20 Април, 2024
0.0282

Русија и САД заедно ќе се борат против ИД во Сирија?

Објавено во: Колумни, Свет 09 Септември, 2016

Добивај вести на Viber

Денес од Женева треба да чекаме важна вест. Таа е најавена уште на Самитот на Г20 во Кина, при средбата на американскиот и рускиот претседател, Барак Обама и Владимир Путин. Тогаш беше речено дека двете земји се многу блиску до постигнување договор за Сирија. Државниот секретар Џон Кери и неговиот руски колега Сергеј Лавров во Женева треба да се сретнат и да ги разгледаат натамошните чекори за постигнување политички договор со кој би се завршил конфликтот во Сирија. Во основа станува збор за договор со кој би требало да се намали насилството, да се прошири хунаитарната помош на сирискиот народ и да се постигне политички договор со кој би се ставил крај на војната во таа земја. Што стои зад овие флоскули? Според она што пренесуваат светски агенции и медиуми Вашингтон е нетрпелив и смета дека треба да се најде итно решение. Според The Washington Post, кој се повикува на извори од Белиот дом, претседателот Барак Обама му ги предал на Путин финалните американски предлози за Сирија во Кина на Самитот на Г20. Според весникот, се предлага прекин на огнот на целата територија на Сирија и создавање на стабилна и безбедна зона за доставување на хуманитарна помош. Американците, од своја страна, се обврзуваат да се обидат да ги одвојат терористите од т.н. умерена опозиција. Би требало, по достигнувањето на примирје, да се забранат и летовите на сириската воена авијација. После тоа Русија и САД би можеле да почнат заедничка воздушна опреација против терористите од Исламската држава и групи блиски кон нив.Овде се уште не се разјаснети работите до крај, бидејќи освен ИД и фронтот „Ал нусра“, има и други групи за кои двете држави ќе треба да се договорат, кои се терористички, а кои не се. Доколку се постигне ваков договор, а тој им е неопходен и на Обама и на Путин, тогаш ќе може да се зборува за почеток на некакво решение за војната во која досега има загинато 200 до 300 илјади лица. Но и за иднината на Сирија. Веројатно под итно ќе биде одржана уште една мировна конференција на која ќе се разгледаат деталите за тоа како мноштвото спротивставени страни да се обединат околу заедничка платформа за мир во државата. Идеите за иднината на Сирија беа расправани на две претходни конференции. Целосноста на Сирија има поддршка и од големите сили. Внатрешното уредување е тема на самите Сиријци, кои, спред веќе расправаното, треба да подготват нов Устав, кој би се применувал по некој преоден рок. Најголем проблем беше сирискиот претседател Башар ал Асад. Сириската опозиција, цел Запад и порано, но и сега, иако во посмирен тон, бараат тој да си замине. Омекнаа и Турците за кои Асад беше најголемиот непријател. Русија пак е на негова страна. Не се знае какво ќе биде решението Асад, но најверојатно нему ќе му биде даден преоден рок да ја води државата. Можеби тоа е и добро, бидејќи да не се Русите тој досега ќе беше заминат од власт. Згора на тоа некои воени аналитичари сметаат дека неговата армија не може да постигне никаква поголема цел и како што се развиваат работите таа ќе биде само товар за Русите. Влечкањето со договор за Сирија меѓу САД и Русија е мотивирано со нивните интереси. И геополитички и геостратешки. Во меѓувреме гинат илјадници Сиријци, а милиони од нив ги напуштија родните огништа. Бегалците станаа и глобален проблем, кој само поттикнува кон побрзо решавање на сирискиот конфликт. Обама пред извесно време изјави дека проблемот со Русија е што двете страни немаат доволно меѓусебна доверба. Од друга страна, пак по средбата во Кина со Путин изјави дека „разговарале отворено, чесно и деловно“. Дали таквите разговори не се доволен мотив за зголемување на довербата? Зарем треба да се чека таа да биде достигната, па да се почне со соработка околу Сирија. А во меѓувреме? Уште колку илјадници народ ќе треба да изгине? Постигнувањето мир во Сирија е многу важно и за Русија. Таа е во голема економска криза, а воените трошоци сигурно ќе се зголемуваат. Ќе нема гинење на руски пилоти и војници. Исто така ќе се намали и веројатноста Русија да заглави во Сирија, како што беше во Авганистан. Конечно на Путин ќе му биде задоволена суетата-да покаже дека Русија се уште значи нешто во светски рамки и не е „регионална сила“, како што тоа еднаш го изјави Обама. Ако гаранти на договорот за Сирија се САД и Русија, тогаш нема ништо подобро за Путин од тоа дека, еве, со Обама на рамна нога седнале и се договориле за нешто значајно. Не помалку важно за Русија е и тоа што доколку го симне од грбот сирискиот товар, таа тогаш ќе може полесно да се сосредоточи на предизвиците кои произлегуваат од неспроведувањето на Минските договори во Украина. А тоа е поврзано и со економските санкции кон неа од страна на Западот. Не помалку полза од таков договор ќе има и Барак Обама. Добитникот на Нобеловата награда за мир со постигнувањето на мир во Сирија ќе може донекаде да ја оправда таа награда. Исто така САД ќе останат во игра на картата на Блискиот Исток. Обама е на заминување и во таква ситуација секој претседател би сакал да остане запаметен по нешто во историјата. Обама – носителот на мир во Сирија не би звучело лошо. Дотолку повеќе што на внатрешен план тој направи добри работи за САД. Здравствената реформа, зголемување на вработеноста, подобрување на американската економија... Во последен момент, како „стар“ фактор во решавањето на конфликтот во Сирија се протна и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. По неуспешниот пуч во државата, по заладувањето на односите со Русија, тој одново успеа да влезе во игра. На изненадување на сите. Веројатно не на Путин. Со операцијата „Штитот на Еуфрат“, Турција влезе на територијата на Сирија, нешто што не можеше да се замисли во изминатиот период, бидејќи тоа значи нарушување на суверенитетот на соседната земја. И не само тоа. Присуството на руските трупи сигурно го правеше своето. Но Турција имаше друга тактика. Во зависност од своите интереси, поддржуваше повеќе страни во борбите во Сирија, на разни начини, со цел да се урне Асад, но сепак не се осмелуваше да влезе на нејзина територија. Се до оној момент додека курдските сили не се заканија со правење пограничен коридор на северот од Сирија по должината на речиси целата сириско-турска граница. Турција не можеше да дозволи Курдите да преминат на десниот брег на Еуфрат. Турските сили ја почнаа операцијата во време кога Ердоган замина за Кина на Самитот на Г20. Тоа му го проголта и Обама. Американците беа главните поддржувачи на Курдите во Сирија, а сега мораа да се согласат со Ердоган. Не дека нема и натаму да ги поддржуваат Курдите, но сигурно ќе настојуваат да не дојдат до отворен конфликт со Турците за тоа прашање. И сега се зборува за турско-американска акција против ИД. Во очекување на вестите од Женева може само да претпоставуваме што ќе се случи, ако не дојде до договор. Во земја во која секој војува против секого, во која САД се спротивставени со Русија, Турците со Курдите, Иранците со противниците на Асад, најголема жртва ќе бидат Сиријците. А може да дојде и до распад на државата.Токму затоа средбата на Кери и Лавров е последната шанса за договор за мир во Сирија. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок