25 Април, 2024
0.0258

Само небото е граница

Објавено во: Колумни 27 Ноември, 2013

Добивај вести на Viber

Човековите желби и потреби се неограничени. Човековите можности за задоволување на тие желби и потреби се условени од повеќе фактори. Најважен фактор, секако, се парите. Можеме до бескрај да морализираме и да дебатираме дека не е се во парите, на крајот на денот најголемиот дел од нас ќе признаат дека парите сепак го вртат светот.

Финансиската моќ на поединецот, односно неговото лично богатство е тесно поврзано со народната поговорка за чергата и нозете. Оној што има подолга черга автоматски „добива“ и подолги нозе, па ќе може убаво да се испружи. Оној со пократка черга ќе мора малку да ги собере нозете и своето однесување да го прилагоди на должината на чергата. Ги има и такви што немаат черга и веројатно нема никогаш да ја имаат. Тие лица не можат да си дозволат лежечка позиција, ќе мора да си купат билет за стоење. До бескрај ќе стојат или ќе тапкаат во место, без оглед на тоа што од (пре)долгото стоење ќе ги ги заболат нозете, срцето или можеби душата.

Оние кои не можат до крај да си ги пуштат нозете или кои купиле билет за стоење, одвреме – навреме се обидуваат да најдат излез од својата незавидна положба. Излезот го бараат на два начини: или за себе ќе си обезбедат подолга черга (легално или нелегално) или ќе се обидат да ја скратат чергата на тие што целосно ги испружиле нозете и уживаат во својата лежечка позиција. Барањето на подолга черга, односно подобар живот за себеси е афирмативно барање и заслужува целосна поддршка. Барањето за скратување на чергата на другите не е афирмативно и како такво не може да биде оправдано, без оглед на мотивите за таквото барање.

Во последно време сме сведоци на едно такво барање за скратување на чергата на другите. И тоа не било каде, туку во (пре)богатата Швајцарија. Земјата која е позната по чоколадата, часовниците и банкарската тајна, деновиве го привлече вниманието на пошироката јавност со „Иницијативата 01:12“.

Суштината на оваа иницијатива се состои во идејата дека не може месечната плата на еден вработен во фирмата да биде поголема од годишната плата на друг вработен во истата таа фирма. Зошто да не може?!

Веројатно сите ќе се сложиме дека различните работни позиции бараат различен степен на образование и различни познавања на теоријата и праксата во соодветната област. Во крајна инстанца, различните работни позиции повлекуваат и различен степен на одговорност.

Степенот на образование веројатно може да се квантифицира и да се рефлектира врз големината на платата. Што е со квалитативните показатели како што се познавањето на теоријата и праксата на поединецот во соодветната област? Што е со степенот на одговорност? Како ќе се квантифицираат овие показатели и ќе се преточат во математичко равенство? Сеедно дали тој сооднос (според некои) треба да биде 1:5, 1:12 или можеби 1:100?

Да разгледаме уште еден момент. Контроверзното прашањето кое деновиве беше предмет на референдумско изјаснување во Швајцарија бара ограничување на платите, односно нивно сведување на максимален сооднос 1:12 во приватни фирми! Што значи тоа?

Замислете си дека директорот на фирмата „Х“ заработува 20.000 евра месечно, а референтот заработува 1.000 евра месечно. Се забележува дека директорот за еден месец заработува повеќе, отколку референтот за цела година. И што од тоа? Случајно да не дојде крајот на светот кој упорно го најавуваат на секои две – три години?

Ако приватната фирма може да го плаќа директорот 20.000 евра месечно, нека го плаќа. Тоа се нејзини пари. Обичниот граѓанин кој не е вработен во фирмата „Х“ нема допирни точки ниту со фирмата, ниту со директорот, ниту со референтот. Тогаш кој му го дал правото да се меша во нешто што е внатрешно прашање на приватна фирма? Тој граѓанин може да се заинтересира дали таа фирма ги почитува законите или дали плаќа данок на државата. Не може да се меша во добивката на фирмата и начинот на распределба на таа добивка, а најмалку во тоа кој колку плата зема и дали висината на таа плата треба да биде ограничена.

Некој можеби ќе рече дека ваквата иницијатива претставува маркетиншки трик со цел да се одвлече вниманието на јавноста од реалните проблеми. Нека е така, но што ако иницијативата добие поддршка? На овој референдум или можеби на некој од следните референдуми? Што тогаш?

Е тогаш, ќе дојде до нарушување на движењата на слободниот пазар и до интервенционизам таму каде што нема никаква потреба од тоа. Ќе дојде до преселба на капиталот и до затворање на работни места. Сето тоа поради некоја „Иницијатива 1:12“ која објективно припаѓа на некои други времиња и простори.

Затоа, да ги оставиме на раат „и козата и комшијата“. Да се одвикнеме од потребата да гледаме во „туѓото ќесе“. И ние и Швајцарците и било кој жител на оваа планета.

Зашто кога се во прашање личните примања на поединецот – само небото е граница. Сите други коментари сериозно го допираат прашањето на добриот вкус.

д-р Гоце Трајковски

 

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД