19 Март, 2024
0.0404

Ред се редат нашиве во Русија

Објавено во: Колумни 21 Јули, 2017

Добивај вести на Viber

Македонскиве партии од опозицијата, а до неодамна и од власта, како да се заљубени во Русија.  Лани лидерот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стиљковиќ, потпиша документ за Балканот како воено неутрална зона за време на конгресот на владеачката партија „Единствена Русија“, а вчера од Москва стигна вест, соопштение, дека и лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски бил во Москва и на гости кај споменатата партија.

За посетата на Стиљковиќ веќе е пишувано, но мало потсетување. Кон крајот на јуни минатата година во Москва неколку политички партии од Балканот, меѓу кои и од Македонија потпишаа документ за Балканот како воено неутрална зона во која би влегле Србија, Црна Гора, Македонија и Босна и Херцеговина.. Потписниците беа главно од опозиционите партии. Од Македонија потписник беше само лидерот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стиљковиќ, кој тогаш беше дел од владеачката коалиција. Потпишувањето беше главен политички настан на конгресот на путиновата „Единствена Русија“. На две недели до Самитот на НАТО, коалиционен партнер во владата стави потпис со кој само сeоди во прилог на држење на Македонија надвор од Алијансата! И владејачките партии и претседателот не реагираа на потпишувањето. Стиљковиќ подоцна, по 27 април годинава, како што произлезе од објавени службени прислушкувани разговори, беше фатен како работи за српската пропагандна машинерија. Која пак често пренесуваше пропагандни текстови од Русија.

Во основата на документот беше т.н. „Ловќенска декларација“ потпишана лани во мај  Цетиње од страна на „Единствена Русија“и црногорската Демократска народна партија. Во неа меѓу другото стои дека потписниците ја „сфаќаат важноста и ги поздравуваат натамошните чекори со широко учество на институциите на граѓанското општество во разгледувањето на иницијативата за создавање на Сојуз на неутрални суверени држави на југоисточна Европа, чии членки...во своите устави ќе ја дефинираат сопствената неутралност“. Подолу во неа се додава: Страните ја изразуваат својата отвореност за соработка и го поздравуваат придружувањето на други политички партии, општествени движења, невладини организации на Руската Федерација, Црна Гора и Република Србија и други земји од југоисточна Европа кои ја поддржуваат смислата и духот на оваа Декларација“.

Но од таа Декларација, а подоцна и од документот потпишан во Москва почнаа да се намалуваат бројките. Наместо Б-4 сега ќе се зборува за Б-3, бидејќи Црна Гора во меѓувреме влезе во НАТО. А Маккедонија е на патот да стане тоа, па бројката ќе биде Б-2, со голема веројатност по неколку години да стане и Б-0.

Промотор на идејата за Б-4 е Сергеј Железњак, заменик секретар на Генералниот совет на партијата „Единствена Русија“ и член на Комитетот за меѓународни прашања при Државната дума. Во еден негов авторски текст објавен на почетокот на декември лани во „Руска реч“, тој вели: „Актуелните прашања на современата балканска политика се неопходност од развој на балкански регионален проект заснован врз принципите на воена неутралност, приоритет на националните интереси во однос на барањата кои на балканските земји им ги наметнуваат НАТО и ЕУ, и првостепеното значење на непосредното изјавување на народната волја при носењето клучни одлуки.“ Ова последново се однесуваше на Црна Гора, каде опозицијата бараше референдум за пристапувањето кон НАТО.

Според Железњак, појавата на „сопствениот регионален проект“ е условена од кризата во експанзијата на НАТО и контраверзната политика на ЕУ на Балканот. Тој вели дека проектот во Србија е поддржан од владеачката и други партии, а некои од нив очекуваат Србија со Балканскиот проект да си го врати статусот на регионален лидер.„ На колегите од Македонија регионалниот проект им носи појака стабилност и економски перспективи. Оваа концепција не е оптоварена со грчко-македонските несогласувања поврзани со името на земјата“, пишуваше лани Железњак.

Е токму со овој Железњак и со уште еден соговорник се сретнал вчера Стевчо Јакимовски, сега дел од опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Според соопштението од ГРОМ на средбата „која мина во конструктива и пријателска атмосфера било разговарано за актуелната политичка состојба во Македонија, како и за позицијата на ГРОМ околу клучните прашања во моментот во земјата. Во разговорите, двајцата високи функционери на партијата на Путин „Единствена Русија“  на лидерот на ГРОМ уште еднаш му ја потврдиле поддршката околу борбата за зачувување на името, јазичниот, културниот и духовниот идентитет на Република Македонија и унитарниот карактер на државата. Беше разговарано и за огромните можности за економска соработка меѓу Македонија и Русија, особено во областа на земјоделството, вкупната економија, како и за потребата од укинување на визниот режим меѓу двете земји. На состанокот, била искажана потребата за размена на политичкото искуство меѓу двете партии, особено меѓу партиските подмладоци“.

Секоја партија има право да си бира партнери во соработката. Па така и ГРОМ. Но, она што боде очи во соопштението е „поддршката околу борбата за зачувување на името“. Како Русија ќе ни даде поддршка да си го зачуваме името? Сега кога се актуелизира влегувањето на Македонија во НАТО и кога се во тек подготовки за разговори со Грција за разликите околу името, руските политичари најавуваат поддршка околу името! Како од нив да зависи решавањето на тоа прашање. Зарем ќе си ги расипат односите со Грција околу тоа прашање? Тие веќе не признаа со уставното име. Но, руските дипломати не еднаш на прашања поврзани со името на Македонија изјавиле дека „ќе го почитуваат секој договор што ќе го постигнат Македонија и Грција“. Никогаш не рекле дека Македонија не треба да го менува името и ќе ја притиснат Грција да не прави проблеми. Па дури прашањето да дојде во Советот за безбедност на ОН, тие нема да инсистираат на нашето сегашно име. И САД не ословуваат со Република Македонија, но ни тие не се во можност да ја притиснат Грција и го имаат истиот став со Русите за евентуално договорено име. Така што „поддршката околу борбата за зачувување на името“ е само збир од зборови кои убаво легнуваат во увото на соговорникот.

Од соопштението произлегува дека Јакимовски на соговорниците им соопштил дека сега во Македонија се води борба, покрај за името, и за јазичниот, културниот и државниот идентитет. Нормално ќе се води борба откако за десетина години владеење токму неговата коалиција направи растур од јазичниот, културниот и духовниот идентитет. И сега други треба да водат борба да спасат што може да се спаси.

Најсмешна од се е најавата за потреба за размена на политичко искуство меѓу двете партии, особено меѓу партиските подмладоци. По теркот на нивниот патрон, ВМРО-ДПМНЕ, која својот подмладок го праќаше на учење во Фондацијата „Конрад Аденауер“ на Христијанско демократската унија во Германија, сега ГРОМ ќе ги праќа своите „пионери“ во Москва, да разменуваат политичко искуство. Кој знае колкаво политичко искуство имаат во партискиот подмладок. Вистинскиот збор е обука. Ќе одат во Москва на обучување, како што младите од ВМРО-ДПМНЕ одеа во Берлин. Овие последниве се виде дека ништо не се обучиле од германските партнери. Германска школа-балканска насока. Па во таа смисла и се практикуваше наученото таму. Не знам што ќе научат младите од ГРОМ во Москва, но знам дека ќе бидат обучени. 

Пред некој број во Фактор напишав дека Русија нема да се откаже од обидите за нејзино влијание во Македонија. Неуспехот да влијае со пропаганда врз состојбите во државава и покрај навивачкото однесување до последен ден на изборите и со месеци по нив, не значи и кревање раце. Ако ги поканиле ГРОМ во Москва не треба да се исклучи наскоро и уште некој од опозиционата коалиција да замине таму. Како што се забрзуваат работите за решавањето на спорните прашања со соседите, за големи реформи во некои области, така можеме да очекуваме обиди за нивно забавување. И од надвор и од внатре.  

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?