17 Декември, 2017
0.3751
    ALK 7304.71    0%     CEVI 1144    0%     GRNT 762.38    0.86%     KJUBI 1400    0%     KMB 2700    0.01%     OHB 4767.86    -0.67%     RMDEN15 95.1    0.11%     RZUS 107.89    1.78%     STB 910    -1.09%     STIL 127    -2.31%     TNB 13100    0%     TPLF 1500    -1.69%     UNI 1870    -1.03%     ZILU 151    -2.58%

Русија ја поддржува „црвено-црната“ коалиција во Македонија

Објавено во: Македонија, Колумни 03 Февруари, 2017

На Никола Груевски ептен му гори под нозете. Вчера се јави руското министерство за надворешни работи со коментар во врска со најновите настани во државава. Но тоа што беше соопштено од Москва е повеќе од коментар. Освен повеќе пати досега повторените фрази за надворешни влијанија врз политичките процеси во државава овој пат Русија ја зема во директна заштита „црвено-црната“ коалиција. Демек целта на надворешното влијание била очигледна, „западот да расчисти со македонските политичари кои не му се омилени и покрај јасно изразената волја на граѓаните на изборите во полза на коалицијата „За подобра Македонија“ на чело со Никола Груевски и ДУИ на Али Ахмети.“

Потоа во коментарот од руското МНР истакнуваат дека „особен немир предизвикува фактот што во мултиетничка и мултикултурна Македонија, каде имаше тежок меѓунационален конфликт, политичарите од една етничка заедница врз основа на надворешно диктирани ултимативни барања фактички решаваат кој од блоковите на другата заедница да влезе во составот на идната владина коалиција“. И се поентира со тврдењето дека „Бесрамното макијавелистичко манипулирање со волјата на гласачите може да предизвика ескалација на состојбата во Македонија и да ја наруши кревката стабилност во целиот регион.

Коментарот на руското министерство за надворешни работи дојде само еден ден по средбата на Никола Груевски со рускиота мбасадор во Македонија Олег Шчербак. Во истиот ден Груевски се сретна и со германската амбасадорка Кристине Алтхаузер. Во кусото соопштение од средбата со Шчербак дознавме дека Груевски зборува за „зрела ситуација за нови предвремени избори“ за побрзо излегување од кризата. Шчербак, пак, „се осврнал на „Шарената Револуција“, истакнувајќи ја штетата која таа ја предизвикала на економски план внесувајќи нестабилност и неизвесност во државата, а со тоа и влијаејќи негативно на интересот на заинтересираните инвеститори“.Шчербак потенцирал и дека секаде каде се организирани обоени револуции страдала социо-економската благосостојба на граѓаните.

После фијаското во разговорот со Алтхаузер, Груевски очигледно побарал рамо за плачење. И коментарот на руското министерство е директен продукт на тоа плачење. Не знам дали Груевски побарал од рускиот амбасадор да се јави Русија со коментар, но аберот од Москва вели: -Еве видете кој е на ваша страна и кој ве поддржува.

Но, тука има работи за кои може да се каже дека не се некаква случајност или невнимание. Во сериозната дипломатија, каква што е руската, невниманија и случајности не се случуваат. Се што се кажува е извагано, разгледани се сите евентуални последици од него и се е точно адресирано. Прво, појавувањето на Али Ахмети. „Западот да расчисти со македонските политичари кои не му се омилени и покрај јасно изразената волја на граѓаните на изборите во полза на коалицијата „За подобра Македонија“ на чело со Никола Груевски и ДУИ на Али Ахмети.“, била целта на некои надворешни влијанија велат Русите. Дали ова значи дека Груевски на Шчербак му тврдел дека „јас и Али можеме да направиме влада“? Или пак Ахмети се плаши јавно да излезе и да каже дека се ова што се случува со изборот на владата е негов изговор со Груевски и дека би направиле влада, ама…Многу битно е што стои зад тоа ама…Дали се странците…Ахмети сардисан! Од една страна тие,  а од друга Груевски.

Кога велат од руското МНР дека „политичарите од една етничка заедница врз основа на надворешно диктирани ултимативни барања фактички решаваат кој од блоковите на другата заедница да влезе во составот на идната владина коалиција“ јасно е дека тоа е насочено кон Албанците во Македонија. Ако Русите имаат информација од прва рака дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ можат да направат влада, тогаш нема потреба да се прозиваат другите албански партии. Но очигледно некој смета дека има. На овој начин, со јавната поддршка на Ахмети Русите сакаат да го изведат на чистина.

Што станува со руското тврдење дека „бесрамното макијавелистичко манипулирање со волјата на гласачите може да предизвика ескалација на состојбата во Македонија и да ја наруши кревката стабилност во целиот регион.“Прво, кој манипулира со волјата на граѓаните? Ако некој го прави тоа, тоа е претседателот на државата. Со неговото однесување, давам-не давам мандат. Оттука, тоа е тој кој што може да предизвика ескалација на состојбите во државата. А што се однесува до нарушувањето на кревката стабилност во регионот, тука има дел вистина, но нејзиното нарушување гледаме дека се заканува од север. Се разбира доколку не се поттикнат некои сили во државава и тие во целата сегашна состојба во регионот да придонесат за нов пожар.

И додека од средбата со амбасадорот Шчербак јавноста беше информирана со соопштение во десетина реда, од средбата со германската амбасадорка Алтхаузер ВМРО-ДПМНЕ излезе небаре со цела стенограма. И рекле ова и рекле она…демек ремпере ја направиле. Не е тоа прв пат. Имаше „стенограма“ и од една средба со друг амбасадор. Како да се разбере тоа. Порака до јавноста, еве како ние разговараме со странските дипломати! Или се храбрат себе си пред јавноста. Но од друга страна ја ставаат на потсмев амбасадорката Алтхаузер, а тоа не го заборава ниту една држава, не дипломатката, туку државата од каде што е пратена.

Никола Груевски треба да е благодарен на Западот што е премиер. Тоа го потврдија некои американски телеграми од Викиликс, од амбасадорката Џилијан Миловановиќ. ВМРО-ДПМНЕ, пак треба да е благодарна на Германија за она што стана. Да не беа Германците и сесердната нивна поддршка, не само од Фондацијата „Конрад Аденауер“, прашање е дали таа ќе дојдеше на власт во 2006 година. Но и дали ќе ги добиваше изборите во наредните години.

Од 2008 година наваму и Германија и САД и ЕУ го имаа својот „анфантерибл“. Му простуваа се и сешто само во интерес на некаква стабилност во државата. Сега кога и народот во Македонија ги виде оние работи за кои тивко се зборуваше, а Западот ги знаеше, работите го сменија својот тек. Западот требаше да бира, мнозинството од народот или „црвено-црната“ коалиција. Очигледно изборот е направен. Мекиот притисок врз Груевски и Ахмети е само почеток. Колку се оди понатаму тој само ќе се засилува.

Токму тоа ќе биде повод Русите да зборуваат за надворешни влијанија во македонската политика. Тие тоа го прават веќе неколку години. Целта е по секоја цена политички да се вратат на Балканот, или поточно на она што остана надвор од нивна сфера на влијание Србија, Македонија, Република Српска…Идејата за некаква неутрална зона е исфрлена во јавноста и поддржана од некои српски и просрпски партии, надвор од Србија. Може ли Македонија да биде монета за поткусурување? Според расположението на населението денес, многу тешко. Дури и коалициониот партнер на Груевски, Ахмети се уште се колне во ЕУ и во НАТО. Па и самиот Груевски, по потреба, излегува со такви изјави. Не знаеме што му вели на Шчербак во четири очи.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

2018 КЛУЧНА ЗА ПРОЦЕСОТ НА ПРИСТАПУВАЊЕ ВО ЕУ: Лидерите од Балканот утре на неформална вечера во Брисел

2018 КЛУЧНА ЗА ПРОЦЕСОТ НА ПРИСТАПУВАЊЕ ВО ЕУ: Лидерите од Балканот утре на неформална вечера во Брисел

ДОКТОРСКИ СОВЕТИ: Помагаат ли маските во заштита од загадениот воздух?

ДОКТОРСКИ СОВЕТИ: Помагаат ли маските во заштита од загадениот воздух?

По десетти пат марш на црвените чадори! Сексуалните работници мета на насилство и дискриминација

По десетти пат марш на црвените чадори! Сексуалните работници мета на насилство и дискриминација

Велес најзагаден вечерва, зад него е Тетово

Велес најзагаден вечерва, зад него е Тетово

(ВИДЕО) Фрчковски: Аматери сакаат да прават реформи во судството

(ВИДЕО) Фрчковски: Аматери сакаат да прават реформи во судството

Професорки бараат Иванов да стави вето на Законот за јазици

Професорки бараат Иванов да стави вето на Законот за јазици

Нов министер за здравство - Села излегува од Владата?

Нов министер за здравство - Села излегува од Владата?

Заев и Рама ги посетија Македонците во Пустец

Заев и Рама ги посетија Македонците во Пустец

Бејли: Друг руски гасовод нема да донесе чист воздух

Бејли: Друг руски гасовод нема да донесе чист воздух