25 Април, 2024
0.0268

РАЗЛИЧНИ СВЕТОВИ

Објавено во: Колумни 12 Март, 2013

Добивај вести на Viber

Капитализам наспроти социјализам. Приватни фирми наспроти државни институции. Различни светови...

Капитализмот познава два фундаменти: приватната сопственост и профитот. На тие два основни столба почиваат правниот систем, економските односи, па дури и градењето на семејните вредности. Во ситуација кога фундаментите на еден систем се прецизно поставени, многу е лесно да се креираат „правилата на игра“. Приватната сопственост на една индивидуа претставува нешто свето и никој нема право да ја загрози истата. Од друга страна, стремежот да се оствари повисок профит ја развива конкуренцијата, дава придонес во производството на поквалитетни стоки и услуги, а кај поединецот се јавува натпреварувачки дух со цел да го најде своето место под сонцето. Навистина е тешко да се дефинираат основните столбови на кои почива социјализмот. Тоа е свет кој функционира самиот за себе. Сопственоста е државна или општествена (што би се рекло сечија и ничија). Богатите се принудени да го поделат својот имот со сиромашните за да можат сите да бидат подеднакво сиромашни. Бидејќи отсуствува трката по профит како капиталистички елемент, никој не е заинтересиран повеќе да се залага на работното место. Нема ни потреба од такво нешто, зашто без оглед на вложениот труд и резултатите од истиот, платата не се менува. Конкуренција на пазарот нема, па фирмата не може ни да пропадне. Сите работници се чувствуваат многу удобно, зашто буквално се пензионирале на денот кога се вработиле. Има ли потреба да се впуштаме во дискусија кој систем е подобар? И капитализмот и социјализмот имаат свои добри и лоши страни. Ако конечниот суд го дава времето, произлегува дека капитализмот е подобар. Барем засега. Деновиве ми се наметна една друга паралела. Поставеноста на приватните фирми и државните институции многу ме потсеќа на карактеристиките на капитализмот и социјализмот. Еве зошто: Во приватните фирми јасно е дефинирана сопственоста (со чесни исклучоци), а трката по профит е нивна иманентна карактеристика. Секоја приватна фирма која постои на пазарот настојува да оствари одредена заработувачка со цел да ги покрие трошоците, дел од добивката да ја реинвестира или да ја подели во вид на дивиденда и да продолжи со работа во иднина. За волја на вистината, битката за профит на нашиот пазар често се претвора во битка за гола егзистенција, но тоа не ги менува основните принципи на функционирање на пазарната економија. Само преку здрава конкуренција и понуда на поквалитетни стоки и услуги во однос на сличните субјекти на пазарот, една фирма може да се надева на просперитет. Проблемите со (не)ликвидноста, прашањето на нелојалната конкуренција и низа на други отворени прашања мора да се решаваат во од, ако одреден субјект сака и утре да биде присутен на пазарот. Од друга страна ги имаме државните институции. Социјалистичките елементи сеуште се присутни во овие институции. И тоа во значителна мерка. Бидејќи по сила на закон тие институции се во државна сопственост, истите имаат природен монопол. Отсуството на приватна сопственост значи отсуство на конкуренција. Потребата од зголемување на квалитетот на услугите на државните институции не е наметнат од конкурентски причини. Тој квалитет е оставен на совеста на вработените во тие институции и нивните индивидуални квалитети и доблести. Со оглед на тоа што финансиските средства со кои располага државната институција не зависат од остварениот профит на пазарот, распределбата на тие средства на вработените е загарантирана. Платата на секој вработен е иста секој месец, без оглед на неговото индивидуално залагање и придонесот што го дава на работното место. Она што се менува во последно време и што е за поздравување е платата по учинок во некои државни институции. Ако се најде соодветен модел на примена на платата по учинок во сите државни институции, веројатно ќе се зголеми и квалитетот на услугите на тие институции, и мотивацијата на нивните вработени, па во крајна инстанца, ќе се подобри и имиџот на државните институции. Разликата во начинот на работа помеѓу приватните фирми и државните институции, сам по себе, не претставува проблем. Проблемот лежи во нешто друго. По сила на законот, државните институции се тие кои го регулираат работењето на приватните фирми. Како може сосема различни видови на субјекти да имаат разбирање едни за други? Како може државните институции да ги познаваат проблемите на приватните фирми и да носат одлуки кои ќе бидат во функција на развојот? Може. Само на еден начин. Клучните одлуки во државните институции мора да ги донесуваат луѓе кои претставуваат успешен спој на теоријата и праксата. Луѓе кои и покрај работното место во државната администрација, знаат што значи приватна сопственост, што значи да се работи за профит, што значат непроспиени ноќи поради проблемите на фирмата и нејзините вработени. Донесувањето на одлуки е прифатливо само во ситуација кога луѓето што ги носат истите имаат разбирање за проблемите од реалниот живот. А во спротивно? Различните светови ќе продолжат да постојат. Паралелно, еден покрај друг, без разбирање за потребите и проблемите на другиот. Во геометријата, две прави можат да бидат паралелни во бесконечност. Дали е така и во светот околу нас? Да се вратиме на почетокот. Крајно условно сфатено, капитализмот се приватните фирми, а социјализмот се државните институции. Сите знаеме како заврши социјализмот. А знаеме и зошто. Ниеден систем што е затворен и што функционира заради самиот себе, не може да опстои на долг рок. Што ќе се случи со државните институции? Ќе дадеме одговор или повторно ќе оставиме времето да покаже? Само што, тогаш може да биде доцна. д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД