28 Март, 2024
0.0252

Санкции или нафта? Главниот проблем на „Големата мечка“!

Објавено во: Колумни 17 Јуни, 2016

Добивај вести на Viber

До крајот на месецов Европската унија ќе одлучи дали ќе се продолжат економските санкции кон Русија. Според она како што стојат работите денес, повеќе од сигурно е дека тие ќе бидат продолжени уште за шест месеци, иако во редовите на ЕУ има членки кои отворено заговараат нивно укинување или омекнување. Од друга страна рускиот премиер Димитриј Медведев пред два дена препорача дека руските контра санкции за увоз на прехранбени производи треба да продолжат до крајот на 2017 година! Продолжувањето на санкциите од страна на ЕУ не е изненадување. Поранешниот руски минисер за финансии, Алексеј Кудрин, кој повеќе од 11 години беше на чело на министерството, вели дека „Првите чекори за укинување на санкциите можат да бидат направени кон крајот на годинава. Кудрин, кој сега е раководител на центарот за стратегиски анализи, од пред еден месец е назначен и за потпретседтел на Економскиот совет при рускиот претседател. „ Мојата прогноза е дека намалувањето на санкциите ќе почне кон крајот на оваа, почетокот на идната година. Можеби тоа ќе бидат мали, демонстративни чекори, но најважно е, мислам, дека ќе бидат направени“ изјави Кудрин во интервјуто за Harvard Business Review во средата.Според него, санкциите имале две основни етапи: првата за Крим, а потоа и за настаните во источна Украина. Кудрин смета дека првата група санкции, за разлика од втората не била многу осетлива. И главно била насочена кон поединци. Затоа сега, смета тој, клучна тема е токму источна Украина. „Ако Европа ја поттикне Украина кон промена на Уставот, кон определување на статусот на проблематичните територии и друго, мислам дека ќе се појави основа за некакво намалување на санкциите“, вели Кудрин. Вчера, со потврда на прогнозата на Кудрин се јави и Financial Times. Според пишувањето на весникот државите приврзаници за намалување на санкциите ја смениле својата позиција. А тоа значи дека санкциите ќе бидат продолжени уште половина година. Според Financial Times, дипломатите стравувале дека продолжувањето на санкциите ќе предизвика жестоки спорови до крајот на месецов меѓу Унгарија, Грција и Иралија, кои сакаат разгледување на санкциите и повоинствено настроените Полска и земјите од Балтикот. Сепак „мирољубивите“ членки решиле да се одложи расправата  за санкциите до Самитот на ЕУ во декември годинава. Најави за продoлжување на санкциите доаѓаа и порано. На пример Доналд Туск, првиот човек на Европскиот совет, на Самитот на Г7 изјави дека ЕУ нема намера да ги укине санкциите против Русија, се додека таа не ги исполни своите обврски од Минските договори за Украина. Минатиот петок со слишна изјава истапија и американскиот претседател Барак Обама и британскиот премиер Дејвид Камерон. Слични изјави доаѓаа и од политичарите од Германија, иако на тоа се противи германската бизнис елита. Во Франција пак и Националното собрание, во април, и во средата Сенатот гласаа за омекување на санкциите и и’ препорачаа на владата да го направи тоа. Но, како што стојат работите сигрно е дека француската влада нема да презема таков чекор. Како ова ќе се одрази врз Русија? Главниот проблем за Русија не се санкциите. Нејзините економски биланси ги урива ниската цена на нафтата. Рускиот министер за економија Алексеј Уљокаев, во интервју за Frankfurter Allgemeine Zeitung го потврдува тоа и вели дека „Од санкциите нема сериозни последици, туку Русија страда од ниските цени на нафтата.“ Тој очекува економскиот пад да заврши во август, а идната година да се забележи раст на економијата. Главниот проблем со санкциите, според него, е што го отежнаа достапот до меѓунарониот пазар на капитал. Тоа најмногу го осетиле фирмите, кои за разлика од државата, имале многу странски долгови. Опслужувањето на тие долгови резултирало со одлив на капитал. Над 150 милијарди долари во 2014 година и уште 57 милијарди во 2015 година. Последиците од сето ова  најмногу ги почувствуваа граѓаните. Во Русија се погласно се борува за сиромаштија. Додека чиновниците, како министерот Уљокаев,  зборуваат за можен раст на економијата граѓаните  се ппвеќе се жалаат на скапотијата. Бројот на сиромашните расте. Експертите од Високата школа за економија  се сомневаат дека дното на кризата е поминато. Рецесијата продолжува, нема големи инвестиции и не се знае кога би можело да се зборува за почеток на раст на економијата. А само пред една година претседaтелот Путин тврдеше дека врвот на кризата е поминат и дека доаѓаат подобри денови за населението и за бизнисот. Се подјадува Резервниот фонд, кој би можел да се потроши до крајот на 2017 година доколку цената на нафтата не надмине 50 долари за барел, а од него засега се финансира буџетскиот дефицит. Државата може да посегне и по Фондот на национална благосостојба, кој засега го чува во резерва. Денес државниот долг, според некои експерти е 10,7 проценти од БДП. Оттука и препораките наместо да се трошат фондовите, земјата да се задолжува надвор или дома. Министерството за финансии најави обврзници во вредност од три милијарди долари кои би се пласирале во странство, но до денес, интерес има за околу 1,5 милијардо долари и покрај тоа што САД ги повикаа своите банки да не влегуваат во дил со руските обврзници, а истото го препорачаа и во ЕУ. Дури и кинески банки не се заинтересирани за нив. Веројатно останува задолжувањето на домашниот пазар. И после сето ова, како големо изненадување доаѓа веста дека Русија од извоз на храна заработила повеќе отколку од извоз  на оружје! Токму така. Пазарниот вишок на житарки заедно со слабата рубља овозможи лани Русија да го зголеми извозот на прехранбени производи до рекордни 20 милијарди долари. Тоа е повеќе отколку што Русија заработила од извоз на оружје. Ова го тврди Bloomberg. И сето тоа благодарејќи на ембаргото на прехранбени стоки од странство, големите субвенции и слабата рубља. Значи на контрасанкциите кои Русија ги презеде како одговор на западните економски санкции. Речиси за 40 проценти е намален увозот на храна во Русија во спордба со 2913 година. За руските олигарси сега е поисплатливо да се свртат кон некои земјоделски гранки отколку кон црпење на нафта. Производителите на шекер, месо, житни и други растенија добиваат големи субвенции, а се ослободени и од плаќање данок на добивка. Bloomberg пишува дека санкциите, војната на Блискиот Исток, уривањето на рускиот авион од страна Турција направиле многу за производството на храна во Русија. Само Турција извезуваше таму храна во вредност од околу неколку милијарди долари. Главна работа, според Bloomberg, Путин завршил со произвоството на жито, Русија лани ги надминала САД и станала најголем извозник на пченица.Да не беше Bloomberg,  човек ќе помисли дека станува збор за традицоналните приказни од советско време дека Русија е пред САД во сите области. А олигарсите? Тие се вртат кон храната. Олег Дерипаска, кој е „цар“ на алуминиумот, е само еден од многуте кои запливал во тие води. Но, како и секаде и овде веројатно ќе се јават приказани за користење на субвенции од луѓе блиски до Кремљ или високопоставени чиновници. А дел од нив веќе наголемо  вложуваат во земјоделството.  Но Русија не се надева само на богатите Руси. Погледот е свртен кон земји во развој или кои не се од Западот. Со Кина се формира фонд од околу две милијарди долари за инвестиции во селскостопански проекти, со Тајланд е формирана фирма која треба да изгради најголем комплекс. Но како и да е, сигурно е дека излезот на Русија од длабоката криза не може да биде производството на храна. Економистите со години повикуваат на структурни реформи, а нив ги нема. Да се заборави на парите од суровините, пред се од нафтата и гасот. За крај една вистинска приказна-анегдота раскажана од наши луѓе од социјалистичко време. ФАС11 Октомври во осумдесеттите години имал намера да продава технологија за производство на автобуси во СССР, поточно во тогашна Украинска Советска Република. И отишле нашиве таму, им ги дале на Украинците техничките документи се договориле како да работат и закажеле повторна средба по некој месец. Кога нашиве заминале повторно во Украина, што да видат, еден автобус одвај е направен и тоа со голема мака. Одговорот на прашањето зошто не можат да почнат со сериско производство бил: „Абе нам ни е полесно тенкови да произведуваме. За истото време ќе направевме стотина тенкови“. Тоа е вистината за постсоветското пространство. Кога најмногу пари се добивале од извоз на суровини. Тешко оди преструктурирањето. А без тоа нема одење напред и фаќање чекор со високоразвиените земји. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?