25 Април, 2024
0.0281

Д-р Крсте Шајноски

Разнишана пирамида

Објавено во: Колумни 17 Октомври, 2016

Добивај вести на Viber

Во секоја држава има криминал и борбата против ова зло со повеќе или помалку успех, сите настојуваат да го минимизираат. Нашиот проблем е посериозен. Носители на криминалот  се луѓе од врвот на власта кои со арсеналот на средства што им стојат на располагање, вклучувајќи ги и државните органи и институции, ги прикриваат трагите. Целта е јасна, што е можно поефикасно да се избегне  одговорноста за криминалните постапки и однесувања. И по година дена од формирањето на Специјалното јавно обвинителство нивните партии прават опструкции за да ја оневозможат неговата работа. Наголемо се подготвуваат да излезат на избори и со лица за кои се покренати кривични постапки. Не им пречи ниту факотот што меѓународните претставници ги предупредија дека такви лица не треба да фигурираат на изборните листи. Во меѓувреме, без срам се закануваат дека можат да го укинат СЈО доколку ги добијат изборите. А за буџетот за наредната година, во делот на роковите и неговото донесување  имаат подготвено посебни вратоломски игри, со цел да ги убедат гласачите дека обезбедиле пари за нивните ветувања.

Повеќе од очигледно е дека донесувањето на буџетот ќе се користи како последна шанса  за поубедливо корумпирање на гласачите. Власта тоа го правеше и во изминатата декада, не водејќи сметка за влошувањето на состојбите во земјата. Средствата за враќање на кредитите  веќе го надминаа  растот на БДП. Последиците се неизбежни. До нови пари потешко ќе се доаѓа ,а дури и да се најдат тие  ќе бидат поскапи.  Сакале или не, кој и да биде на власт во наредните години, по најавата на нови емисии на еврообврзници, ќе се соочи  со рестрикции во потрошувачката или со пораст на инфлацијата. Изборот е болен. Или ќе се намалуваат примањата или, и со поголеми примања, ќе купуваме се’ помалку од  потребните стоки.

Да не се работи за борба против криминогена врхушка на власт која, ако победи на изборите, ќе ја разнебити и државата, би бил малициозен и на опозицијата би и’ предложил, тие што ја донесоа економијата и државата на ова дереџе да ги остават непречено да го дозавршат мандатот и потоа самите да ги вадат жешките костени. Во тој случај клиентилистите би го виделе нискиот дострел на волунтаристичката популистичка политика. Да видат кој од неа има ќар, а кој ќе го плати цехот. За да во иднина не бидат рамнодушни кому ќе му ја дадат довербата да ја води земјата.

Не знам што треба уште да се случи за да се сфати дека  е крајно време да се отфрли волунтаристичкиот популизам, со нагласени коруптивни карактеристики.  Нема логично објаснување на рамнодушноста  кон криминалот од позиција на власт.Од „бомбите“ се гледа декапопулизмот на лидерот на најголемата владејачка партија пред се’ е во функција на лично и партиско богатење, на сметка на осиромашувањето на народот, додека владината пропаганда го убедува истиот тој народ дека стопанството цвета. А народот е благодарен што не му е полошо, затоа што нели и од лошото има полошо!

11 декември е на прагот и веќе е извесно дека избори ќе има. Тоа значи дека за помалку од два месеци ќе знаеме дали земјата има надеж за пресврт во развојот или ќе прифати продолжување на агонијата под водство на криминогената врхушка на власт. Во изминатите избори победуваше популистичката политика, со нагласено ширење на клиентелистичката зависност на поголеми таргетирани групи од населението. Предупредувањата за штетните политики не допираа до сиромашните. Додека примаа „дарови“ од лидерот искажуваа и благодарност. Не ги ни интересираше од каде се парите за „подароците“. Битно им беше само да потрајат подолго, иако знаат дека „нема ручек без пари“. Ако  не го платат тие, ќе мора да го платат нивните деца и внуци. А стравот од сомневањата го стишуваа со верувањето во „маѓепсничките“ способности на министерот Ставревски.

Неговата оставка создаде определена забуна во редовите на власта. Меѓутоа, популистите се консолидираа набрзо. На позајмицата од 270 милиони евра што ја обезбеди Ставрески за потребите на буџетот од 2016 година, тие емитираа обврзница од 450 милиони евра, а за обештетување на поплавените во скопско планираат нова позајмица од  35-36 милиони евра. Ставрески веројатно не можеше да се соочи со одговорноста за така интензивно задолжување на земјата. Меѓутоа, брзо се најде „стручњак“ кој задолжувањето го смета за успех, независно од негативните последици за земјата, особено ако ги задоволува барањата на лидерот.

Може да погодуваме дали, после споменатите факти, клиентелистите ја сфаќаат опасноста од продолжувањето на „бесплатните ручеци“. Верувам дека повеќето сфаќаат, но очигледно е дека не знаат оти веќе „уживаат“ не само од прераспределбата на постојниот БДП, туку и од доходот што ќе го создаваат нивните деца и внуци, а за тоа сега добиваат трошки .

Добивањето на следните избори за власта  е сламка за спас, а донесувањето на буџетот за 2017 година им создава можност за остварување на досега ветуваното и поголема слобода за нови ветувања.Не случајно донесувањето на буџетот го ставија и пред одлуката за распуштање на Собранието. Не е исклучено дека ќе го донесат и наспроти предвидената постапка. Имаат мнозинство, и се’ е можно, иако  послушните пратеници треба да знаат дека  инспираторот не е во владата и одговорноста е нивна.

А инспираторот го слушам ветува ли ветува, како парите од буџетотот да се прелеваат. Имале најобемна програма, имале еден куп изненадувања, изненадувања за синдикатите, за земјоделците , прензионерите, невработените, градинките ќе никнувале како печурки. И небаре изненадувањата ќе ги реализира со негови пари, а не со парите на народот. Па одкако заврши со ветувањата лидерот се обрати до не истомислениците, па и’ се заблагодари на опозицијата дека си го покажала вистинското лице, па  констатира дека подршка од народот немаат, па предвиде што ќе промовираат заевистите, и на  крајот заклучи, тоа нема да им помине. Имало уште малку, на глава му се качиле.

На 11 декември на гласање ќе излезат и клиентелистите и правдољубците, и исплашените и бестрашните, и заведените и просветлените. Народот ќе гласа, а после тоа, нема каење!

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД