Путин дочекан со 50 дојави за бомби за Санкт Петербург
Објавено во: Свет 18 Ноември, 2017
Рускиот претседател Владимир Путин на 6 Културолошки форум во Санкт Петербург беше „дочекан“ со 50 дојави за бомби со тврдења дека биле поставени долж рутата низ која минува неговата моторизирана поворка. Меѓутоа, дојавите биле лажни, а рутата на Путин не била сменета.
Дмитриј Песков, портпаролот на Кремљ, истакна дека рускиот претседател бил известен за телефонските повици, додавајќи дека не биле потребни никакви дополнителни инструкции од Путин.
– Безбедносната служба ги изврши своите задачи и презеде неопходни мерки, нагласи портпаролот на Кремљ.
Тој додаде дека извршителите не се идентификувани, но најверојатно повиците пристигнале од странство.
– Без сомнеж ова е криминално делување и тие ќе бидат пронајдени порано или подоцна, изјави Песков.
Путин допатува во Санкт Петербург, каде го отвори 6. Меѓународен културен форум.