе од година, буџетските расходи веќе ги надминуваат потрошувачките.

Германските банки исто одамна губат трпение кон политиките на негативните камати и т.н. квантитативно олеснување и според Ројтерс, некои банкари ќе го предизвикаат Марио Драги да ги објасни политиките утре во Бундестагот. Уште во пролетта 2016 година германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле ги обвини политиките на ЕЦБ за зголемување на популарноста на крајнодесничарската партија „Алтернатива за Германија“ (AfD), која се искажа против спасувачките програми во еврозоната и против миграцијата.

Во Вашингтон кон крајот на април Шојбле и Драги се согласија на кревко примирје. Пет месеци подоцна тоа изгледа расклатено, пишува агенцијата.

Очекувања за ново олабавување на монетарната политика

Сигналите засега покажуваат дека ЕЦБ нема да го смени курсот, туку ќе ја прошири својата програма за квантитативно олеснување до крајот на годината. Според плановите, програмата треба да дејствува до март 2017 година.

Се очекува уште ЕЦБ да ги напушти ограничувањата врз соодносот од државни обврзници, кои банката може да ги откупува од која и да било земја членка според големината и нејзината економска тежина.

- Голем предизвик за Марио Драги ќе биде да го подготви Бундестагот и германската јавност за ново олеснување на монетарната политика, коментира за Ројтерс Марсел Фрашер, претседател на економскиот институт „DIW“ и поранешен висок функционер во ЕЦБ.

Драги дефинитивно ќе наиде на проблеми во овој потфат. Покрај загриженоста за дисторзираните ефекти на квантитативните олеснување на финансиските пазари и влијанието на ниските камати врз германските штедачи и осигурениците, политичката средина во Германија станува посложена во последните месеци. Година пред федералните избори десничарската партија „AfD“ веќе достигнува 16% одобрување во истражувањата. Конзервативната партија на Меркел, пак, се обидува да го одвлече вниманието од зголемената непопуларност на позицијата на канцеларот за бегалското прашање. Во таков случај тие би можеле да ги користат политиките на ЕЦБ како нишан. Во меѓувреме германскиот министер за финансии Шојбле повторно започна со критиките кон банката и ги поттикна пратениците да го подложат Драги на притисок.

Довербата во ЕЦБ опаѓа

Според последното истражување на јавното мислење на Евробарометар само 30% од Германците изјавиле дека имаат доверба во ЕЦБ. Ова е под просекот на нивото на ЕУ од 34%. „Според многумина спасувачките мерки не се демократски легитимни“, тврди извештај од септември на „Delors Institute“ и на „Bertelsmann Foundation“. Според нив „дури централната банка, која е независна од директно политичко влијание, се потпира на довербата и јавната поддршка, за да биде ефикасна во долг рок“.

Посетата на Драги нема да е прва посета во Бундестагот на раководители од ЕЦБ, кои се обидуваат да им ги објаснат на германските пратеници активностите на ЕЦБ. Во мај Беноа Кор, член на одборот на директори на ЕЦБ, го посети Берлин, а во јуни беше проследен со Франсоа Вилрој де Гало, управител на „Bank of France“. Минатата недела де Гало повторно беше во Германија на средба меѓу француските и германски министри и централни банки, изјавувајќи за Ројтерс: „Она што не се зема предвид во Германија и на друго место, е дека имаше сериозен ризик од дефлација во еврозоната и активностите на ЕЦБ значително помогнаа за избегнување на опасноста“.