24 Април, 2024
0.1733

РИБАТА ПРДНА И НЕ НАПРАВИ КЛОМБУРЕЦ

Објавено во: Колумни 01 Декември, 2017

Добивај вести на Viber

Целокупната македонска и светска јавност беше згрозена од сцените на крвавото насилство во Собранието, непосредно по изборот на Талат Џафери за негов претседател на 27 април годинава.

Инертна полиција, врати ширум отворени од страна на пратеници, насилници со фантомки на главите, недолични скандирања, пцости, фрлање столици, парчиња мебел, брутално тепање на пратеници, новинари и неистомисленици...преку стотитина повредени, со еден збор хаос, хаос кој ја отсликуваше институционалната криза и длабоката поларизираност како резултат на неразумните политички елити.
Откако полицијата во доцните вечерни часови воспостави некаков, каков таков ред, бомбастично беше најавена прес конференцијата на претседателот на Република Македонија, Неговат Екселенција, професор д-р Ѓорѓе Иванов.

Храбар човек, замислете Груевски уште не се вратил од пат, а по телефон добро и не се разбрале, па Иванов одржа прес конференција на која со ниту еден збор не го осуди насилството во законодавниот дом. Но затоа ги повика лидерите на парламентарните партии на лидерска средба кај него.

Одговорот кој единствено го заслужи, дојде од никој друг туку од Ахмети - каква лидерска средба кај Иванов, кога тој не е дел од решението на проблемот, тој самиот е проблем. Колку и грдо, колку и навредливо да звучеше одговорот на господинот Ахмети, очигледно бил во право.

Ако тогаш некој ја довел во прашање унитарноста на државата, се поставува прашање зошто претседателот на државата не го свика и не заседаваше Советот за национална безбедност; зошто не ја информира јавноста кој или кои се тие што го загрозуваат унитарниот карактер на државата и на каков начин; и секако, да произлезат задолженија за институциите за надлежно постапување во дадената ситуација.

Не знам, но по се изгледа Иванов знаел што се планирало и знаел за тоа каков е планот по упадот во Собранието, па затоа и не смогна човечка доблест (бидејќи никогаш немал државничка), барем заради граѓаните на Република Македонија, заради меѓународната јавност и заради функцијата која (не) ја извршува, да изрази осуда за насилството, да изрази жалење за повредените или не дај боже да појде да ги посети.

Сега кога целиот случај добива правна, институционална разврска, неговата екселенција, претседателот на Република Македонија, професорот д-р Ѓорѓе Иванов повторно се обрати на јавноста и според содржината на кажаното, говореше во функција на претседател на дел од граѓаните кои се членови, симпатизери и поддржувачи на сега опозициската ВМРО - ДПМНЕ, а не како претседател на сите граѓани на Република Македонија.

За каква опасност по безбедноста на државата говореше Иванов, кога за прв пат  после долго време граѓаните можеа да здивнат гледајќи како институциите се одважија да си ја вршат својата работа согласно законите и Уставот на земјата?! За каков тоа македонско - македонски судир говореше како врв на опасните предизвици за идентитетот и самобитноста на нашата држава?! Се прашувам кој судир, на кој етнички заедници во земјава е помалку ризичен, има ли таков кога сите ние, граѓаните на Република Македонија делиме иста судбина?! Што значеше јавното признание дека ги поддржувал луѓето од "За заедничка Македонија"?!

Дали тоа не значи дека господинот Иванов дури и несвесно призна дека го знаел сценариото од 27. Април, бил свесен за плановите, воопшто не жали за последиците, а можеби и бил дел од него...не знам, веројатно одговорот треба да го даде јавното обвинителство.

За разлика од него, Груевски тогаш го осуди насилството, но "предвиде" дека и натаму ќе се случува народ, се обидува да ја залаже јавноста дека не стои зад овие насилства...та белки како пртседател на ВМРО - ДПМНЕ знае дека секој ден од ОК на неговата партија (многу извесно, по негов налог) со СМС пораки се повикуваше членството на масовно излегување на протестите? За тие што не веруваат можам да обзнанам и телефонски број од кој се испраќаа пораки со такви содржини за членовите од една скопска општина.

Токму затоа Али Ахмети е сосема во право кога вели дека Иванов не е дел од решението, туку дека е генератор на проблемот. Човекот се однесува како да го донеле од друга планета на која се негуваат поинакви цивилизациски вредности.
Лидерите на партиите тогаш не му појдоа на лидерска средба, секако освен Груевски кој со своите изјави се повеќе се вплеткува во сопствената мрежа.

Е господине Иванов, обраќањето на 27. Април ви беше исто како риба да прднала во аквариум и не направила кломбурец, како тогаш, така и сега, по повод будењето на институциите на државата и приведувањето на насилниците пред лицето на правдата, вие не смогнавте сила да ги ставите државните интереси над интересите на раководството на ВМРО - ДПМНЕ.

Е, Ваша Екселенцијо, претседателе Иванов, на кое демократско дно ја симнавте Република Македонија чекајќи некој друг да ви го каже вашиот став, за потоа да го браните како ваш автентичен...ете така ве перцепира јавноста која според нечии партиски критериуми ја сметате за предавничка, но спротивно на вашите убедувања, верувајте дека токму таа јавност е гарантот за европската перспектива на Република Македонија.

Воислав Зафировски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок