Руски нафтен гигант направи зделка од 1,13 милијарди долари и загосподари со Медитеранот
Објавено во: Економија 09 Октомври, 2017
Рускиот нафтен гигант Роснјефт објави дека од италијанскиот Ени за 1,13 милијарди долари купил 30 отсто удел во гасното поле Зохр.
Тоа е најголемото лежиште на гас на Медитеранот.
Од руската компанија соопштија и дека на италијанската компанија и го рефундирале својот удел во трошоците на претходни проекти не наведувајќи износ.
Во Роснјефт сметаат дека благодарение на таа трансакција ќе стекнат искуство во развојот на гасните полиња на море.
Ени го откри наоѓалиштето Зохр во 2015 година во крајбрежниот дел на Египет. Резервите на гас во полето на површина од 231 квадратни километри надминуваат 850 милијарди просторни метри и се најголеми на Медитеранот.
„Учеството во развојот на единствениот производствен имот ќе ги зајакне позициите на Роснјефт на стратешките пазари на Европа и Блискиот исток“, стои во соопштението на руската компанија чиј мнозински сопственик е владата во Москва.
Ени, инаку, со Ина има заеднички гасни полиња во Јадранот.