19 Март, 2024
0.3458

Русија ќе прифати кое било име на Македонија договорено со Грција

Објавено во: Колумни 19 Јануари, 2018

Добивај вести на Viber

Понеделничката прес конференција на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на која тој ги сумираше резултатите од работата на руската диломатија во 2017 година имаше интересен одглас и кај нас. И тоа со повод. На неа на прашање на грчки новинар се прозборе за името на нашата држава. Изјавата на Лавров кај нас доби нееднозначни толкувања, а со реакција се јави и руската амбасада.

Руската Федерација ја призна независна Република Македонија под нејзиното уставно име во август 1992 година. На признавањето претходеа интересни случувања. Тогашниот министер за надвоешни работи на Руската Федрација Андреј Козирев на една балканска турнеја беше во Грција, па дојде кај нас. Според него проблемот е една во буква (МАКЕДОНИА и МАКЕДОНИЈА). Го напиша тоа на еден лист хартија и го покажа пред новинарите. Но и покрај ваквиот став Козирев не беше за признавање на Македонија од страна на Русија. Неочекувано во играта се вмеша Бугарија, попрецизно нејзиниот претседател Жељу Желев. Тој му беше домаќин на рускиот претседател Борис Елцин и по неколкучасовна дискусија Елцин реши Русија да ја признае Република Македонија под уставното име.

Толку од минатото. Во понеделникот грчки новинар, со оглед на активностите околу преговорите меѓу Грција и Македонија за името на Република Македонија, побара за тоа коментар од министерот Лавров, со оглед на некои пореанешни искажувања на руски претставници дека може да го ревидираат ставот за името на таа држава(Македонија) доколку се променат условите.  -Руски претставници кажуваа!?, праша Лавров и додаде дека Русија ја признала Македонија како Република Македонија и ја признава во тоа својство. На дополнителното прашање : А доколку се сменат условите? Дали ќе биде пронајден некој нов компромис? Лавров подолго образложи.

Според него, „Што се однесува до активизираните преговори и напори за решавање на проблемот со името „Македонија“, тие преговори мошне долго време беа во полузаспана состојба и се интензивираа дури тогаш кога САД решија дека Македонија мора да биде дел од НАТО.И, бидејќи Грција веќе е во НАТО, вие како да немате потреба да правите отстапки, додека Македонија, пак, која сакаат да ја вовлечат во НАТО, како да има потреба од таквите отстапки. Тоа во суштина е тоа. Какво име Грција и Македонија и да усогласат за Поранешната Југословенска Република Македонија, доколку за него има официјално решение и утврдено во Уставот на Република Македонија, најверојатно сите ќе го признаат. Но суштината на тоа што се случува се надевам дека сите ја разбираат. Овде воопшто не станува збор за водење сметка за некои заеднички и специфични особини на два блиски народа, туку за тоа дека една од тие земја мора да ја направат членка на НАТО.“

Што кажува Лавров со оваа изјава. Прво, дека Западот решил да не се држи до церемониите и да не' вовлече во  НАТО. Второ, дека Македонија е таа која што ќе треба да прави отстапки за таа цел. Тоа е цената за промена на името, но усогласено меѓу двете земји. Трето, промена на македонскиот устав во кој ќе биде утврдена таа промена на името. И на крај, Русија ќе не признава под сегашното уставно име се додека не настанат погорните промени. Дали има нешто ново во односот на Русија кон прашањето за името? Нема. Грчкиот новинар е во право кога вели дека руски официјални лица изјавувале некогаш дека доколку Македонија и Грција се договорат тогаш таа ќе го почитува тој договор. Мислам, но не тврдам дека тоа своевремено во Грција го има изјавено и самиот Лавров. Ова не е ништо ново и тоа го повторуваат речиси сите земји, па и САД.

По состанокот во средата во Њујорк на посредникот Метју Нимиц со македонскиот и грчкиот преговарач работите не се разјаснети и покрај умерениот оптимизам на Нимиц. Студениот туш од амбасадорот Васко Наумовски за тоа како тој гледа на предлозите на Нимиц и не треба да се сфати трагично, иако е непрофесионално. Тоа е реалноста кога преговараш дваесетина години со појак противник од тебе. Тој е во ЕУ, тој е во НАТО, тој е стратешки позначаен за Западот, но и близок партнер на Русија. Згора на тоа имаш дипломатија неспособна да се справи со предизвиците и која не знае да ги искористи и оние малку адути што ги имаме, на пример пресудата од Меѓународниот суд во Хаг. Но прашањето за улогата на македонската дипломатија во спорот со Грција бара посебна анализа и тоа направена од дипломати.

Инаку уште во август лани на Самитот на лидерите на Јадранската повелба, зад кулисите, како што се пренесуваше во медиумите, македонскиот премиер му го претставил планот за промена на името на американскиот потпретседател Мајк Пенс. Според медиумите, Заев бил за имињата Горна или Северна Македонија, но и Република Македонија (Скопје), но и за референдумско изјаснување.

Ако Лавров се изјаснува за името на прашање на грчки новинар, тогаш рускиот новинар и политички аналитичар Андреј Корибко се јавува како нарачан. Тој има напишано повеќе текстови на македонски теми, но сите се со „апокалиптични сценарија“ или за власта(тогаш на ДПМНЕ и ДУИ) или за државата. Се разбира „апокоалипса“ под влијание на опозицијата која, според него, му служи на Западот и на Сорос, кои пак се винови за сите македонски несреќи. Во декември во една, пак апокалиптична анализа, насловена како „Ќе ја снема ли Македонија од картата на светот во 2018 година?“,  Корибко пишува дека „Заев и неговите колеги потрчковци изгледаат безгрижно, бидејќи немаат патриотска припадност кон својата татковина. Исто како и нивните советски претходници, нивната лојалност лежи во идеологијата, а не во нацијата, и затоа буквално ја продаваат Македонија во Албанија, Бугарија и ЕУ со цел да ја задоволат Грција и со тоа да ја исполнат големата стратешка визија на САД за анектирање на земјата во овие хегемонистички униполарни институции, со цел поефикасно да го нарушат, контролираат или влијаат врз кинескиот (и можеби и рускиот) балкански мегапроект. Последниот чекор е да се отстрани уставното име на Македонија и да се замени со “компромис”...“ -Ако Македонците не се здружат за да го спречат она што лажно се продава како “аполитичка и антикорупциска општествена одлука”, тогаш би можело да биде неизбежно нивната земја да престане да постои со сегашното име, а можеби и како држава (по внатрешна и / или надворешна поделба) до следната година, пишува тој. А за да не се оствари ова сценарио Корибко предлага формирање на Трета сила, која би растела од ВМРОи различните движења на граѓанското општество усогласени со него, со цел да се спротивстават на ограничувањата кои се наметнати на поранешната владеачка партија и да послужат како мост за привлекување на “умерени” поддржувачи на СДСМ кои беа заведени за време на последните избори.

За формирањето на Трета сила во Македонија се зборува повеќе во кулоари и на ФБ. Дали ќе дојде до нејзино формирање, дали Русија би играла некаква улога во тоа, може само да се претпоставува и е исто како да се гледа на кафе. Како што стојат сега работите тешко би дошло до некакво обединување на опозицијата, незадоволниците од СДСМ и некои граѓански движења. Од едноставна причина што ВМРО-ДПМНЕ во моментов е во нокдаун и не е подготвена за такво нешто.

Сега и останува на власта да ја игра играта. Засега промените: Договорот со Бугарија, Законот за јазиците и други, поминаа со мрморење од некои, но и гласно незадоволство од различни слоеви во општеството. Загрижува разочараноста на поддржувачи на промените кои ја донесоа сегашната власт во зданието покрај Вардар. Ќе успее ли Зоран Заев, како што повикува, да ги обедини сите околу прашањето за името?  .Дотолку повеќе што, најверојатно, ќе следи промена на Уставот, референдум и други активности кои ќе бидат ставени на домашен дневен ред.

 Според мене работите ќе се разјаснат кога владата ќе го отвори пликот со предлозите за решавањето на прашањето со името, што го испраќа Нимиц. Со оглед на тоа што нашите политичари најавуваа брзо решавање на ова прашање, тогаш нема да изненади ако првите вести дојдат од Давос каде што, најверојатно, ќе се сретнат премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас. Само Доналд Трамп да не биде во улога на посредник. Ако згустат работите САД и ЕУ ќе се вклучат во преговорите јавно или со тајна дипломатија, тоа е повеќе од сигурно. Сепак, Русија и Кина се големи играчи и не треба ништо да се остави на случајноста. А згора на тоа и сегашните состојби во Европа не се како во времето на Самитот на НАТО во 2008 година во Букурешт. А Русија? Таа ќе се помири и ќе не ословува со име кое ќе го договориме. Впрочем, за името, тоа го потврди и министерот Лавров.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?