Путин и Асад прогласија воена победа во Сирија
Објавено во: Свет 21 Ноември, 2017
На заедничка средба во Сочи, Русија претседателите Владимир Путин и Башр ал Асад прогласија воена победа во Сирија над џихадистичката организација ИД која речиси три години имаше силни упоришта и огромна освоена територија.
„На Путин и на целиот руски народ им ги пренесувам поздравите и благодарноста за напорите што ги направија за да ја спасат мојата земја“, изјави Асад.
Путин посочи дека воените дејствија во Сирија веќе се при својот крај и дека наскоро завршува мисијата која ја имаше руската армија за поддршка на власта на Асад во неговите напори да се бори како со бунтовниците меѓу кои има и терористи, како и со злокобните џихадисти од Исламска држава кои извршија брутални воени злосторства и бројни бомбашки напади и масакри насекаде низ светот.
„Оваа воена операција дојде до својот крај. Мило ми е што ја гледам вашата волја да соработувате со сите кои сакаат мир и договор“, изјави Путин.
Конкретно што ќе значи политичко решавање на повеќегодишната крвава граѓанска војна во Сирија засега не е познато бидејќи свои силни интереси имаат САД и нивните сојузници, како и муслиманските земји во поширокиот регион поделен меѓу Сунити и Шиити.