29 Март, 2024
0.0481

Путин,Путин...уште шест години!

Објавено во: Колумни 08 Декември, 2017

Добивај вести на Viber

Рускиот претседател Владимир Путин за време на средбата со работниците на Горковскиот автомобилски завод (ГАЗ) во Нижни Новгород го објави неговото решение за кандидирање на претседателските избори, кои треба да се одржат во март идната година. Објавата беше проследена со аплаузи и најава од Путин дека „Русија, никој и никогаш нема да ја сопре“.

Не случајно Путин отиде во Нижни Новгород да ја сподели „убавата вест“ со оние кои создаваат, кои што произведуваат. Тој замина таму да се „поистовети“ со работниците. Да им покаже дека и тој е дел од нив, само што неговата производна хала е во Кремљ, а нивните хали се во фабричкиот круг.

Сега кога работите се сосема јасни во поглед на учеството на Путин на избори во кое никој не се сомневаше, уште појасно е дека во наредните шест години кормилото на Руската Федерација повторно ќе го држи тој. Изборите немаат никаква интрига. Можеби само кој ќе биде втор и колку проценти ќе освојат сите противкандидати на Путин.

Овде на помош доаѓа истражувањето на независниот Левада-центар од ноември годинава. Според него за Путин би гласале 67 проценти од анкетираните, додека сите останати кандидати би добиле 15 проценти. А тоа е помалку и од оние кои се неопределени – 19 проценти.

На што се темели популарноста на Путин? Со години се зборува дека тој ја крена Русија која беше падната на колена пред Западот. Ама тоа беше пред многу години. Зарем може рускиот претседател уште да лета на тие крила? Како што се однесува Западот, а посебно САД летот на Путин ќе трае уште долго. Тоа го потврдува истата анкета во која меѓу позитивните црти на претседателот кај анкетираните се издвојуваат неговата решителност, храброст, (19 проценти) , спроведувањето на надворешната политика, која ја заштитува земјата од Западот(18 проценти),  искуството во водење политика(16 проценти), умот, образованието, културата(15 проценти). Малку е чудно и контрадикторно, но само 4 проценти го ценат патриотизмот кај Путин, а само 2 проценти го ценат за враќањето на Крим. Дали Путин не е патриот или толку брзо паднала еуфоријата од присоединувањето на Крим кон Русија. Ова го оставаме на душа на социолозите, но такви се резултатите, па кој сака и како сака нека ги толкува.

Многу побитни од позитивните страни на Путин, за кои знаат многумина, се оние негативните. За нив многу не се пишува во медиумите. Еден од најголемите минуси е негрижата за обичните луѓе. Дури 15 проценти од испитаниците го сметаат тоа. Втор недостаток на Путин е „што е многу мек во однос на министрите и е во рацете на неговото опкружување(10 проценти)“. Седум проценти сметаат дека тој недоволно е жесток во борбата со корупцијата и дека е опкружен со крадци. Шест проценти сметаат дека Путин многу зборува, а малку прави, а исто така не ги исполнува ветувањата. Без маани е Путин за 33 проценти од испитаниците.

Токму овие негативни страни на рускиот претседател се повод во Русија во последно време да се зборува за западни обиди да се влијае врз зголемување на незадоволството кај народот. Економските санкции си го направија своето и денес многумина во Русија се под прагот на сиромаштијата. Погрешната економска политика, според некои аналитичари, исто така придонесува кон незадоволството, народот се потешко може да си овозможи квалитетно здравство ако не оди во приватни болници или пак ако не се организираат донаторски акции за тешко болни. Корупцијата и натаму цвета. Официјално за две години и првите три квартали од годинава штетата направена од корупцијата е 148 милијарди рубљи или околу 2,5 милијарди долари. Тоа е она што е утврдено од обвинителството, а не утврдената сума е сигурно неколку пати повисока. Не треба многу сомневање дека Путин е во рацете на неговото опкружување. За тоа зборува цела Русија. Со неговото доаѓање од Санкт Петербург тој е практично опкружен од исти луѓе веќе две децении. Негови другари, од детство, од спортот, од работата во градската управа, од КГБ...Никој од нив не се менува, независно дали е во власта или во бизнисот. Речиси сите се милијардери. А нивните деца одат на високи функции во државни компании или банки.

Ова е најголемата слабост на Путин. Запад ја знае и затоа со години е во потрага по секоја цена да најде некаков доказ со кој уште повеќе би го зголемил бројот на незадоволните граѓани. Сега, засега, народот смета дека Путин е најдобриот, а тие под него се лошите и на тој начин се канализира незадоволството од врвот кон околината што го опкружува. Не се случајни најавите кои што се публикуваат во Русија дека Западот ќе направи се што е во негова моќ да влијае врз изборите во Русија.Но далеку е од руски Мајдан. Путин со време, кога виде што се случува во близината ги избрка јадрата на западните организации кои во најголем дел учествуваа во процесите на „демократизација“ на државата.

За жал на Западот во Русија нема таква сила кој што би го спречила повторното доаѓање на Путин на власт. Русија нема опозиција. Онаа што е во Думата повеќе е декор составен од комунисти на Генадиј Зјуганов и либерали на Владимир Жириновски, кои само на зборови се опозиција. Тие се јавуваат само за избори колку да биде исполнета формата, тие да бидат плурални. И ќе завршат со по неколку проценти од гласовите на избирачите, проценти што можат да се избројат на прстите на една рака. Алексеј Наваљни, кој може да се смета за најсилен опозиционен претставник, и кој може во Москва да добие 15-тина проценти од гласовите, нема да оди на избори, поради судска забрана.

Во ваква ситуација, кога Путин е национален симбол и национален лидер нему нема да му биде тешко и наредните шест години да ги помине на чело на државата. И добро е тоа. Особено кога таа се наоѓа во неблагопријатна ситуација и единствен околку кого што може да се сплоти народот во моментов е токму Путин, со сите негови недостатоци. Многу битно ќе биде каква политика ќе води. Особено кога знае дека санкциите од Западот ќе продолжат најмалку десетина години. Политиката на застој би значела економско назадување во услови кога се најавува нов натпревар во вооружување со САД. А такви се прогнозите за Русија. Неа ја очекува период на застој, како што беше во времето на Леонид Брежњев во СССР. Епилогот од тој период е познат. Ќе успее ли Путин да направи нешто да не ја снајде Русија истиот епилог? Многу тешко, но не и неизводливо, по цена на губење на сопствениот и партискиот рејтинг.

Засега од кандидатурата на Путин едно е јасно. Тој ќе биде лидер уште шест години. Значи ќе претседателствува со уште еден американски претседател – Доналд Трамп, а ако Трамп не го изберат по втор пат или пак замине од функцијата предвреме, тогаш на своето конто Путин ќе книжи уште еден-нов американски претседател во 2020 година. Можеби Путин ќе биде претседател на Русија и по истекување на мандатот на Емануел Макрон во Франција и на Ангела Меркел во Германија, а да не зборуваме за Тереза Меј од Британија. И ако се знае кај ќе биде Путин наредните шест години многу поважно е кој ќе го замени Путин по шест години и најважно кај ќе биде Русија по шест години.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?