Рама вели Косово и Албанија нема да се обединат, тоа е идеја од минатото
Објавено во: Балкан 18 Октомври, 2016
Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека можноста за обединување на Албанија и Косово припаѓа на минатото, пренесе Танјуг.
Рама тоа го изјавил вчера во интервју за Ал Џазира на прашање дали двете земји ќе се обединат.
„Тоа никогаш не било наша цел, бидејќи силно верувам дека „голема Албанија“, „голема Србија“ или што било друго „големо“ е дел од минатото. Тоа никогаш не било опција, тоа едноставно припаѓа на минатото“ - вели Рама.
На прашањето зошто за него е важно Белград да ја признае независноста на Косово, Рама истакнал дека тоа е многу важно за луѓето, како за граѓаните на Албанија, така и за косовските Албанци и Срби, пишуваат косовските медиуми.
По посетата на Србија, Рама нагласи дека Владата во неговата земја е цврста во ставот дека двете земји треба да се свртат една кон друга и да ги надминат пречките од минатото, пренесе албанската агенција АТА.
Во соопштение објавено на социјалните мрежи, Рама наведува дека Албанија не може да стои на едно место, туку треба да се ослободи од минатото.
Но, пратеникот во косовското Собрание од редовите на Демократската партија на Косово, Наит Хасани, претходно изјави дека Косово треба да го искористи своето уставно право да донесе закон и да организира референдум за обединување со Албанија.