25 Април, 2024
0.0274

Референдум: ризичен потег со нејасен резултат

Објавено во: Анализа 11 Октомври, 2016

Добивај вести на Viber

Италија ја чека референдум во декември, а Никола Саркози ветува дека ќе организира два, ако победи на изборите за претседател на Франција, но она што се случи во Велика Британија, Унгарија и Колумбија покажа колку се неизвесни резултатите од слични сенародни референдуми.

Во Лондон поранешниот премиер Дејвид Камерон вети дека ќе организира референдум за останување или не на земјата во ЕУ, за да се стави крај на спорот за Европа во неговата Конзервативна партија. Но вежбата доведе до фијаско, вели Лубан Милашин од Франс прес.

„Тој ќе остане во историјата како човекот кој случајно доведе до разделба меѓу Британија и ЕУ“, изјави поранешниот конзервативен министер Кен Кларк.

Како резултат, Дејвид Камерон поднесе оставка од функцијата премиер, а неколку месеци подоцна се повлече и од парламентот.

- Политичарите не умеат да извлекуваат лекции од историјата. Ако ги погледнеме последните референдуми, сите тие беа лошо проценети. Има многу малку референдуми, чии резултати го следат планот, замислен од власта, рече за АФП професор Иан Бег, истражувач во Европскиот институт на Лондонската школа за економија.

Колумбискиот претседател Хуан Мануел Сантос го доживеа истиот неуспех: тој организира референдум за мировниот договор потпишан со партизаните од ФАРК, но колумбијците гласаа со „не“.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан исто го загуби својот облог: неговиот антимигрантски референдум стана невалиден поради недостаток на одѕив. Тој се измолкна со морална победа, бидејќи над 98 отсто од гласачите се изјаснија за предложените мерки.

„Во Швајцарија се навикнати, но за Британците, Италијанците и Французите е исклучителна реткост да гласаат на референдум и работите може брзо да тргнат на лошо. Дури и да има добри причини да се остави одлуката на народот, сепак се гласа со „да“ или „не“; нема нијанси, и тоа може да заврши лошо, додава Бег.

Швајцарија како модел

Швајцарија изгледа е исклучок, што го потврдува правилото. Граѓаните можат на секои три месеци да гласаат за иницијативи предложени од партиите или од групи граѓани, како и на предложени од државата референдуми.

„Има една стара традиција за гласање, благодарение на која елитите научиле што е потребно за да ги информираат, убедат и да го подготват јавното мислење, објаснува за АФП швајцарскиот политиколог Паскал Шиарини.

Во другите земји со репрезентативна демократија, на пример Италија, референдумот е „нешто како одобрение за политиката, за владата, поради што има емотивен набој и е повод луѓето да покажат дека им е преку глава“, додава политикологот Оскар Мацолени од Универзитетот на Лозана.

Италијанскиот премиер Матео Ренци ја чувствува опасноста која го демне на 4 декември на референдумот за уставните реформи, чија цел е да се поедностави политичкиот систем и да направи земјата полесна за управување.

„Разбирам дека не сум најсимпатичен човек на светот“, призна тој во телевизиска емисија на јавната телевизија, но истакна дека сака „граѓаните да знаат за што гласаат и дека тоа нема врска со мојата личност“.

Но нема особени шанси неговата желба да се исполни.

„Матео Ренци презема ризик. Тој се надеваше дека ќе го искористи референдумот, за да ја консолидира својата политичка власт, но неговото двосмислено однесување - првично тој го направи гласањето на лична основа, претставувајќи го како гласање за или против него самиот, а потоа се предомисли - што му направи лоша услуга“, изјави за АФП политикологот Доменико Фракиола од Слободниот меѓународен универзитет за социјални студии (ЛУИСС), Гвидо Карло во Рим.

Референдуми, при што гласачите всушност одговараат на поставеното прашање, се реткост и Италија не е исклучок од правилото. „Референдумот на 4 декември не ги засега уставните реформи, што повеќето Италијанци не ги разбрале добро. Вистинското прашање, напишано на билтенот на кој ќе треба да се одговори со „да“ или „не“, е: Му верувате ли сеуште на Ренци повеќе отколку на неговите противници, резимира весникот Стампа.