Разговор меѓу Јанкуловска и Мијалков „влезе“ во Сопот
Објавено во: Македонија 18 Октомври, 2017
Специјалното јавно обвинителство кое го презеде случајот Сопот на судот му достави нови докази меѓу кои и снимен разговор меѓу екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и екс началникот на УБК Сашо Мијалков, како и аудио разговор од МВР со сведокот Рамадан Бајрами.
СЈО го презеде „Сопот“ токму базирано на наводни нови елементи кои се содржани во прислушкуваните разговори што се под нивна надлежност.
Денес се одржа ново рочиште во обновената постапка во случајот стар веќе 15 години каде долго време обвинетите тврдат дека не се виновни за поставување на нагазна мина во селото Сопот од чија експлозија загинаа припадници на КФОР.
Адвокатот на обвинетите Насер Рауфи рече дека ќе побараат во судот како сведоци да бидат сослушани Мијалков и Јанкулоска.